Македонија
Јаневска: Го јакнеме финансиското образование, градиме млади подготвени за управување со финансии и за справување со ризици и измами

Финансиската едукација на младите е исклучително важна бидејќи ги подготвува за управување со финансии и планирање на буџетот, разбирање на економските процеси и препознавање на ризиците и обидите за финансиски измами. Во таа насока, повеќе надлежни институции работат на унапредување на постојниот концепт, процес во кој од клучно значење ќе бидат резултатите од истражувањето за финансиската писменост што го спроведува Бирото за развој на образованието.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната панел дискусија на тема „Финансиска писменост во Македонија – состојба, предизвици и решенија“ во рамки на третиот Женски економски форум кој го организираат здруженијата „Јас Сум Жена“ и „Global Shapers Skopje Hub“ заедно со Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Јаневска рече дека финансиската едукација во основното образование кај нас е застапена преку теми во наставните програми по повеќе предмети, а постојат и слободни изборни предмети и воннаставни активности. Станува збор за интегриран пристап воведен по препорака на ОЕЦД. Во средното образование пак, односно во гимназиското и уметничкото има задолжителен предмет, а во стручното – задолжителен и изборни предмети постојат во одредени струки.
„Секој концепт може да биде и подобар и затоа Министерството за образование и наука со Министерството за финансии, Народна Банка, Македонската банкарска асоцијација и други страни тесно соработуваат, разменуваат информации, идеи и искуства за да може постепено финансиската едукација да се надградува –преку проширување на наставната материја, преку повеќе обуки на наставниот кадар и слично. Во оваа насока од особена важност ќе бидат и резултатите од истражувањето за финансиската писменост што го спроведува Бирото за развој на образованието, а кое ќе ни обезбеди податоци за идните политики“, рече министерката.
Осврнувајќи се на подготвеноста на младите да препознаваат финансиски измами, рече дека тоа се глобални предизвици кои бараат постојана адаптација, учење и заедничка регионална и меѓуинституционална соработка.
Покрај панел дискусијата посветена на финансиската писменост на која учествуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, во рамки на форумот се
одржаа и работилници на тема „Клуч за финансиски успех“ и „Сајбер ризици и заштита на личните податоци“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.