Свет
Украинскиот министер за одбрана ги објави деталите од договорот со Американците
Украинскиот министер за одбрана, Рустем Умеров, ги соопшти деталите од денешниот договор меѓу Украина и САД, по што беше предложен едномесечен прекин на огнот во Украина.
„Денеска во Џеда, со топлото гостопримство на престолонаследникот Мохамед бин Салман, САД и Украина презедоа важни чекори кон воспоставување траен мир во Украина. Претставниците на двете земји ја пофалија храброста на украинскиот народ во одбраната на својата татковина и се согласија дека сега е вистинско време да се иницира процес кој ќе доведе до траен мир. Украинската делегација ја повтори длабоката благодарност на украинскиот народ до претседателот Трамп, американскиот Конгрес и американскиот народ што овозможија значителен напредок кон мирот“, рече Умеров.
„Украина изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за итен, привремен 30-дневен прекин на огнот, кој може да се продолжи со взаемна согласност, што е предмет на прифаќање и истовремена имплементација од страна на Руската Федерација. Соединетите Држави јасно ќе и дадат до знаење на Русија дека реципроцитетот на договорот е клучен за постигнување мир“, рече Умеров.
Тој додаде дека САД веднаш ќе ја укинат паузата во размената на разузнавачки информации и ќе ја вратат воената помош за Украина.
„Делегациите разговараа и за важноста на хуманитарните напори како дел од мировниот процес, особено за време на споменатиот прекин на огнот, вклучително и размена на воени заробеници, ослободување на цивилни затвореници и враќање на насилно земените украински деца. Двете делегации се согласија да назначат преговарачки тимови и веднаш да започнат преговори за траен мир што ќе обезбеди долгорочна безбедност на Украина. САД се обврзаа да разговараат за овие конкретни предлози со руските претставници, додека Украина нагласи дека европските партнери ќе учествуваат во мировниот процес“, рече Умеров.
Додаде и дека претседателите на двете земји се согласија да склучат сеопфатен договор за развој на стратешките минерални ресурси на Украина што е можно поскоро, со цел да се зајакне украинската економија, да се надоместат трошоците за американската помош и да се обезбеди долгорочна стабилност и безбедност на Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Поранешниот шеф на НАТО: Освојувањето на Гренланд би значело крај на светскиот поредок
Насилното преземање на Гренланд од страна на САД би значело „крај на светскиот поредок каков што го познаваме“, изјави поранешниот генерален секретар на НАТО и поранешен дански премиер Андерс Фог Расмусен, пренесува „Фајненшел тајмс“.
Расмусен го спореди јазикот што го користи Доналд Трамп за Гренланд со јазикот на „гангстери“ во Русија и Кина, кои САД, според него, би требало да се обидат да ги контролираат.
„За мене тоа беше болен процес. Од детството ги сметав САД за природен водач на слободниот свет. Дури зборував за САД како за светски полицаец“, изјави Расмусен, кој испратил дански трупи да се борат заедно со САД во Авганистан.
„Сега гледаме дека САД користат јазик што е прилично сличен на гангстерите што треба да ги контролираат – во Москва, Пекинг итн.“, додаде тој.
Расмусен исто така предупреди дека ваквите поделби на Запад му одат во прилог на Кремљ.
„Убеден сум дека Москва се надева Гренланд да стане санта мраз што ќе го потопи НАТО“, рече тој, заклучувајќи: „Значи, ова е прашање што оди подалеку од Данска и Гренланд… Освојувањето на Гренланд би било крај на светскиот поредок каков што го познаваме.“
Свет
(Видео) Подот попуштил за време на забава: се урна цел кат од зграда во Париз, има повредени
Петтиот кат на станбена зграда во 11. арондисман во Париз се урнал во текот на изминатата ноќ врз четвртиот кат од истата зграда, во момент кога околу педесет лица биле собрани на забава во станот чиј под се урнал, при што 20 лица биле повредени, соопшти противпожарната бригада во француската престолнина.
При уривањето на катот од зградата, кое се случило кога подот на приватен стан на петтиот кат се урнал за време на прослава, едно лице било тешко повредено и доживеало срцев застој, а 19 лица се здобиле со полесни повреди, пренесе телевизијата „БФМ“.
Un appartement du 5e étage d’un immeuble situé rue Amelot, dans le 11e arrondissement, s’est effondré sur un autre du 4e étage cette nuit. Une vingtaine de personnes sont blessées Sur place, des constatations sont faites dans le logement. @actufrparis #Paris #pompiers #logement pic.twitter.com/tHsnWLpRM4
— Antoine Grotteria (@AntoineGROTTER1) January 18, 2026
Пожарникарите од урнатините ги извлекле сите повредени, од кои итните служби пренеле 16 лица во болница.
Противпожарната бригада била известена во 00:20 часот дека петтиот кат од зградата со шест ката, на адреса улица Амело број 34, се урнал врз четвртиот кат.
По инцидентот, зградата, заедно со уште две соседни згради, била евакуирана, но станарите од двете соседни згради во текот на ноќта се вратиле во своите станови. Во интервенцијата учествувале 125 пожарникари и околу 40 возила.
Фото: илустрација
Свет
Педро Санчес: Американска инвазија на Гренланд би го направила Путин најсреќниот човек на светот
Шпанскиот премиер, Педро Санчес, изјави дека евентуална американска инвазија на Гренланд би го направила рускиот претседател Владимир Путин најсреќниот човек на светот.
„Ако се фокусираме на Гренланд, морам да кажам дека американска инвазија на таа територија би го направила Владимир Путин најсреќниот човек на светот. Зошто? Затоа што би го легитимизирала неговиот обид за инвазија на Украина“, рече Санчес во интервју за весникот „Вангардија“, пренесе „Ројтерс“.
Санчес оцени дека секоја воена акција на Соединетите Американски Држави против островот, кој е данска автономна територија, би му наштетила на НАТО и би ја легитимизирала руската инвазија на Украина.
„Ако Соединетите Држави употребат сила, тоа би била смртна пресуда за НАТО. Путин би бил двојно среќен“, заклучи Санчес.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати изјави дека нема да се задоволи со ништо помалку од сопственост над Гренланд, додека лидерите и на Данска и на Гренланд одговорија дека островот не е на продажба и дека не сака да биде дел од САД.

