Македонија
Сиљановска-Давкова на отворањето на 12. глобален форум во Баку: ОН се маргинализирани тогаш кога ни се најпотребни
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свеченото отворање на 12. Глобален форум во Баку, што во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ се одржува од денеска до 15 март во Баку, Република Азербејџан.
Таа оцени дека Глобалниот форум во Баку во изминативе години прерасна во една од најважните меѓународни платформи, што ги адресира најважните регионални и глобални прашања.

„Мултилатерализмот отстапува пред мултиполаризацијата. Растечкото геополитичко ривалство го ослабнува системот за колективна безбедност. Обединетите нации се маргинализирани тогаш кога ни се најпотребни. Консензусот по Втората светска војна се доведува во прашање. Како да живееме на почетокот на една нова ера во која се поткопува меѓународниот систем втемелен на правила“, рече претседателката Сиљановска-Давкова на отворањето на Форумот.

Во контекст на актуелните геополитички превирања, претседателката посочи дека од ден на ден имаме сѐ повеќе прашања, а сѐ помалку одговори, а светот станува многу поразлично место.

Таа изрази уверување дека Глобалниот форум во Баку може да понуди свежи перспективи за тоа како да продолжиме да работиме во насока на постигнување и зачувување на мирот, како врвен заеднички интерес.

Главно обраќање на свеченото отворање на настанот имаше претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алијев, а меѓу говорниците беа и претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

