Македонија
Муцунски на средба со амбасадорите на Канада и Обединетото Кралство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на одвоени средби ги прими вонредната и ополномоштена амбасадорка на Канада, со седиште во Белград, Мишел Камерон, и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата со амбасадорката Камерон беше истакната одличната соработка меѓу двете земји на мултилатерален план, особено во рамките на НАТО. Се разговараше за продлабочување на билатералната соработка со фокус на економијата, инвестициите и образованието. Особено беше нагласена потребата од поттикнување канадски инвестиции и поддршка на иницијативи за развој на трговијата и претприемништвото.
Во разговорот со амбасадорот Лосон, министерот Муцунски изрази благодарност за солидарноста што Обединетото Кралство ја покажа по трагичната несреќа во Кочани, како и за упатениот тим за итна медицинска помош кој активно соработува со македонските здравствени институции. Оваа поддршка беше оценета како исклучително важна за долгорочната грижа и третман на повредените пациенти.
Средбата беше дел од редовната комуникација и координација со Обединетото Кралство и посветена на утврдување на следните активности во рамки на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу двете земји. Двете страни ја нагласија потребата од динамизирање на работата на Заедничкиот комитет за имплементација на Спогодбата, преку редовни годишни состаноци.
Министерот Муцунски ја повтори благодарноста за континуираната поддршка од Обединетото Кралство во спроведувањето на надворешно-политичките приоритети на Северна Македонија, вклучително и преку бројни проекти во земјата. Тој го истакна нивото на развиеност на билатералните односи и оцени дека планираните активности ќе бидат силна потврда за стратешкото партнерство меѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

