Свет
Манекенката која беше најдена полумртва покрај патот во Дубаи се разбуди од кома
Украинскиот модел на „Онли фанс“, Марија Ковалчук, која беше пронајдена во Дубаи со повеќе повреди по мистериозен пад, се разбуди од кома по голема операција. Нејзината состојба е стабилна, но бара долготраен третман, објавија нејзините пријатели, а пренесува „Дејли Мејл“.
Се вели дека сè уште не може да зборува, но нејзиниот живот не е во опасност. На девојката ќе и треба долго време за понатамошно лекување. Според лекарите, Марија била подложена на неколку операции откако била пронајдена во критична состојба без пасош, но сега е стабилна.
Анџелина Дорошенко, пријателка на Марија Ковалчук, за руските медиуми изјави дека состојбата на украинската манекенка е стабилна, но дека ја чекаат уште две посложени операции.
„Марија конечно си дојде на себе. Недамнешната операција беше успешна, а сега ќе следат уште две“, изјави Дорошенко.
Во исто време, роднините на Марија не откриваат детали што точно се случило. Мајката на девојчето изјавила дека ќе даде официјални коментари дури откако ќе заврши истрагата.
Дваесетгодишната украинска манекенка Марија Ковалчук исчезнала осум дена откако на пријателите им кажала дека е поканета на забава во хотел на 9 март. Според неколку украински медиуми, таа требала да дојде на настанот „со двајца мажи кои се претставиле како претставници на модниот бизнис“.
Како што пишува „Дејли Мејл“, манекенката и рекла на мајка си Ана дека ќе преноќи со тие претставници, но подоцна исчезнала. Медиумите објавија дека манекенката можеби учествувала на забава „Порта Поти“, каде богатите мажи наводно им плаќаат на манекенките големи суми пари за да учествуваат во понижувачки и срамни сексуални дејствијаа.
На крајот таа била пронајдена тешко повредена на патот во Дубаи во исклучително тешка состојба. Според полицијата во Дубаи, Марија се здобила со повреди откако сама влегла на „затворено градилиште“ и паднала „од височина“. Од полицијата тврдат дека до тој заклучок дошле по „обемна истрага“.
И покрај тоа, семејството Ковалчук ја отфрла оваа верзија на настаните и смета дека таа не паднала на градилиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Од Украина до Молдавија, од Западен Балкан до Турција“: Кои се приоритетите на претседавањето на Кипар со Европската Унија
Кипарскиот претседател Никос Христодулидис вчера во Лефкара ги претстави програмата и приоритетите на претседавањето на земјата со ЕУ од 1 јануари, како и логото и мотото на претседавањето.
Приоритетите на кипарското претседавање ќе бидат автономија преку безбедност, одбранбена подготвеност и спремност, автономија преку конкурентност, автономност и отвореност кон светот, автономна Унија на вредности која никого не остава на страна, како и долгорочен буџет на автономна Унија.
Во согласност со овие приоритети, мотото на кипарското претседавање „Автономна Унија. Отворена кон светот“, како што се наведува на официјалната веб-страница на кипарското претседавање со ЕУ, го одразува визионерскиот пристап кој ја комбинира внатрешната сила и независност со отвореност, соработка и глобален ангажман.
Во рамки на третиот приоритет – автономна и кон светот отворена Унија – се нагласува дека проширувањето на ЕУ е во центарот на овој процес, пренесе агенцијата „Бета“.
„Од Украина до Молдавија, од Западен Балкан до Турција, проширувањето е најмоќното геополитичко средство на ЕУ. Во суштина, станува збор за проширување на нејзиниот витален простор на безбедност, стабилност и можности“, се наведува.
Претставувајќи ги приоритетите, Христодулидис изјави дека Европа и во минатото се соочувала со сложени, па дури и егзистенцијални кризи и дека морала да одговори преку развој, додавајќи дека новина денес се интензитетот, плурализмот и комплексноста на предизвиците.
„Автономијата е следниот чекор во еволуцијата на проектот на европската интеграција. Потребна ни е Европа без поделби“, истакна кипарскиот претседател.
