Свет
Американските медиуми: САД повлекуваат 10.000 војници од Европа
Пентагон го разгледува предлогот за повлекување до 10.000 американски војници од Источна Европа, што предизвика загриженост кај американските и европските претставници, објави „Ен-би-си њуз“ повикувајќи се на шест извори запознаени со планот.
Тие се од силите распоредени од американската армија по руската инвазија на Украина во 2022 година. Тогаш администрацијата на претседателот Џо Бајден испрати дополнителни 20.000 војници во источното крило на НАТО за да ја зајакне одбраната на сојузниците по должината на украинската граница. Според информациите на Ен-би-си, сегашниот предлог вклучува можност за повлекување до половина од овие сили.
Дискусијата за намалување на военото присуство доаѓа во време кога Доналд Трамп се обидува да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на прекин на огнот во Украина, тврдат американски извори.
Администрацијата на Трамп јасно стави до знаење дека очекува европските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана бидејќи Вашингтон сака да ги пренасочи воените ресурси кон Кина и другите глобални приоритети.
Во февруари новиот министер за одбрана на САД, Пит Хегсет, за време на својата прва надворешнополитичка посета на Брисел изјави дека „стратешките околности не дозволуваат САД да бидат првенствено фокусирани на безбедноста на Европа“. Фокусот, рече тој, ќе биде на одбраната на јужната граница на САД и на одвраќањето на Кина.
Според Ен-би-си, некои европски функционери стравуваат дека овој потег може да се сфати како знак за американско повлекување од Европа, што според нив ќе ја охрабри Русија.
„Русија би го протолкувала намалувањето на американските сили како слабеење на одвраќањето и би била поподготвена да се меша во европските работи“, изјави Сет Џонс од Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС).
Бен Хоџис, пензиониран генерал, кој командуваше со американските сили во Европа, предупреди дека повлекувањето значително ќе ги ослаби одбранбените способности: „Полска и Романија ја зајакнуваат својата одбрана, но тоа сепак ќе остави празнина, што некој ќе треба да ја пополни“, рече тој.
На сослушувањето во Сенатот републиканскиот сенатор Роџер Викер ја критикува можноста за повлекување:
„Длабоко сум загрижен за опасните ставови на некои бирократи од среден ранг во Министерството за одбрана. Тие работат на повлекување на САД од Европа – честопати без знаење на министерот за одбрана“.
Ен-би-си пренесува дека портпаролот на Пентагон не го коментирал случајот, а американската војска исто така одбила да даде официјална изјава.
Во исто време, администрацијата на Трамп спроведува кратења во буџетот за одбрана, а повлекувањето на дел од силите од Европа би овозможило прераспределба на средствата во Индо-пацифичкиот Регион, кој Вашингтон го смета за постратешки важен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина очекува 150 авиони, Зеленски рече: „Ќе ја зајакнеме борбената авијација“
Украина очекува да добие 150 авиони „Грипен“ од Шведска, од кои првиот треба да пристигне следната година, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Заедно со Шведска, Украина значително ќе ја зголеми својата борбена авијација. Договорот со Шведска за борбените авиони „Грипен“ е историски чекор и е добар избор. Сметаме на 150 вакви авиони за Украина, а првите треба да пристигнат следната година – рече Зеленски во објава на Фејсбук, пренесува Укринформ.
Тој додаде дека авионите „Грипен“ се дел од безбедносните гаранции на Украина.
– Ваквите воени воздухопловни сили ќе можат сто проценти да го заштитат нашето небо. А толку голем договор за борбена авијација никогаш не е потпишан за Украина. Историско достигнување. Работиме на негово целосно спроведување – рече Зеленски.
Свет
Вештачката интелигенција помешала чипс со оружје, тешко вооружена полиција опколи ученик во САД
Систем за детекција на оружје базиран на вештачка интелигенција инсталиран во средно училиште во округот Балтимор погрешно идентификувал кеса со чипс како пиштол и ја известил полицијата, која потоа интервенирала со пиштол врз 16-годишен ученик. Таки Ален седел пред средното училиште Кенвуд по фудбалскиот тренинг јадејќи грицки кога се случил инцидентот, објавија американските медиуми.
Само дваесет минути подоцна, тој бил опкружен од осум полициски автомобили и неколку тешко вооружени полицајци. „На почетокот не знаев каде одат сè додека не почнаа да одат кон мене со оружје и да викаат: „’Легни на земја’, и бев во шок“, рече Ален.
„Ме натераа да клекнам, ги ставија рацете зад грб и ми ставија лисици. Ме претресоа и сфатија дека немам ништо“, додаде тој. „Само држев кеса Доритос со двете раце и еден прст испружен, а тие рекоа дека изгледа како пиштол“, објасни ученикот.
