Македонија
(Видео) Пиротехниката во затворен простор ќе се најде пред пратениците, се менува Законот
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка го менува Законот за јавен ред и мир, со што се става ред за употреба на пиротехнички средства во затворен простор. Ова го соопшти пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски.
Говорејќи пред новинарите, Јаревски рече дека неделава биле посветени на изнаоѓање на решенија кои во иднина нема да дозволат да се случат нови трагедии или хаварии.
„По скратена постапка го менуваме законот за јавен ред и мир, кој ќе создаде нови механизми за воведување ред, заштита и поголема безбедност за секого. Предлог законот го стеснува обрачот околу оние кои создаваат ризици преку злоупотреба и незаконско користење на пиротехнички средства, особено во затворен простор. Се заострува регулацијата за приредување огномет, факелијада и слични приредби на кои се користат експлозивни материи“, рече Јаревски.
Тоа ќе значи и заострување на казните за поединци и фирми кои ќе ги прекршат одредбите од овој закон. Дел од казните се двојно повисоки, а за некои, законот предвидува и притвор.
Преку ова законско решение ќе се прошири и надлежноста на полицијата – механизам преку кој ќе овозможат поголема контрола при користење на експлозиви, како и побрзо и поефикасно спроведување на овој закон.
Тој најави дека во периодот кој следи, во Собранието ќе се поднесат и други предлози кои се подготвуваа изминативе две недели – период во кој Собранието не заседава по трагедијата во Кочани.
Тој ги повикува колегите пратеници, без разлика на политичката припадност, да го поддржат овој предлог-закон, бидејќи станува збор за суштинска промена која не засега сите. Ја охрабрува и пошироката јавност, активно да се вклучи во дискусијата и да даде свои сугестии.
Во пожарот што го предизвика пиротехниката во Кочани, за време на концертот на ДНК, животот го загубија 59 млади луѓе, а околу 200 се здобија со повреди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Заедно со граѓаните и со опозициските политички партии отвораме фронт за правда
„Со неуставна Резолуција ДПМНЕ-ЗНАМ сакаат да ја задушат демократијата и слободата на говор во Македонија. Целта е по секоја цена да се обидат да ја замолчат опозицијата да зборува за темата мигранти и нивниот договор. Со забрани и закани за кривични пријави да нема дебата за она што тајно го договориле далеку од очите на јавноста“, велат од СДСМ.
„СДСМ тоа нема да го дозволи. Заедно со граѓаните и со опозициските политички партии отвораме фронт за правда.
Прв чекор ќе биде претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок која ќе ја поднесеме денеска.
Предавничката Резолуција е спротивна на Уставот во делот на основните човекови слободи и права а тоа е слободата на изразување и политичко делување.
Заедно со граѓаните Фронтот за правда ќе се бори за Македонија, за слободата и демократијата со сите демократски механизми.
Ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата!“, соопшти СДСМ.
Македонија
Спроведени 262 контрли на безбедноста на новогодишните пакетчиња, утврдени се минимални недоследности
Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за контрола на безбеднста на детските новогодишни пакетчиња. Надзорите беа спроведени во магацини за пакување на пакетчиња, маркети и продавници кои вршат промет со овој вид призводи.
Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите во пакетчето и заради некомплетни декларации, инспекциските служби на АХВ издадоа 4 решенија со наредба за повлекување од промет на новогодишни пакетчиња, а на двајца оператори со храна, издадени им се решенија со наредби за ставање на збирни декларации на пакетчињата.
Со спроведените 262 инспекциски контроли на безбеднсота на новогодишните пакетчиња, нема оператори со храна кои се парично казнети, ниту е поништена небезнедна храна.
Во споредба со лани спроведените контроли на безбедноста на оваа категорија производи, кога беше утврдено несоодветно означување на пакетчиња, немање декларации и наведен рок на употреба на збирно пакување, најдени беа и пакетчиња кои содржат производи со поминат рок на употреба и со краток рок на трајност на призводите како и производи со променети органолептички својства, годинава, кај операторите, утврдени се само минимални недоследности, извести АХВ.
И покрај тоа, АХВ и во нардниов период, особено пред и по новогодишните празници, ќе продолжи со спроведување на контроли за следење на безбедноста на оваа категорија производи, додаваат од Агенцијата во писменото соопштение.
Македонија
Дел од општината Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот корисниците на улиците Борис Сарафов и Атанас Иљоски (општина Ѓорче Петров).

