Култура
Книжевна вечер со Венко Андоновски за српското издание на „Вештица“
Утре (13 март 2025), со почеток во 19 часот, во Српскиот културно-информативен центар „Спона“ ќе се одржи книжевна вечер со Венко Андоновски, посветена на српското издание на неговиот култен роман „Вештица“ објавено минатата година. Ова е веќе трето издание на овој култен роман во превод на српски јазик. Првите две беа објавени во Бања Лука, во превод на Гордана Јовиќ-Стојковска, а ова е прво издание на територијата на Република Србија. Издавач е „Кораци“ од Крагуевац, а преводот е на Љиља Цревар.
На настанот, со свои видувања за романот „Вештица“ ќе се вклучат и истакнатите српски писатели и критичари Мирко Демиќ и Владимир Б. Периќ, уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Кораци“, којшто е и автор на поговорот на српското издание објавено во 2024 година, а свои излагања ќе имаат и претставници на издавачките куќи.
Во рамките на средбата ќе се оствари и разговор со Андоновски, во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски.
За француското издание на романот, славниот автор Милан Кундера, откако го спореди Андоновски со Херман Брох и со Карлос Фуентес, романот го нарече „премногу модерен“, т.е. роман од третата историска епоха во развојот на романот. Во него, авторот не само што ги опишува околината и животот на главниот лик, туку успева да го опфати и недофатливото. Според него, станува збор за мајсторски полифонично дело во кое изненадува разноликоста на наративните техники при што „Вештица“ е голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на Европа. Како што оцени и Георги Старделов, нема слично дело во историјата на книжевноста што толку жестоко ја насликало жестината на измачувањето на човекот. „Вештица“ е роман без „фабричка“ грешка, како што оцени Петре М. Андреевски. Тој и напомена дека оваа книга со ист восхит може да се чита на сите меридијани – Венко Андоновски во овој роман ги урива сите стереоптипи, воздигнувајќи се до највисоките врвови на романсиерската уметност, како што оцени и Старделов.
На оваа книжевна вечер, овдешната книжевна јавност ќе може да има појасен увид и во одгласите и толкувањата за овој роман од српската книжевна фела. За „Вештица“, во 2012 година, Андоновски ја доби и регионалната јужнословенска награда „Кочиќево перо“.
Со овој настан, Српскиот културно-информативен центар „СПОНА“ почнува нов циклус средби и работилници „ПАРАЛЕЛИ И СИНТЕЗИ: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, а во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Република Србија во превод на српски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на слики „Допир на светови“ од Сашо Георгиевски
Во Шибеник, Хрватска во рамките на Деновите на македонската култура, во тек е изложба на слики „Допир на светови“ од Сашо Георгиевски (2-8 декември 2025 година). Организатор на настанот е Хрватско-македонска тангента, со покровителство на Советот за национални малцинства на хрватската влада.

На отворањето присуствуваа многубројни граѓани и личност од хрватскиот (шибенскиот) естаблишмент. Посебно е поздравена ликовната рецензија која ја напиша реномираниот македонски писател Томислав Османли.

„Треба да се има на ум целото богатство на еден визионер на световите во допир кога се гледаат неговите слики во комбинирана техника, форми и колорити, раскошниот свет на Сашо Георгиевски, кој во оваа прилика ни ги подарува на препознавање своите интимно, но и универзални уметнички визии од повеќе периоди на едно богато слоевито наследство, искуство и живот“, напиша меѓу другото Османли во рецензијата.

