Македонија
Фудбалерот Лазаров не е единствениот, уште двајца спортисти загинаа во страотниот пожар во Кочани

Страшниот пожар што избувна во дискотеката во Кочани, го одзеде животот на повеќе од еден спортист. Покрај фудбалерот Андреј Лазаров, животот го загубиja и голманот Дамјан Танески (18) и кошаркарот Петар Ивановски (20).
Танески беше дел од младинската фудбалска репрезентација, а кариерата ја започна во штипски Мал Ајакс. Играше за младинските екипи на Вардар од Скопје, а подоцна беше член на Брегалница и на Кит Го од Пехчево. Тажната вест за неговата смрт ги потресе сите негови колеги и спортски пријатели, кои го опишаа како талентиран и посветен спортист.
Од друга страна, смртта на Ивановски ја потврди и неговиот матичен клуб Дино Баскет, кој во емотивна порака ја изрази својата тага поради загубата на нивниот талентиран играч.
– Со голема тага ја примивме веста дека меѓу жртвите во синоќешната трагедија е и нашиот соиграч Петар Ивановски. Петар беше многу почитуван меѓу пријателите и соиграчите, а како МВП на турнирот до 14 години остави длабока трага во кошаркарскиот свет. Беше прекрасна личност, борец со големо срце – напишаа од Дино Баскет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Движењето ЗНАМ отвори AI-платформа за директен дијалог со граѓаните, „ZnamGPT: Прашај го градоначалникот“

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија денеска ја промовираше, како што велат, првата интерактивна платформа со вештачка интелигенција во македонската политика – „ZnamGPT: Прашај го градоначалникот“, со што, велат од ЗНАМ, се отвора ново поглавје во дигиталната демократија и политичката транспарентност во земјата.
„Со оваа иновација, Движењето ЗНАМ овозможува директен и брз дијалог меѓу граѓаните и кандидатите за градоначалници на движењето. Платформата им овозможува на граѓаните да поставуваат прашања, да добиваат прецизни и навремени одговори, како и да се информираат за сите проекти, програми и визии на кандидатите“, истакна Маја Рисова Мутлулар, член на Централниот Одботр на Движењето ЗНАМ за наша Македонија.
Таа додаде дека „ZnamGPT“ претставува чекор кон нова политичка култура – култура во која секој може да праша, секој добива одговор и секој знае што се случува во неговата општина.
„Денеска не промовираме само дигитален производ – промовираме нов начин на водење политика. Политика што слуша. Политика што одговара. Политика што не се крие зад изговори, туку стои зад вистината. Преку оваа алатка, граѓаните ќе имаат пристап до информациите за локални проекти и планови, податоците за инфраструктура, урбанизам и јавни услуги, како и за визијата на кандидатите за одржлив и современ развој на градовите. Платформата е достапна 24 часа дневно, 365 дена во годината, и може да се користи од секое место преку линкот www.znamgpt.mk“, рече Рисова Мутлулар.
Македонија
ВЛЕН: Паднаа во вода тврдењата на ДУИ за наводен атентан врз Зеќирија Шаини

Коалицијата ВЛЕН реагира за случајот во кој беше повреден активистот и носител на листата на НАИ во Липково, Зеќирија Шаини.
Од таму велат дека особено загрижува фактот што политичките опоненти, предводени од ДУИ, се обидоа да ѝ дадат политичка димензија на оваа трагедија, грубо манипулирајќи со семеен конфликт во сред изборна кампања.
„Но случајот се покажа како семеен проблем и нема никаква врска со политиката. ДУИ доживеа тежок пораз, бидејќи не ѝ успеа обидот да ја искористи ситуацијата за сопствена политичка корист. Тие беа демантирани и од самиот нивен активист, Зеќирија Шаини, кој јавно изјави дека нема политичко непријателство со никого, со што паднаа во вода сите тврдења за наводен „политички атентат“.ДУИ сакаше да се претстави како херој во туѓи сметки – но тоа не помина. Наместо да придонесе за смирување на ситуацијата, партијата повторно приредува политички театар, обидувајќи се, како и секогаш, да создаде перцепција дека „некој работи против нив“. Помогната од неколку платени новинари, кои дење и ноќе шират лаги против власта, ДУИ ги злоупотребува дури и проблемите на сопствените партиски членови. Ова е стар модел на јавна манипулација и политичка виктимизација, кој има цел да го прикрие падот на довербата и губењето на електоратот“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Сончево со мала локална облачност, максималната температура до 21 степен

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.