Македонија
Меџити: Таравари треба да расчисти со дилемите, неприродно е и „Влен“ и соработка со ДУИ

Арбен Таравари треба да расчисти со дилемите, смета неговиот коалициски партнер, Изет Меџити.
За односите меѓу нив, во рамки на коалицијата „Влен“, оценката на Меџити е дека тие се добри, а и двајцата комуницираат. Сепак, тројца од четворицата лидери на политичките партии кои ја сочинуваат „Влен“ се согласни дека треба да настапат заедно на локалните избори, но Таравари размислува поинаку.
„Разговараме деновиве сите политички субјекти во коалицијата да се претопат во ‘Влен’, како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на локалните избори. Единствениот кој има дилеми и гледа како можна опција и соработка со ДУИ е Таравари, за тоа него ќе го прашате. Таравари треба да расчисти со дилемите, неприродно е и „Влен“ и соработка со ДУИ“, рече Меџити.
Планот е коалицијата да настапи на изборите со заеднички кандидати, листи, штаб, програма и платформа. Меџити се осврна на листите, коментирајќи дека градоначалниците се избираат по мнозински модел, додека самите листи ги фаворизираат големите. Нема смисла, вели тој, ние сме кај големите и сега да одиме кај малите оти тоа ќе значи да се изберат гласови во прилог на ДУИ. Тогаш се поставува прашањето и за кого работиме, додаде Меџити.
Прашан дали се планира владина реконструкција пред изборите, Меџити одговори: Ќе видиме тоа, ќе процениме кои се аргументите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Два активни пожари во државата, два се под контрола, а 29 се изгаснати

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои два се активни, два се под контрола, а 29 се изгаснати, извести Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во општина Липково – село Никуштак (гори нискостеблеста деградирана шума и дабова шума) и во општина Студеничани – село Варвара и село Драчевица (гори мешана шума и ниска вегетација).
Како што информираше ЦУК под контрола се пожарите во општина Берово – Дрџински рид, м.в. Стојковото, село Русиново (дабова и букова шума и папрат) и во општина Гази Баба – Вардариште (ѓубриште).
Изгаснати се 29 пожари.
Македонија
„И СДС и Димовски признаваат дека во период на изборни циклуси бил следен и прислушкуван Мицкоски“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Скандалот со прислушкувањето на АНБ и АР на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, новинари, бизнисмени добива се поголеми размери. И СДС и поранешниот нивен директор на АНБ, Виктор Димовски признаат дека имало следење и прислушкување на неистомислениците, критички кон нив настроените новинари, јавни личности“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Во обид да се извлечи од целата ситуација откако СДС потврди дека имало прислушкување, Димовски призна дека во период на изборни циклуси во државата процениле дека било неопходно да се следи ВМРО-ДПМНЕ, на чело со претседателот Мицкоски, како тогашна опозиција.
Која безбедносна закана би биле партиските активности на партијата во пресрет на тогаш локални и парламентарни избори, освен закана СДС да си замине од власт.
Ова нивно признавање за петгодишно следење и прислушкување на претседателот Мицкоски значи дека не само тој, туку и неговото семејство биле предмет на следење на тајните служби.
Овие безбедносни служби, наместо да се грижат за безбедноста и да го штитат интегритетот на државата и граѓаните, тие биле маша за политичка борба и притисок на СДС, а главен извршител бил Виктор Димовски.
Виктор Димовски многу добро знае што правел, и какви кривично правни последици има тоа и токму затоа треба јавно да признае што и по чија наредба од врвот на политиката правел.
Ова следење и прислушкување не би било можно без директна дозвола од Зоран Заев, затоа што во целиот систем бил вклучен и Љупчо Коцевски од ЈО, кој подоцна токму СДС го избира за државен јавен обвинител, како и Врховниот суд.
Овој скандал на злоупотреба на безбедносните служби во политички цели, не смее да остане несанкциониран и одговорност мора да има, за никогаш да не се повтори“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Филипче во работна посета на Франција

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска е во еднодневна работна посета на Франција.
Во рамки на посетата, Филипче ќе одржи средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги.
Претседателот Филипче ќе одржи средба со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани.
За време на работната посета во Париз, Филипче ќе има состанок со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј, и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
Воедно, Филипче ќе има средба и со Бенжамин Куто, истражувач при Институтот „Жак Делор“.
„Во фокусот на средбите ќе биде спроведувањето на реформската агенда и моменталниот статус на евроинтеграцискиот процес на Македонија“, соопштија од СДСМ.