Македонија
ПР кампањата на Вучиќ со пациентите од Кочани предизвика бран револт на социјалните мрежи

Фотографиите на српскиот претседател Александар Вучиќ со повредените од пожарот во дискотеката во Кочани предизвикаа бран негодувања на социјалните мрежи, како во Србија, така и во Македонија.
Вучиќ на своите лични профили на социјалните мрежи објави фотографии од тоа како ги посетил пациентите повредени во пожарот во дискотека во Кочани, кои се испратени на лекување во Белград.
„За нас трагедијата во Кочани е како да се случила некаде во нашата земја. Верувам дека ќе можеме да им помогнеме на овие луѓе кои дојдоа со ужасно тешки повреди. На располагање им стоиме на нашите браќа и пријатели Македонци и подготвени сме да примиме повеќе пациенти бидејќи имаме болници од прва класа“, напиша Вучиќ на Инстаграм, додавајќи: „На македонскиот народ нема да му биде лесно, а ние секогаш ќе бидеме со него, како што тие беа со нас“.
Вучиќ донесе над 20 репортери, фоторепортери и сниматели во една од собите со тешко повредени млади луѓе.
„Срам да ти е Вучиќ! Немаш тронка достоинство! Од каде имаш право да сликаш луѓе, болни во завои, заради самопромоција! Срам за тебе и за целата твоја придружба!“, „Повредените ги пративме да ги лекувате, а не да правите ПР“, „И ова го искористи за да се промовираш?!“, се некои од коментарите.
Покрај негативните коментари на Инстаграм има и зборови со пофалби и поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Митева: Во Скопје само 2 објекти од вкупно 13 имаат важечка лиценца за кабаре

Имало 22 лиценци за вршење угостителка дејност, а 15 со истечена важност. Во Скопје има само 2 објекти за кабаре со лиценца од вкупно 13 објекти, 8 со истечена, 3 немаат никаква лиценца, посочи на денешната прес-конференција портпаролката на Владата Марија Митева.
„Во Куманово 3 објекти со важечка лиценца. Во Струмица има 4 лиценци од кои еден објект со истечена лиценца. Во Прилеп два објекти , и двата со истечена лиценца за кабаре или ноќен клуб“, рече Митева и додаде:
„Освен тоа се испитува дали има техничка документација за сите тие објекти на територија на целата држава’.
Додаде и дека во изминатите два дена извршени се 50 контроли во угостителски објекти и тоа кабариња, диско клубови.
Македонија
Обвинителството ја продолжува истрагата за пожарот, побаран притвор за уште едно лице

Обвинителството ја продолжува истрагата за пожарот во Кочани. Во притвор се 16 осомничени, а ќе се бара притвор за уште едно.
„И во текот на денешниот ден, со цел координација на активностите, во Кочани е и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски. Врз основа на обезбедените докази, се испитува улогата на 16 лица за кои обвинителството побара и обезбеди мерка 48-часовен притвор. Претрес денеска беше извршен и во просториите на Општина Кочани. Попладнево, до надлежниот суд, Основното јавно обвинителство Кочани ќе достави предлог за определување краткотраен притвор за уште едно лице“, велат од ОЈО.
Претходно, министерот Панче Тошковски, изјави дека уапсено е и лицето кое издало и потпишало проект дека дискотеката „Пулс“ во Кочани ги исполнува сите потребни услови за да добие лиценца за работа. Ова лице, како што кажа министерот, се товари за Тешки дела против општата сигурност во врска со предизвукување општа опасност.
Македонија
Тошковски: Началниците од Кочани и Штип се заменети со скопјани за да нема сомнежи и влијанија во истрагата

Разрешувањето на раководните лица во Кочани и Штип и нивна замена со службеници во Скопје, е со цел процесот да се одвива без притисоци, сомнежи или влијанија, објасни министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на прес-конференција.
Тошковски претходно во текот на денот донесе одлука за разрешување на пет началници, еден помошник-началник и еден командир од полицијата во Кочани и Штип.
„Во моменти како овие, клучно е инситуциите да работат со највисока транспаретност и професионалност, и затоа воспоставуваме оперативна поставеност која ќе овозможи целосна непристрасност со луѓе кои немаат лични или професионални релации со самата средина“, вели Тошковски.
Тој рече и дека началникот на кочанската полиција не меѓу лицата кои беа на распит деновиве, и ниту тој, ниту пак, началникот на СВР Штип засега не се предмет на распит.