Македонија
Сиљановска-Давкова: Мојата земја, во сè пофрагментиран свет, останува силно посветена на ефективниот мултилатерализам со ОН во нејзиниот центар
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со заменичката генерална секретарка на Обединетите Нации, Амина Џ. Мохамед и се обрати пред постојаните координатори на ОН од Европа и од Централна Азија.
Изразувајќи сочувство за трагедијата во Кочани, Мохамед истакна дека од несреќата, за жал, сите научија голема лекција и сфатија дека може секому да му се случи. Според неа најдобрата одлука којашто ја направила државата е што голем дел од повредените биле испратени на лекување во странство. Со ваква голема загуба, посочи таа, ниту една земја не може и не треба да се справува сама.
Разговарајќи за улогата на Обединетите Нации, како организација создадена да го штити мирот, соговорничките се согласија дека по 8 децениско постоење, неопходно е Организацијата да се реформира во согласност со современите мировни и демократски предизвици.
„Да градиме почитувано и инспиративно лидерство, да ги облагородиме суровиот реализам и силата со идеализам, со право, етика и морал“, истакна претседателката.

Заменичката генерална секретарка рече дека ОН мора да ги задржат вредностите и принципите на Организацијата и да бидат погласни, со што на сегашните и на идните земји членки ќе им докажат дека има имаат бенефит од членството во ОН.
Осврнувајќи се на процесот на нашата евроинтеграција, заменичката генерална секретарка рече дека е важно ОН да се заложат за нас, како мала земја која неправедно и предолго, чека за влез во ЕУ.
Пред постојаните координатори на ОН од Европа и од Централна Азија, Сиљановска-Давкова истакна дека иако светот претрпе длабока геополитичка, економска, еколошка, демографска и технолошка трансформација, надлежностите, структурите и процедурите на ОН останаа главно непроменети.
„Неопходни се суштински реформи што ќе ги направи Генералното собрание и Советот за безбедност полегитимни и подемократски институции во исполнувањето на Повелбата на ОН. Советот за безбедност не може да се бира, да има состав и да одлучува како во 1945 година. Тој мора да се реформира и да стане поодговорен за одржувањето на меѓународниот мир и безбедност. Генералното собрание мора да ја надмине својата дебатна улога и да прерасне во клучно тело во процесот на одлучување и креирање политики. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата мора да станат обврзувачки за сите држави“, рече таа.

За неа координаторите на ОН се носители на глобалната совест, поборници и борци за мир, даватели на помош на оние на кои им е најпотребна, носители на надеж во време на очај. Таа им ја изрази и вети нејзината поддршка и додаде: „Како човек којшто го посветил својот живот на правото и правдата, сè уште верувам во потребата од ефективен мултилатерализам со силни, реформирани Обединети Нации“.
Претседателката исто така, ја истакна нашата заложба за интегрирање на Целите за одржлив развој во националната стратегија, фокусирајќи се на климатските активности, еднаквоста и владеењето на правото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

