Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го повика Обвинителството да оформи предмет против градоначалникот на Крива Паланка
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повика Обвинителството да оформи предмет против градоначалникот на Крива Паланка од редовите на СДСМ, Сашко Митовски, за кој велат дека свесно ширел паника за наводно загадената вода во Крива река, по хаваријата во „Тораница“,
„Градоначалникот на Крива Паланка свесно ја лажеше македонската јавност дека во водите на Крива река имало присуство на цијанид за 100 пати над дозволеното. Сашко Митовски не штедеше зборови и секојдневно изминатата недела ширеше паника меѓу жителите, за да дојде до ситни политички поени во пресрет на локалните избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот претходно повикувајќи се на извештаи на акредитирани лаборатории, на прес-конференција, изјави дека е водата во Крива Река, по земените примероци, еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“, е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето по должината на течението на реката, но и за флората и фауната.

„Извештајот покажува неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, а она што најмногу загрижува е десеткратното зголемено присуство и концентрација на тешки метали, поточно количината олово во водата. Дополнително, за неколку стотици пати е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор и азот во Крива Река“, рече градоначалникот.
Одговорноста за токсичната вода во и во Крива Река и во Тораничка, локалната власт ја гледа кај фирмата БУЛМАК 2016 ДООЕЛ, која стопанисува со рудникот Тораница.
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, ги отфрли тврдењата. Рече дека нема цијанид неколку стотици пати над дозволеното во Крива Река, туку се работи за двапати над дозволеното. Сепак, директорката потврди дека инспекторите дента кога се случила хаваријата не зеле мостри.

„Инспекторите се самостојни во своите одлучувања, самите прават проценка“, рече таа одговарајќи на новинарско прашање. На нејзино барање, потоа биле земени примероци од шест точки, меѓу кои и онаа на која градоначалникот утредента зел мостра. Резултатите, вели, не се такви какви што ги презентирал градоначалникот.
Прашана дали тоа значи дека се спорни резултатите на акредитираните лаборатории, Гиновска рече: „Не тврдам и не навлегувам во тоа дали се спорни, но резултатите кои беа прочитани од страна на градоначалникот не беа веројатно точно прочитани. Тој направи паника и рече дека неколку стотици пати над дозволеното има цијанид“.
Oд СДСМ потоа изјавија Гиновска ги штити загадувачите, наместо граѓаните. Застрашувачка е леснотијата, велат о СДСМ, со која Гиновска признава дека двајцата инспектори кои биле на должност по преливањето на јаловиштето во Тораничка река се во тесни релации со рудникот Булмак, односно едниот инспектор е поранешен вработен во рудникот додека сопругата на другиот работела во споменатата компанија. Дополнително, како што се додава, загрижува и леснотијата со која Гиновска констатира дека инспекторите кои требало да го контролираат рудникот се бивши раководители и вработени во „Булмак 2016”.
Во извештајот на Државниот инспекторат се вели дека инцидентот се случил поради пукање на цевка која доведува технолошка вода.
На компанијата „Булмак“ 2016 изречена и е казна од 180.000-200.000 евра за правниот субјект и 10.000 евра за одговорното лице, која е најголема казна во законот за животна средина. Компанијата потпиша спогодба и предметот е предаден на Комисијата за спогодување, при Министерството за животна средина и просторно планирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната кинеска амбасадорка Џианг Сјаојен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Обете изразија задоволство од квалитетот на македонско-кинеските односи, втемелени на заемна почит и разбирање.
За Сиљановска-Давкова, забрзаната интеграција во Европската Унија е македонски стратешки приоритет, а дијалогот – единствен начин за решавање на регионалните и глобалните проблеми и предизвици.
Пренесувајќи ги срдечните поздрави од претседателот Си Џинпинг и изразите на највисоко почитување од кинеската влада и народ, кинеската амбасадорка истакна дека Народна Република Кина е наш искрен, доверлив и сигурен пријател којшто ги почитува суверенитетот на македонската држава и достоинството и интегритетот на македонскиот народ.
Претседателката ги поздрави активностите на Катедрата за македонски јазик, при Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Соговорничките препознаа неискористен потенцијал за проширување и продлабочување на соработката во економијата, образованието, културата, науката и туризмот.
Тие веруваат и го поддржуваат ефективниот мултилатерализам, чијшто центар на одлучување ќе бидат реформираните Обединети нации.
Македонија
Ѓорѓиевски најави: Вечерва почнуваат 72 часа за чистење на секој агол на Скопје
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска ја презеде функцијата од неговата претходничка, Данела Арсовска, најави дека вечерва во 20 и 30 часот почнува големата акција за чистење на градот.
„Од овој ден испишуваме ново поглавје во историјата на нашиот град. Поглавје исполнето со работа, посветеност и резултати. Ветивме дека ќе работиме чесно, одговорно и без одлагање и тоа започнува веднаш! Во 20:30 часот започнува големата акција за чистење на градот. Во следните 72 часа ќе го исчистиме секој агол, секоја улица, секој запуштен простор. Скопјани повеќе нема да живеат во запуштеност ќе живеат во град достоен за нив. Тоа е она што го ветив пред вас и за што цврсто стојам!“, објави Ѓорѓиевски.
Тој, исто така, кажа дека ги отстранил и рампите кај Град Скопје.

„Ги отстранивме и рампите. Скопје повеќе нема да биде затворен град, сега е отворен и за медиумите и за сите граѓани“, објави новиот градоначалник.
Ѓорѓиевски најави и целосна ревизија на работата на градската администрација и ветува дека секој кој не ја извршувал својата работа, ќе си замине, а секој чесен, вреден и одговорен работник ќе биде награден и почитуван.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Швајцарија, Кристоф Зомер
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер.
Соговорниците ја оценија тридецениската соработка како пријателска и плодна, изразувајќи решеност и подготвеност за нејзино проширување и продлабочување.
Претседателката му се заблагодари на швајцарскиот амбасадор за континуираната поддршка на македонската евроинтеграција. Исто така, таа и оддаде признание на Швајцарија за бројните и вредни донации во областа на заштитата на младите и жените, животната средина, како и во зајакнувањето на инклузивноста и одговорноста.
За швајцарскиот амбасадор, стоилјадната македонска дијаспора е вреден и почитуван актер во швајцарското општество.
Мултилатералната соработка, особено врзана за кандидирањето на престижни позиции двајцата ја сметаат за корисна, конструктивна и успешна.

