Македонија
Левицата: Не поминаа предлозите за удвојување на породилното отсуство и плата до петти во месецот

За жал, пратениците од владејачкото мнозинство, составено од ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ, продолжуваат со нивната арогантност игнорирајќи ги потребите и барањата на граѓаните. На денешната седница на Собранието се најдоа два Предлог-закони на пратеничката група на Левица со кои беше предвидено зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци и исплаќање на платите на работниците до петти наредниот месец наместо до петнаесетти, велат од партијата.
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, го образложи Предлог-законот за дуплирање на породилното отсуство потенцирајќи дека ваквото законско решение одговара и на левиот и на десниот политички кампус, односно, како што кажа, вградена е вредноста за социјалните права и семејните вредности. Тој истакна дека обединувачка е националната потреба која е од корист за целата држава.
„Во 2016 имало граѓанска иницијатива за вакви законски измени, па во 2017 пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложила вакви законски измени кои тогаш не добиле поддршка од тогашното мнозинство“ – потсети пратеникот од Левица.
Мециновиќ истакна дека овој предлог во однос на мајчинството е само почеток, а треба да се адресираат и други неразумни сегменти какви што се: условот за непрекинат работен однос од 6 месеци, губењето на работното место и со тоа – ограничување на породилното отсуство и слично.
Владејачкото мнозинство не го прифати ниту предлогот за исплата на платата на работниците до 5-ти во месецот, а овој Предлог-закон го образложи пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
„Ако може за нас, пратениците, платата да се исплаќа до петти во месецот – тогаш треба и за сите останати кои нѐ избрале да им се исплаќа до петти“ – истакна тој.
Јанчев посочи дека сегашното правило за исплаќање на платите на работниците до 15-ти во месецот ги става во особено тешка ситуација граѓаните коишто треба да исплаќаат рати од кредитите, да плаќаат кирија и да ги платат месечните сметки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити и Вардар го претставија Мастер планот за Чаир, сеопфатна визија за модерна, функционална и урбано силно идентификувана општина

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити во соработка со
светски познатиот архитект, Бајрам Вардар, денес го претставија Мастер
планот за Чаир, стратешки документ кој има за цел трансформација на
општината во модел на одржлив развој, со модерна инфраструктура, урбано
зеленило, културни простори и нови образовни и младински центри.
Мастер планот е резултат на работењето на широк тим експерти од Турција
и Северна Македонија, под водство на архитектот Бајрам Вардар, урбанист
со потекло од Скопје, кој изгради успешна кариера во Турција и беше дел
од тесниот тим на претседателот Реџеп Таип Ердоган за време на неговиот
мандат како градоначалник на Истанбул. Во тимот учествуваа и познатите
експерти Надир Доган и д-р Мустафа Тутар, заедно со локални специјалисти
кои обезбедија прилагодување на планот кон реалните потреби на Чаир.
Мастер планот се темели на седум клучни столбови на развој:
Транспорт и сообраќај
Заштита на културното наследство
Туризам и економија
Образование
Култура и уметност
Рекреација и спорт
Урбана трансформација
Фокусот на планот се конкретни решенија за олеснување на сообраќајот и
модернизација на инфраструктурата. Визијата предвидува изградба на
булеварот “Хрватска” и “Црна Гора”, што ќе овозможи движење од
Автокоманда кон Сарај без да се минува низ Чаир. Исто така, предвидено е
проширување на булеварите “Митат Фрашери”, “Џон Кенеди” и “Цветан
Димов”, како и оптимизација на клучните сообраќајни точки за зголемување
на протокот. Еден од најзначајните проекти е изградбата на кружниот тек
околу парк-шума Гази Баба.
Друг клучен елемент е ревитализацијата на Стариот Чаир, со конкретни
мерки за зголемување на бројот на туристи, развој на економијата и
културниот живот, со трансформација на традиционалните ханови во
функционални центри и епицентри на урбани активности.
Проектот предвидува и создавање на 5000 нови паркинг места, вклучувајќи
механички паркинзи, како и изградба на нови младински центри, реновирање
на постоечките училишта и креирање на модерен кампус за Универзитетот
“Мајка Тереза”.
Посебно внимание во Мастер планот е посветено на проектот „Модерна
Топхана“, кој има за цел трансформација на населбата Топхана во иконичен
и атрактивен простор за Скопје, со спојување на траги од верски,
културни и историски вредности со современ архитектонски јазик, во
согласност со стандардите на Европската Унија.
На настанот за презентација на Мастер планот присуствуваа граѓани,
архитекти, урбанисти, претставници на медиуми и јавни личности, кои ја
поздравија оваа иницијатива како голем чекор кон трансформација на Чаир
во европска општина со силен урбан и културен идентитет.
Македонија
Трипуновски: Откупот на пиперка се одвива непречено, земјоделството останува врвен приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ

„Вчера во Струмица остварив средба со откупувачи и преработувачи на пиперка. На средбата договоривме откупот на пиперката да се одвива со одбитоци не поголеми од 3%, а откупната цена да не биде пониска од 25 денари за килограм пиперка откупена на рефус. Исто така, договорена е и динамиката на откупот, при што целата пиперка ќе биде откупена“, информира министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
„Денеска, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, ги посетивме откупните центри во Кривогаштани и Могила, каде што извршивме увид во откупниот процес на пиперката. Ова е резултат на нашата постојана грижа за заштита на интересите на земјоделците и обезбедување на фер услови при откупот на земјоделските производи. На секој откупен пункт ќе има инспектор кој ќе го следи откупот и нема да дозволи манипулации во самиот процес. Земјоделството е приоритет и ние сме тука да ги штитиме правата на секој земјоделец“, пишува во објавата на ФБ.
Македонија
(Фото) И пратеници трчаа на скопскиот маратон

Денеска во Скопје се одржа 21. Визер Скопски маратон. Првпат институцијата Собрание настапи како организиран тим, со силна порака за блискост со граѓаните и тимски дух, под мотото „Собрание за граѓаните – трчаме заедно“, информираат од прес службата на Собранието на Македонија.
64 пратеници и службеници од Собранието трчаа во неколку дисциплини, и тоа: полумаратон, штафета и трка на 5 километри, за промоција на здрави навики, солидарност и институционална отвореност кон граѓаните.
Учеството на Маратонот е дел од Планот за подобрување и ЦАФ мерки кои успешно се имплементираат во Собранието од септември 2025 година, согласно Програмата за собраниска поддршка (ПСП).
На штафетата, Собранието беше претставено од 2 екипи, додека на полумаратонот трчаа 6 претставници. Во трката на 5 километри учествуваа 50 претставници на Собранието.
„Пратениците и службениците со гордост ја пренесоа пораката дека Собранието е институција блиска до граѓаните, која трча заедно со нив – во спортот и во развојот на општеството. Во суштина, ова учество не е само спортски настан — тоа е симболична порака за транспарентност, соработка и човечки пристап во работата на Собранието“, стои во соопштението.