Македонија
Никој не смее да биде поштеден од одговорност, ова не е време за политички пресметки, рече Венко Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипле, изјави дека трагедијата во Кочани не смее да се користи за политички пресметки кога народот треба да е обединет. Тој уверува дека како опозициска партија нема да дозволат некој што е одговорен да биде поштеден, и ќе следат процесот да се движи во праведна насока.
„Никој не смее да биде поштеден. Трагедијата е преголема, и ако постои најмала индиција дека некој се штити тоа ќе биде удар за целото општетство“, рече Филипче, апелирајќи до Обвинителството да известува редовно, за да не се остава простор за било какви шпекулации во јавноста.
Според Филипче, од нас зависи какви ќе излеземе од ова – дали како држава што научила од грешките или како општество што дозволило да се заборави.
„Македонскиот народ нема да ја заборави трагедијата, а наша одговорснот е да осигураме дека нема да повтори“, рече Филипче.
Првиот човек на опозициската партија информираше и дека како докор разговарал со дел од семејствата на хоспитализираните и ги уверил дека лекарите прават се’ за повредените.
Тој рече и дека ние сме денес рането општетство, а генерации млади луѓе живеат со болка.
Во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, животот го загубија 59 млади луѓе, а 162 се повредени, од кои десетици се испратени на лекување во странство со тешки изгореници. Досега се уапсени 11 лица. Претходно денес беше објавено дека починал и возачот на брзата помош од Кочани, Иле Гоцевски, кој ги превезувал повредените. По трагедијата и трауматичниот работен ден, дошол дома и заспал, и повеќе не се разбудил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Белгиските тимови се веќе во Скопје за да понудат поддршка по трагедијата во Кочани: Фетаи разговараше со Прево

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Арбен Фетаи, денеска оствари комуникација со министерот за надворешни работи на Белгија, Максим Прево, во врска со трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 лица.
Министерот Прево изрази искрено сочувство и ја истакна посветеноста на Белгија да помогне во надминувањето на ситуацијата, нагласувајќи дека тимовите за брза интервенција B-FAST, вклучувајќи медицински персонал, веќе пристигнале во Скопје за да понудат поддршка.
Заменик-претседателот на Владата Фетаи, во својот одговор, искажа благодарност до Белгија и Европската Унија за солидарноста и итната помош, нагласувајќи дека во вакви моменти е важно да можеме да се потпреме на пријателите.
Тој исто така посочи дека оваа трагедија открила сериозни проблеми во системот, кои бараат итни и храбри мерки, како и сериозна дискусија, која веќе е ставена на дневен ред на денешната владина седница.
Македонија
Здравјето на повредените во пожарот во Кочани да биде врвен приоритет, препорака од Лекарската комора

Лекарската комора ја поздравува навремената реакција на надлежните институции во нашата земја, како и срдечната помош и поддршка што ја даваат другите држави со згрижување на најтешко болните пациенти повредени во пожарот во Кочани.
Овој начин на организација, според нив, е клучeн зa пациентите да добијат вистинска шанса со соодветна и високостручна медицинска помош за да ја надминат тешката здравствена состојба во која се наоѓаат.
Оценуваат дека поддршката што ја добиваме од другите држави како со згрижување на пациентите така и со лекарска експертиза, заедно со посветената работа на нашите доктори, е најважна во овие моменти за да се спречи да расте бројката на трагично загинати.
Лекарската комора исто така апелира да се почитуваат медицинските протоколи за лекување и заштита на ваков тип пациенти, кои предвидуваат изолација и забрана за посети.
„Мора да се има предвид дека овие болни имаат мултисистемско засегање на организмот и зголемен ризик од инфекции. Секој дополнителен контакт со надворешни лица, директно и сериозно, може да го загрози нивното здравје. Присуството на цивилни лица кај овие болни исто така може да предизвика и непотребен стрес и вознемиреност, како и да го попречи работењето на медицинскиот персонал“.
Ги повикуваат сите институции, политичари, медиуми, граѓани и здравствени работници да ги почитуваат медицинските протоколи, а здравјето на повредените да го сметаат за највисок приоритет.
„Веруваме дека со таков однос ќе се постигне поголема доверба кај јавноста отколку со непотребни директни посети на болните“, истакнуваат од Лекарската комора.
Македонија
За Марибор тргна и вториот авион, кој носи уште двајца пациенти од пожарот во Кочани

Денеска беа пренесени уште двајца повредени од трагедијата во Кочани на лекување во Марибор, соопшти Амбасадата на Словенија.
„Со тоа Словенија ја исполнува својата заложба за помош и солидарност со погодените.
Северна Македонија побара помош преку механизмот на Унијата за цивилна заштита“, е објавено од страна на Амбасадата на Словенија.