За време на своето второ претседавање со ЕУ, Кипар, како што е најавено, ќе дејствува како одговорен и чесен посредник и ќе соработува тесно со Европскиот парламент и Европската комисија, со цел предизвиците да се претворат во можности и да се обезбеди амбициите да бидат проследени со конкретни активности и опипливи резултати.
Со кипарското претседавање ќе заврши осумнаесетмесечниот програм на триото претседавања на Полска, Данска и Кипар.
На крајот на јуни следната година, Кипар ќе го предаде ротирачкото шестмесечно претседавање со Советот на Европската Унија на Ирска.
Фото: depositphotos
Свет
ЕУ ги продолжи санкциите кон Русија за уште шест месеци
Советот на ЕУ денес ги продолжи економските санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина за уште шест месеци.
Санкциите, кои се продолжени до 31 јули следната година, опфаќаат широк спектар на секторски мерки што вклучуваат ограничувања за трговија, финансии, енергетика, технологија и стоки со двојна намена, индустрија, транспорт и луксузни стоки.
Тие исто така вклучуваат забрана за увоз или транспорт на сурова нафта и одредени нафтени производи од Русија во ЕУ, суспензија на пристап до SWIFT за неколку руски банки и суспензија на емитување и лиценци во Европската Унија за неколку руски медиуми.
Мерките исто така ѝ овозможуваат на ЕУ да се спротивстави на заобиколувањето на санкциите. Санкциите со кои се замрзнуваат средствата на Руската централна банка беа продолжени со посебна одлука пред неколку дена до понатамошно известување и повеќе не мора да се обновуваат на секои шест месеци.
Покрај економските санкции, ЕУ воведе голем број мерки против Русија, како што се ограничувања на економските односи со Крим и со областите што не се контролирани од украинската влада во Донецк, Херсон, Луганск и Запорожје, како и мерки против физички и правни лица чии средства се замрзнати и патување во ЕУ.
фото/депозитфотос
Свет
Од музејот Лувр украдени над 8.000 дијаманти и 200 бисери: Откриени нови детали за грабежот на векот
Над 8.000 дијаманти и повеќе од 200 бисери, со вкупна вредност од околу 88 милиони евра, биле украдени за време на пљачката на музејот Лувр во октомври, откриваат нови детали од истрагата до кои дошла француската телевизија БФМТВ.
Според наводите од истрагата, двајца осомничени, означени како XH1 и XH2, на 19 октомври во 9:24 часот наутро упаднале во Галеријата Аполон, откако со брусилица го скршиле прозорецот. Целата акција траела помалку од четири минути.
За време на пљачката биле украдени драгоцени камења од осум изложени парчиња накит – вкупно 8.482 дијаманти, 35 смарагди, 34 сафири и 212 бисери.
XH1 носел црна фантомка, темна јакна и црни ракавици, додека XH2 бил со сив шлем. Двајцата крадци го зграбиле накитот и го ставиле во торба и во џебовите.
По пљачката, XH1 и XH2 се спуштиле, додека уште две лица ги чекале на Кејот Франсоа Митеран, кој се наоѓа покрај десниот брег на реката Сена, непосредно до музејот Лувр.
Потоа сите четворица побегнале со скутери.
Двата скутери се упатиле јужно од Париз кон локација каде што наводно ги чекало мистериозно бело комби, кое никогаш не било пронајдено и за кое се сомнева дека било користено за транспорт на накитот. Четворицата осомничени потоа се поделиле во две групи – две лица на скутерите и две во комбито; едната група се упатила кон западниот, а другата кон источниот дел на Париз.
Француската полиција, врз основа на ДНК траги пронајдени на местото на злосторството и на напуштената опрема, идентификувала и уапсила четворица осомничени, на возраст меѓу 30 и 40 години.
Сите се обвинети и се наоѓаат во притвор, а според законот се сметаат за невини додека не се докаже нивната вина.
Украдениот накит сè уште не е пронајден.