Честитки по повод изложбата упатија Иво Јосиповиќ, Јадранка Косор, Стипе Месиќ, Златко Крамариќ, Зоран Димитровски, Милаим Фетаи, Здравко Зима, Љупчо Арсовски…

Култура
Браќата Дарден, македонска копродукција и концерти вечерва на „Синедејс“
Со вечерашниот репертоар започнува официјалната натпреварувачка програма на 24 CINEDAYS. Во двете селекции, Официјална конкуренција и СЕЕ се натпреваруваат европски филмови и копродукции кои ја претставуваат флуидноста и непосредноста на можни соработки меѓу филмските работници.
Филмот ЕРА, во режија на Парта Келменди е првата македонска копродукција која ја гледаме на овогодинешниот фестивал, а е селектиран во СЕЕ програма.
„За мене, копродукцијата на филмот ЕРА беше истовремено големо задоволство и значаен предизвик, бидејќи филмот навлегува во чувствителен историски период кој бара искрено, прецизно и автентично раскажување. Рекреирањето на деведесеттите во денешна Приштина беше комплексна задача, но под водство на режисерката и сценаристка Парта Келменди и со посветената работа на македонскиот тим – сценографот Кирил Спасовски, директорот на фотографија Наум Доксевски, монтажерот Михаил Димитров и целата останата креативна и техничка и екипа од Македонија и Косово – успеавме да создадеме филм со кој искрено се гордееме. Извонредните актерски интерпретации на Зана Бериша, Армен Смаили, Албан Укај, Мајлинда Косумовиќ и многу други, ја носат тежината и значењето на приказната со длабока свесност за нејзината културна важност. Соработката меѓу Косово и Северна Македонија во филмската уметност секогаш доаѓа природно и лесно, благодарение на блиското разбирање на нашите култури. Верувам дека ЕРА е уште еден силен пример за тоа колку успешни и вредни дела произлегуваат од ова партнерство“ – вели Марија Димитрова, која е македонски копродуцент во оваа Косовско – македонска продукција.
Во клуб МКЦ од 20:30 часот е закажан Синедејс музичкиот блок, во кој публиката ќе има можност бесплатно да ги проследи концертите на музичките групи Stoinost (Бугарија), Elizabeta Bam (Хрватска), Ubili su batlera (Србија) и Sunblinds (Бугарија). Музичката програма на фестивалот е финансирана од програмата Лајвјуроп.
Во останатиот репертоар на вечерашниов 24. CINEDAYS ќе гледате:
Кратки филмови
17 часот – режија: Флака Коколи – 19 часот 25 Мај
Пријатни летни денови – режија: Невена Десивојевиќ – 19 часот 25 Мај
АМРА – режија: Васил Христов – 20 часот Кино Фросина
Состојба на умот – режија: Александра Кардалевска – 20 часот Кино Фросина
Официјална конкуренција
Кралот Кат – режија: Ури Маранц – 19:30 часот 25 Мај
Нашата прекрасна кланица за свињи – режија: Адам Мартинец – 21 часот Кинотека
СЕЕ
ЕРА – режија: Парта Келменди – 20:20 часот Кино Фросина
Месо – режија: Димитрис Накос – 19:00 часот Кинотека
ГАЛА
Млади мајки – режија: браќата Дарден – 22:00 часот Кино Фросина
Македонија
Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел.
Во рамки на посетата Николоски ќе учествува на настанот “Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и еконoмска граница на Европа” организирана од страна на “Пријатели на Европа” каде ќе има и свое обраќање. На панел дискусијата посветена на проширување на Европската Унија, покрај вицепремиерот Николоски, свое обраќање ќе имаат и Еди Рама, премиер на Албанија, Ана Брнабиќ претседател на Националното Собрание на Србија, Кристина Герасимов вицепремиер за европска интеграција на Молдавија и Герт Јан Купман, Генерален директор за источно соседство и проширување на Европската Комисија.
Николоски во петок ќе учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница. На состанокот на кој ќе претседава Комесарот за одржлив транспорт на Европската Комисија, Апостолис Цицикостас, ќе се разговара за напредокот на земјите од Западен Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурни проекти.
На министерскиот совет, вицепремиерот Николоски ќе говори за транспортните политики на Македонија, напредокот и реализација на проектите на европските транспортни Коридор 8 и 10 и 10 -д, како и за мерките и активностите за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западен Балкан.
На министерскиот совет ќе присуствуваат министри за транспорт и владини претставници од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија, Словенија, од Кипар, Романија, Ирска и од други европски земји.
Исто така предвидени се и значајни средби со претставници од Европската Комисија.

