Македонија
Палевски првин ја прашал Вања кои ѝ се родители за да им испрати фотографии, потоа ја застрелал преку перниче, сведочеше Манев

Обвинетиот Велимир Манев сведочеше во судот за грабнувањето на Вања тврдејќи дека Љупчо Палевски-Палчо им покажувал фотографии од возрасна жена што требало да биде киднапирана, а во комуникација со него тие ја киднапирале 14-годишната Вања не знаејќи дека е дете.
Ја грабнале во влезот на зградата, ја врзале, ја ставиле во вреќа за спиење, која претходно ја зеле од канцеларија и ја ставиле во багажникот.
„Стигнавме до местото Дупки и го отворивме багажникот. Палчо ја праша како се вика, кои ѝ се татко, мајка, од каде е и кога дозна, ни рече да ја извадиме надвор од автомобилот за да ја фотографира и да може да им ги прати на родителите и на фамилијата. Ја извадивме, ја откопчавме вреќата за спиење и кога го тргнав салотејпот, тогаш видов дека тоа е дете, а не жена. Веднаш му рековме јас и Влатко, бевме до него, ова е некоја грешка, дека треба да го вратиме назад девојчето и бидејќи сме под маски, никого не видела, да ја ослободиме. Палчо повторно почна да ми кажува да прекинам, дека јас ништо не знам, сѐ е чисто“, сведочеше Манев.
Потоа им рекол дека првичната сума што им ја понудил за грабнувањето нема да може да се земе и дека таа ќе биде помала.
„Се свртев да гледам кон лозјата, бидејќи беа некои запуштени лозја, кон напуштените соби за да видам во која од собите да ја внесеме. Додека пријдов и гледав. Палевски му пријде на детето со пиштолот и со перниче во раката ѝ го испука куршумот преку него и јас повторно бев надвор од себе. Се врати Палчо до пикапот и од него извади копач и лопата, нови неупотребени. Ги фрли пред нас и нареди да ископаме дупка за да се закопа детето“, сведочеше Манев.
Палчо им наредил да закопуваат, а Манев тврди дека плачел. Потоа Палевски го запалил автомобилот на Панче Жежовски.
Тој рече и дека бил натеран со тепање од полициски инспектори да каже дека Љупчо Палевски бил во комуникација со таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Активни два пожари на територијата на Македонија, под контрола ставени три

Центарот за управување со кризи извести дека во последното деноноќие, до 7 часот утрово на територијата на Македонија имало вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои два се се уште активни.
Се уште гори во подрачјето „Јасен“, во општина Македонски Брод, и во општина Струга, Октишка краста, каде што гори ниска вегетација.
Под контрола се ставени три пожари: oпштина Сарај 2: село Радуша кон село Дворце каде што гори ниска вегетација, општина Арачиново (гори ниска вегетација) и општина Демир Хисар, село Мало Илино (гори дабова шума).
Како што соопшти ЦУК изгаснати се 20 пожари.
Македонија
ДОМ: Катастрофално однесување на владејачката коалиција во услови на екстремен топлотен бран, Владата ги заборави работниците

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) остро реагира на „катастрофалното однесување на владејачката коалиција во услови на екстремен топлотен бран“. ДОМ ги предупредува институциите дека „не може веќе да се прикриваат зад општи соопштенија од Министерството за здравство без конкретни и обврзувачки мерки. Оваа неодговорност става во животна опасност илјадници граѓани и работници ширум државата“.
„Секој ден следиме како Министерството за здравство објавува препораки без рокови и обврски за нивно спроведување, додека Владата не излегува со ниту една одлука што ќе го гарантира правото на безбедна и здравствено прифатлива работа при температури од над 40°C. Ова фијаско мора да престане – не е доволно да се советува „пијте повеќе вода“ додека луѓето колабираат од топлотен удар.
Особено алармантна е судбината на работниците на отворено: градежните работници, земјоделците, лицата што работат на патарините, пазарџиите. Тие се оставени сами на себе без обврзувачки паузи, без обезбедена вода и без заштитна опрема. Ниту Трудовиот инспекторат нема јасни упатства, а инспекторите не смеат да казнуваат без конкретни законски рамки. Ова е срамота за правната држава“, велат од ДОМ.
„Не помалку загрижувачка е ситуацијата на вработените во просториите без клима или инфраструктурните објекти кои го „игнорираат“ топлото време: работниците во магацини, хигиеничарите, вработените во угостителските објекти. Тие работат во неиздржливи услови на загреани простории каде температурите често надминуваат 35°C, без никаков законски пропис што ја регулира должината на работното време или задолжена инсталација на вентилатори и тела за ладење.
Зелената партија ДОМ бара итно донесување на национален акциски план за заштита од топлотен стрес: задолжителни дневни прекини при температура над 30°C, обврзувачка инсталација на вентилатори или клима-уреди во јавни и деловни објекти без ладење, редовна дистрибуција на вода и „сенка“ на градилиштата, како и зајакната контрола и казнени мерки за непостапување по овие правила. Ако Владата не делува веднаш, ДОМ нема да остане мирен набљудувач, туку ќе бара одговорност на сите нивоа“, се наведува во сооптението на ДОМ.
Македонија
На Табановце времето на чекање за влез во државата е 15-ина минути

Поради пожар во Националниот парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори. се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е 15-ина минути, на другите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.