Македонија
Во телефонот на Кешишев, Палевски бил запишан „царот“: „Го видов Палчо со пиштол и се слушна тап истрел“
По барање на одбраната на Влатко Кешишев, обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо беше отстранет од судницата оти му било страв да зборува пред него.
Кешишев потоа одговараше на прашањата на одбраната и обвинителството за случаите со грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, тврдејќи не бил свесен за она што се случува.
Палевски му бил мемориран во телефонот како „Царот“. Потврди дека присуствувал на копањето на дупката во Велес, каде што беше пронајдено телото на Панче. Палевски го испратил да му помогне на Велибор Манев, па заедно ја копале дупката без да разговараат и без изустен збор се вратиле назад. Вели дека копале во близина на Велес, но не знаел за што се работи и мислел дека бараат злато. По некое време го прашал Манев за што е дупката, по што дознал дека е за киднапирање.
Сведочеше и дека кога се зборувало за грабнувања, никогаш не станало збор за убиства. Не ги познавал убиените, ниту пак, таткото на Вања. Тврди дека во моментот на убиството на Вања чувал стража. Бил оддалечен. Кога се светел, Палчо држел пиштол во раката, по што следел истрел, тапо пукање. Го викнале за да го закопаат телото, а исто како што сведочеше Манев, и Кешишев потврди дека Палчо потоа криел траги бришејќи ги лопатата и копачот. Алатот го фрлиле покрај патот.
Кешишев тврди и дека не видел кој и како го убил Панче, а откако дознал дека е мртов, не пријавил оти бил збунет и Палевски му забранил да ги напушти просториите на партијата.
Судењето продолжува в петок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Скопје се одржува меѓународен студентски симпозиум посветен на предизвиците во новиот свет на дигиталната ера
Во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ денес и утре во Скопје се одржува меѓународен студентски симпозиум посветен на предизвиците во новиот свет на дигиталната ера. Студенти од Македонија и повеќе други земји презентираат свои трудови и дебатираат за најновите трендови во технолошкиот развој, а собирот го отвори министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која посочи дека вакви настани ја потврдуваат посветеноста на академската заедница кон развој на знаењето и критичката мисла – две вредности без кои нема напредок ниту одговорен однос кон иднината.
„Јасно е дека современата технологија, а особено вештачката интелигенција во поново време е неразделен дел од секојдневието и сите професии. Создава нови можности за напредок, но истовремено поставува и низа прашања на кои мораме одговорно да пристапиме, а одговорност најмногу се очекува од младите, затоа што се најголеми носители на дигиталното знаење, но и оние кои први ги забележуваат неговите ограничувања“, рече Јаневска.
Министерството за образование и наука, велат од таму, активно работи на создавање услови што ќе овозможат младите да стекнат релевантни дигитални компетенции и практични вештини. Преку модернизација на наставните програми, опремување на образовните установи со современа технологија, поддршка на истражувањата и поттикнување на иновациите, како што рече министерката, се стремиме да создадеме образовен систем кој ќе одговори на потребите на новото време.
“Покрај техничките знаења, сакаме да го поттикнеме и критичкото размислување, креативноста и етичката свест кај младите луѓе, затоа што тие се основа на вистинскиот напредок“, додаде Јаневска, посочувајќи дека истражувањата, идеите и препораките што ќе произлезат од симпозиумот ќе бидат вреден придонес кон заедничките напори за изградба на подобар дигитален свет во кој технологијата ќе служи на човекот, а не обратно.
Македонија
Лога: Македонија е единствената земја во Европа која сѐ уште нема биометриски лични карти
Северна Македонија е единствената земја во Европа која сѐ уште нема биометриски лични карти, реагираат од Алијанса за Албанците.
„Овие документи лесно се фалсификуваат и можат да се злоупотребат, особено во изборните процеси (процесот на прислушувањето докажа такво нешто), со што се загрозува изборниот резултат, чесноста на процесот, но и безбедноста на државата, вклучително и на регионот (имајќи ја предвид слободата на движење на Западен Балкан со лични карти)“, истакнува Кренар Лога, потпретседател на АА.
Доколку постои итност во земјата, нагласува тој, тоа е трансформацијата на сите овие лични документи во биометриски.
Македонија
Гаши-ДИК: во фокусот одржувањето на повторени избори за градоначалници во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Центар Жупа
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари работна средба со претставници на Државната изборна комисија: Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија; Абдуш Демири, потпретседател на Комисијата и Александар Даштевски, член на Комисијата.
Средбата ја организира претседателот на Собранието во функција на членот 132-а од Изборниот законик, согласно кој треба да се одржат повторени избори за градоначалници на Општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша и Центар Жупа. Ова од причина што условот од членот 132 став (2) од Изборниот законик – да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список, не е исполнет во овие Општини.
Средбата помина во конструктивна атмосфера и беше оценета како позитивен пристап на институциите кога станува збор за прашања што се од интерес на државата, во конкретниов случај Собранието и Државната изборна комисија. Повторувањето на изборната постапка во наведените четири општини ќе биде поизвесно по одлучувањето на Државната изборна комисија по поднесените приговори, што може да влијае на објавувањето на конечноста на резултатите од Локалните избори 2025.
На крајот, присутните искажаа заемна благодарност за одржаната средба и продолжување на меѓусебната соработка за прашања што се од важност како за двете институции, така и за државата во целина.

