Свет
Јужна Кореја тврди дека Ким Џонг-ун испратил уште 3.000 војници во Русија
Војската на Јужна Кореја денеска соопшти дека изгледа дека Северна Кореја испратила уште 3.000 војници за поддршка на Русија во нејзината војна против Украина, објави новинската агенција Јонхап.
„Од околу 11.000 севернокорејски војници испратени во Русија, 4.000 се убиени, а се чини дека дополнителни 3.000 или повеќе биле испратени во јануари и февруари“, агенцијата го цитираше Здружениот генералштаб во Сеул.
Кон крајот на февруари, јужнокорејското разузнавање соопшти дека верува оти Пјонгјанг испратил втор бран војници на фронтот во руската област Курск, додавајќи дека не го знае точниот обем на распоредувањето.
Јонхап пренесува соопштение од Здружениот генералштаб во Сеул дека севернокорејската војска веќе претрпела околу 4.000 жртви во војната во Украина. Сепак, не е јасно дали во оваа бројка покрај загинатите има и ранети војници.
Покрај испраќањето сили, Северна Кореја продолжува да и доставува на Русија муниција и оружје во големи количини, вклучувајќи ракети со краток дострел, самоодни хаубици и ракетни фрлачи, тврди јужнокорејската војска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп со порака до демонстрантите во Иран: Продолжете да протестирате, помошта доаѓа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги поддржа демонстрантите во Иран и ги повика да продолжат да протестираат.
Тој ги откажа средбите со иранските претставници и рече дека американската помош е на пат.
„Ирански патриоти, ПРОДОЛЖЕТЕ ДА ПРОТЕСТИРАТЕ – ПРЕЗЕМЕТЕ ГИ ВАШИТЕ ИНСТИТУЦИИ!!! Запишете ги имињата на убијците и насилниците. Тие ќе платат висока цена. Ги откажав сите средби со иранските претставници сè додека не престане бесмисленото убивање на демонстрантите. ПОМОШТА ДОАЃА. МИГА!!! ПРЕТСЕДАТЕЛ ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, објави тој на својот профил на социјалните мрежи Truth Social.
фото/Depositphotos
Свет
Разрешен ураинскиот министер за одбрана
Украинскиот парламент, Врховната рада, го разреши министерот за одбрана Денис Шмихал од должноста, кој треба да ја преземе функцијата министер за енергетика.
265 пратеници гласаа за одлуката, додека пратениците од Европската солидарност и дел од партијата Холос (Глас) се воздржаа, пишува Украинска правда.
Шмихал беше назначен на функцијата министер за одбрана во јули 2025 година. На 9 јануари, парламентот ги прими оставките на Шмихал и Михајло Федоров, првиот вицепремиер на Украина и министер за дигитална трансформација.
Претседателот Володимир Зеленски се сретна со Шмихал на 3 јануари и рече дека очекува парламентот да го одобри неговото назначување на позициите вицепремиер и министер за енергетика.
фото/епа
Свет
Дел од персоналот на француската амбасада го напушти Иран
Неесенцијалниот персонал во француската амбасада го напушти Иран, потврдија за агенцијата „Франс Прес“ два извори запознаени со ситуацијата.
Според нив, персоналот го напуштил Иран во текот на претходните два дена, но не беше објавено колку луѓе заминале.
„Заштитата на нашиот персонал и нашите граѓани е приоритет“, изјави за АФП функционер на француското Министерство за надворешни работи.
Истовремено, три европски земји ги повикаа иранските амбасадори на разговори во врска со репресијата на режимот врз демонстрантите во Иран.
Холандскиот министер за надворешни работи, Давид ван Вил, изјави дека го повикал иранскиот амбасадор „за формално да протестира против прекумерната употреба на сила против демонстрантите, масовните произволни апсења и исклучувањето на интернетот“. Тој додаде дека потегот е направен во координација со европските партнери.
Финска, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори. Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен изјави: „Иранскиот режим го исклучи интернетот за да може да убива и угнетува во тишина“.
Шпанската министерка за надворешни работи, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори.
Шпанското Министерство за надворешни работи побара од Техеран да ја прекине блокадата на комуникациите и да ги запре апсењата на демонстрантите.