Овој инцидент ги истакнува очигледните недостатоци на сегашните системи за детекција на оружје што се имплементираат во училиштата низ САД. Таквиот софтвер, покрај генерирањето лажни позитиви, се покажа дека не е во состојба да спречи вистински трагедии, како што е смртоносната пукотница во средното училиште Антиох во Нешвил претходно оваа година.
Јавните училишта во округот Балтимор воведоа технологија од компанијата „Омнилерт“ со седиште во Вирџинија минатата година. Системот анализира снимки од 7.000 училишни камери и ја предупредува полицијата за потенцијално оружје во реално време.
„Бидејќи сликата многу личеше на пиштол, таа беше потврдена и проследена до безбедносниот тим на јавните училишта во округот Балтимор во рок од неколку секунди за нивна евалуација и одлука“, изјави портпаролот на „Омнилерт“, Блејк Мичел, за The Baltimore Banner.
„Дури и сега кога ја гледаме, со целосно знаење дека не е пиштол, сепак им изгледа како пиштол на повеќето луѓе“, призна тој.
Компанијата го нарече инцидентот „лажно позитивен“, но тврдеше дека системот „работел како што е предвидено: да се даде приоритет на безбедноста и свеста преку брза човечка верификација“.
Таки Ален, кој се плашел за својот живот во времето на интервенцијата, изјави за „Фокс“ дека никогаш не добил извинување од училиштето.
„Само ми кажаа дека тоа е протоколот“, рече тој. „Очекував барем некој да разговара со мене за тоа“.
Ова искуство оставило трага врз младиот ученик.
„Веќе не ми се излегува“, призна тој.
„Ако јадам уште една кесичка чипс или пијам нешто, чувствувам дека тоа ќе се случи повторно“. Семејството на Ален бара одговорност и поголем надзор врз употребата на таква технологија.
„Немаше закана што би оправдала осум пиштоли насочени кон 16-годишник“, рече неговиот дедо, Ламонт Дејвис.
Свет
Решение за војната е можно многу брзо, со три услови, рече специјалниот претставник на Кремљ во Вашингтон
Решение за војната во Украина може да се најде прилично брзо ако се решат три клучни прашања за Русија, изјави Кирил Дмитриев, специјален претставник на Кремљ и извршен директор на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Дмитриев моментално е во посета на САД.
Дмитриев изјави за Фокс њуз: „САД, Украина и Русија разбираат какво може да биде решението и се надеваме дека ќе се постигне во разумен временски рок“. Кога еден новинар го праша да појасни за какво решение зборува, Дмитриев спомена три елементи.
„Доста сум фокусиран на економијата и инвестициите и целокупните односи со САД и обезбедувањето дијалог, но мислам дека има само неколку елементи. Еден од нив се безбедносните гаранции за Украина, а Русија е отворена за безбедносни гаранции за Украина.
Дефинитивно постои територијално прашање, каде што има руско население, руско население кое беше нападнато од украинските сили дури и пред почетокот на конфликтот.
А потоа тука е целото прашање за неутралноста на Украина, што е важно за безбедноста на Русија. Значи, всушност, нема толку многу прашања на маса, и во основа, со разбирање како тие можат да се решат дипломатски, решение всушност може да се најде доста брзо.“
Дмитриев, исто така, ја искористи можноста да го пофали американскиот претседател Доналд Трамп, истакнувајќи го напредокот постигнат во решавањето на конфликтот за време на неговиот мандат.
„Претседателот Трамп избегна ескалација во Трета светска војна“, рече претставникот на Кремљ додавајќи дека првиот човек на САД ја разбира руската позиција.
Во интервју за „Си-ен-ен“, Дмитриев додаде дека средбата меѓу Трамп и рускиот лидер Владимир Путин ќе се одржи, но веројатно подоцна.
„Мислам дека средбата е одложена – нашите дипломати мора добро да ја подготват“, рече тој.
„Одличен потег на претседателот Володимир Зеленски е што тој веќе признава дека станува збор за фронтовските линии“, рече Дмитриев. „Знаете, неговиот претходен став беше дека Русија треба целосно да си замине, па всушност мислам дека сме доста блиску до дипломатско решение што може да се постигне“.
Дмитриев вчера пристигна во Соединетите Држави на официјални разговори. Неговото пристигнување следеше по воведувањето санкции врз рускиот нафтен сектор и откажувањето на самитот меѓу Трамп и Путин што требаше да се одржи во Унгарија. Дмитриев тврди дека Русија, САД и Украина се блиску до дипломатско решение што би ја завршило војната.

