Македонија
Пожарот во Струмичко ставен под целосна контрола

Пожарот во Струмичко е ставен под целосна контрола, извести директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека нема опасност по населени места, ниту по околните викендици.
Екипите на територијалната противпожарна единица на Струмица се на терен и го ставија под контрола пожарот кој се ширеше поради ветрот.
При гасењето на пожарот помогнаа и пожарникари од други градови, а на терен се градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес сонце и температури до 20 степени

Во Берово изутринава се измерени – 4 степени, во Лазарополе -1, 0 во Крива Паланка и Струмица, 1 во Битола, Штип и Претор, 2 во Тетово, Охрид, Прилеп, Гевгелија, Кавадарци, Велес и Попова Шапка, 3 во Скопје-Зајчев Рид и Куманово, 4 во Демир Капија, Виница, Крушево и Маврови Анови, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Во текот на денот ќе има зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а попладне долж Повардарието засилен ветер од јужен правец. Дневната температура ќе биде во интервал од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен јужен ветер. Максималната температура ќе достигне до 20 степени.
Македонија
Полицијата фати дилери, требало да продадат 5 килограми марихуана

Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица, бидејќи постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопшти денеска Обвинителството, осомничените, двајца жители на селото Стојаково и еден од Валандово, учествувале и посредувале во продажба на околу пет килограми марихуана која ја набавил првоосомничениот. Три килограми од дрогата се договориле да ја продадат на купувач – грчки државјанин за сума од 9.000 евра. При обид да ја продадат дрогата на локација во Дојран, полициски службеници ги затекнале. На лице место биле уапсени двајца од осомничените, додека третиот се дал во бегство, но набрзо и тој бил приведен. Дополнително, во близина на Богданци е пронајдена преостанатата дрога која им била наменета за продажба.
Со образложение дека осомничените би можеле да се дадат во бегство, да ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоците или соучесниците, да ги сокријат или да ги уништат трагите од кривичното дело, но и дека ќе го повторат делото за кое се гонат, јавниот обвинител до Судот доставил предлог за определување мерка притвор за сите тројца осомничени
Македонија
Сериозна, но стабилна е состојбата на повредените пациенти од страотниот пожар во Кочани

Сериозна, но стабилна им е состојбата на повредените пациенти кои во моментов се лекуваат од здобиените повреди од пожарот во Кочани. Се размислува и за враќање на дел од оние кои се лекуваат во странство. По извршената обдукција на починатите лица во пожарот, кај сите е констатирана насилна смрт од задушување што е предизвикано директно од пожарот.
Според последните информации, вкупно 162 повредени пациенти моментално се лекуваат од здобиените повреди во пожарот во Кочани, од кои 115 пациенти се на лекување надвор од државата. – Освен еден пациент кој се лекува во Турција, другите се во сериозна, но стабилна состојба, информираше вчера на прес-конференција министерот за здравство Арбен Таравари.
На домашно лекување до сега се пуштени 13 пациенти. Со ова на Клинички центар на лекување се 25 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ 12, во Градска општа болница 11 и во Штип еден пациент. Во однос на исписите – еден пациент од Штип, има еден испис од Детска хирургија, три ќе се испишат од Торакална хирургија. Во „Систина“ и „Жан Митрев“ вкупно се лекуваа девет пациенти, од нив пет завчера се испишани.
Во однос на оние пациенти кои се на лекување надвор од државата, во Србија се 30, од кои веќе двајца се екстубирани. Во Бугарија 15 пациенти од коишто тројца се веќе екстубирани. Во Грција 12, од кои двајца се критични. Во Анкара шест пациенти се екстубирани, додека исто толкав број се екстубирани и во болницата во Истанбул.
Во Шпанија се лекуваат седум пациенти, во Австрија пет, во Унгарија шест пациенти, од коишто веќе еден е фебрилен и еден со кашлица, другите се во стабилна состојба. Во Хрватска се пет пациенти, еден е интубиран стабилен и четири други се во сосема стабилна состојба. Во Словенија се вкупно четири пациенти, од кои три се во посериозна состојба. Во Литванија се четири пациенти, едниот и таму е екстубиран, значи е во подобра состојба. Во Белгија четири пациенти, од кои сите четири се во стабилна состојба. Во Италија четири пациенти кои се веќе станати. Во Шведска се четворица пациенти, двајцата сосема во стабилна состојба и во Полска се двајца пациенти од кои само едниот интубиран.
Министерот за здравство Арбен Таравари, најави дека е можно идната недела да се зборува и за протоколи за враќање на овие пациенти.