Македонија
ЗНМ и ССНМ: Новинари повикани на информативен разговор без претходно објавена забрана за дронови – бараме објаснување од МВР и АЦВ
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат загриженост поради повикувањето на информативен разговор на новинари, меѓу кои и претставници на меѓународни медиуми, по синоќешниот протест во Скопје.
„Според достапните информации, забраната за користење на дронови беше официјално објавена пред 20 часот, речиси два часа откако протестот веќе започна. Дополнително, во соопштенијата на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за цивилно воздухопловство, за градот Скопје воопшто не беше спомената ваква забрана. Ова отвора сериозни прашања за правната основа на постапката кон новинарите.
Согласно Правилникот за воздухоплови без екипаж (Член 7, Став 1), одредени зони можат да бидат ограничени поради безбедносни или други важни причини, но ваквите одлуки мора да бидат прецизно дефинирани и јавно достапни навремено.
Општата примена на забраната без претходно известување и врз цел град, како во овој случај, не е во согласност со оваа правна рамка.
Во интерес на јавноста, бараме од МВР и АЦВ да дадат јасно појаснување за следниве прашања:
1.Зошто забраната за дронови беше објавена дури откако протестот веќе започна?
2.Според најавата Скопје не беше опфатено, а новинари сепак беа повикани на информативен разговор?
3.По кој правен основ цели градови се опфатени, наместо конкретни зони како што предвидуваат подзаконските акти?
4.Зошто медиумите не беа навремено известени за ограничувањата?
Очекуваме институциите да постапуваат транспарентно и во согласност со законите, со цел да се избегнат дејствија што можат да се протолкуваат како ограничување на работата на медиумските работници и слободата на медиумите и тоа за настани од висок јавен интерес.
Воедно, апелираме до новинарите кои користат дронови да го прават тоа одговорно и со внимание, без да ги вознемируваат семејствата и блиските кои поминуваат низ тежок период, особено во наредните денови кога ќе се одржуваат погребите на починатите“, се наведува во соопштението на Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

