Регион
(Видео) Грција ја зафати невидено невреме, уништени омилените туристички места, владее хаос

Страшното невреме што ја зафати Грција речиси инстантно ги уништи омилените места за одмор во оваа земја. Некои од најубавите грчки острови се на удар на многу силно невреме, најтешко се погодени Миконос и Парос, а по невремето, владее хаос.
Парос вчера попладне го зафати силен дожд, кој за неверојатно краток временски период ги претвори улиците во реки. Водата носеше автомобили, влегуваше во домовите носејќи сè пред себе.
Врнеше со часови, а спасувачите многу тешко интервенираа. Припадниците на противпожарната служба добиле стотици повици за помош.
Припадниците на Секторот за вонредни ситуации биле испратени на островот со хеликоптер, кој на крајот не можел ниту да слета поради ужасните временски услови. Во меѓувреме, граѓаните добија итна СМС-порака да избегнат какво било движење бидејќи временските услови беа исклучително опасни. Во исто време беше донесена одлука во вторник да нема настава во училиштата.
Само неколку часа откако Парос беше зафатен од невремето, истата судбина го снајде и Миконос. Силен дожд, ветер и град го погодија островот создавајќи хаос. Патиштата и овде се претворија во реки што носат автомобили, контејнери и сè што се наоѓа на патот.
Во некои области нивото на водата беше високо повеќе од еден метар оставајќи многу семејства заробени во своите домови, а спасувачите не можеа да дојдат до нив.
Метеоролозите велат дека вчера на Парос наврнало колку што врне дожд за еден месец, а на Миконос наврнала количина колку за два месеца. За среќа, нема многу луѓе на островите, а се верува дека ситуацијата би била многу подраматична доколку ова се случеше за време на велигденските празници кога е пораздвижено од луѓе.
Метеорологот Јоргос Катрафилијас вели дека во тој случај и итна СМС-порака до граѓаните би била недоволна да ги заштити.
„СМС не е доволна доколку луѓето не се обучени како да реагираат и да се справуваат со вакви екстремни ситуации“, вели метеорологот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трагедија на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград: маж почина штом слета од Тунис

Вистинска драма се одвивала синоќа, еден час по полноќ, на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, кога на патникот Н. Л. (64) му се слошило штом неговиот авион слетал од Тунис.
Според информациите објавени од „Блиц“, лекарите на аеродромот „Никола Тесла“ веднаш му укажале помош, но човекот не можел да се спаси.
Неговата сопруга била до него цело време. Таа, неофицијално, изјавила дека на нејзиниот сопруг му се слошило штом излегол од авионот. Лекарите итно реагирале, но и покрај нивните напори, немало начин да се спаси.
За случајот било известено Вишото јавно обвинителство, кое нареди обдукција на телото на мажот, објавија српските медиуми.
Регион
Фон дер Лајен: Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека само обединета Европа може да биде независна Европа, дека поголема и посилна Унија е гаранција за безбедноста на сите и дека иднината на Западен Балкан, Украина и на Молдавија е во ЕУ.
Во својот годишен говор до нацијата пред Европскиот парламент таа повика на следно обединување на Европа.
„Кога зборуваме за независност, зборуваме за избор на нашата судбина. Тоа е она за што се бори Украина. И тоа е она што го заслужуваат сите Европејци. Бидејќи Европа е идеја – идејата за слобода и заемна сила. Тоа беше идејата што ја водеше генерацијата по 1989 година кога Истокот и Западот се обединија. Сега е исто толку моќна како што беше и тогаш. Затоа ги доближуваме идните земји членки до нашата Унија. Треба да го одржиме темпото на овој процес базиран на заслуги“, рече Фон дер Лајен, пренесува „Танјуг“.
Фото: принтскрин
Регион
(Видео) Силен земјотрес ја погоди Грција

Земјотрес со јачина од 5,3 степени го погоди грчкиот остров Евија во текот на ноќта и беше силно почувствуван во Атина, соопшти Институтот за геодинамика на Националната опсерваторија во Атина. Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) ја процени јачината на 5,2 степени.
Земјотресот се случил околу 30 минути по полноќ по локално време, а епицентарот бил во морето 45 километри североисточно од грчката престолнина и 4 километри од брегот на Неа Стира на југозапад од Евија, вториот по големина остров во Грција.
2/#Greece #σεισμός #sismo #deprem https://t.co/UkYhUkNJG3
— GeoTechWar (@geotechwar) September 9, 2025
Според грчките медиуми, засега нема вести за евентуални жртви или штети. Градоначалникот на Маратон, Стергиос Циркас, изјави за телевизијата ЕРТ дека земјотресот бил многу силен и додаде дека засега нема вести за штети.
Грција се наоѓа на неколку геолошки раседи и често е погодена од земјотреси. Во мај, земјотрес со јачина од 6,1 степени го погоди островот Крит и беше почувствуван дури до Египет и грчкиот главен град, додека во јануари и февруари беше регистрирана силна сеизмичка активност во областа на островот Санторини во Егејското Море.