Македонија
Мицкоски за средба со Филипче: Стојам на располагање во секое време, јас сум сериозен човек
Подготвен сум да го примам на средба претседателот на СДСМ, Венко Филипче, но непристојно е за ова да се разговара преку медиуми. Јас сум сериозен човек и најмалку што треба е да се прави естрада на јавна сцена, изјави премиерот Христијан Мицкоски откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција рече дека е потребен концепт за нов општествен и политички дијалог и дека е спремен во следните денови за ова да разговара со премиерот.
На новинарско прашање дали ќе има среда со Филипче, Мицкоски рече дека стои на располагање во секое време.
„Јас кажав дека ова е сериозна тема и за сериозна тема се седнува и се разговара. За мене е непристојно преку медиуми да се разговара. Јас реков, подготвен сум да го примам на средба претседателот на СДСМ да го образложи планот, бидејќи се сериозни времиња, јас сум сериозен човек и најмалку што треба е да се прави естрада на јавна сцена. Доколку навистина има план и желба да помогне стојам на располагање во секое време, на полноќ на полноќ, после полноќ после полноќ. Кога ќе каже тогаш, да го сослушам неговиот план и да видиме дали може со тој план нешто да се реши“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека, сепак, нема да прифати секакви планови.
„Доколку планот опфаќа „пристап Стабри“ како што беше за време на короната, тогаш јас такви планови не можам да прифатам“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Удово – Валандово
Сообраќајот на патниот правец P1105 – Удово – Валандово, кој поради излевање на Калковска Река беше во прекин, е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 05:25 часот и се пренасочуваше на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Македонија
Сиљановска-Давкова учествува на Светскиот самит на владите во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, по повод учеството на Светскиот самит на владите.
Претседателката ќе биде главна говорничка на сесија посветена на демографските промени. Таа ќе говори за перспективата на државава во однос на демографските промени и нивните импликации врз националниот развој.
Сиљановска-Давкова ќе учествува на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, како и на Светскиот самит на лауреати, што се одржува за прв пат во пресрет на Светскиот самит на владите, со вклучување на носители на Нобеловата награда и водечки научници во дебатите за креирање политики.
Предвидени се повеќе билатерални средби на Сиљановска-Давкова со учесници на самитот.
Централна тема на настанот е „Обликување на влади на иднината“.
Светски самит на владите е глобален форум што поврзува шефови на држави и влади, меѓународни организации, експерти, претставници од приватниот сектор и други креатори на политики со цел да се промовира глобална соработка, иновации и решенија за идни предизвици на светско ниво. Самитот ги истражува најновите трендови и најдобрите практики во управувањето, технологијата, одржливиот развој и други клучни области за подобрување на животот на луѓето ширум светот.
На годинешното издание на самитот е најавено учество на над 35 шефови на држави и влади, повеќе од 150 владини делегации и околу 6.000 учесници.
За време на работната посета на ОАЕ, претседателката Сиљановска-Давкова ќе биде придружувана од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.

