Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За народот минималец, за синдикалците на батерии максималец
За народот минималец, за синдикалците на батерии максималец кои работниците ги користат за свои интереси и дебело профитерство. Раководството на ССМ, синдикатот го претворија во алатка за дебело профитерство и лагоден живот со високи примања, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Синдикалната активност, од активност за работничките права ја претворија во профитабилна активност која на раководствата им носи дебели плати. И сето ова додека зборуваат за минимална плата, без да имаат никакво чувство на грижа или пак трошка чувство на емпатија. Додека Слободан Трендафилов и луѓето околу него ги лажат и манипулираат работниците за минимална плата, тие имаат примања и неколкукратно поголеми од минималната плата. Ова е лицемерието на синдикалците на батерии како Трендафилов и луѓето околу него, за народот минималец, за синдикалците максималец. За ова не молчат и веќе го пријавуваат луѓето на кои им е преку глава од ваквото искористување и злоупотреба на работниците за свои цели и профитерства, и од односот на Трендафилов и луѓето околу него со Синдикатот како со своја фирма“, се наведува во соопштението.
Според партијата, тоа го потврдуваат и последните информации кои што ги доставиле револтирани свиркачи, од кои, како што велат, произлегува дека претседателката на Синдикатот на поштенски и телекомуникациски работници, Васе Депонова има годишни примања од 794.000 денари.
„И оваа исто како и Трендафилов со огромни примања, репрезентации и бенефиции зборуваат за минимална плата. Со примања кои надминуваат 1.6 милиони денари годишно, Трендафилов не може да биде синдикалец. Тој само го злоупотребува синдикатот и за таа цел користи неколку луѓе околу него, кои исто така ги врзал со големи примања. Слободан Трендафилов и луѓето околу него се разоткриени. Народот и работниците ги прочитаа и веќе никој не им верува. Знаат дека синдикалната активност им е за нивни лични интереси и профитерство и дека СДС се крие зад ССМ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

