Свет
Зголемувањето на царините е автогол од страна на Кина, вели министерот на Трамп
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, изјави дека објавата на претседателот Доналд Трамп за зголемување на царините за Кина на 125 отсто е поради нивното инсистирање на ескалација.
„Како што постојано велам, а и претседателот Трамп повторува со години, Кина е најнеурамнотежената економија во историјата на современиот свет, и тие се најголемиот извор на трговските проблеми на САД. А всушност, тие се проблем и за остатокот од светот, затоа што она што го видовме е дека, откако САД ја објавија царинската бариера минатата недела, многу од тие производи веќе почнаа да навлегуваат во Европа,“ рече Бесент.
Сепак, министерот за финансии инсистираше дека САД не се вклучени во трговска војна, и покрај растечката несигурност додека Кина и САД си наметнуваат сè повисоки царини едни на други.
„Јас не го нарекувам тоа трговска војна, но велам дека Кина ја ескалираше ситуацијата, а претседателот Трамп многу храбро одговори на тоа, и ќе работиме на решение со нашите трговски партнери,“ рече Бесент.
Тој посочи на тековните преговори со други земји, вклучувајќи ги Виетнам, Јапонија, Јужна Кореја и Индија.
Зголемувањето на царините го нарече автогол од страна на Кина.
САД претходно ја зголемија царината за Кина на 104 отсто, по што Кина брзо одговори со објавување на царина од 84 отсто за увозот од САД.
Претходно денес, Трамп ги стопира царините на 90 дена за сите освен за Кина, за која ги зголеми на 125 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Москва му одговори на Макрон: Разговори – да, но со љубезни и пристојни луѓе
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Владимир Путин е подготвен за разговори, но само со „љубезни и пристојни луѓе“, одговарајќи на изјавите на францускиот претседател за потребата од дијалог со Москва.
„Нашиот претседател повеќепати истакнуваше дека секогаш е отворен за контакт, но со разбирање дека тоа ќе бидат љубезни луѓе со одредено основно ниво на пристојност“, изјави Лавров, потсетувајќи на острите изјави на Емануел Макрон, кој претходно ја нарече Русија, а лично и Путин, „единствениот злосторник“ во сегашниот конфликт.
Лавров претходно изјави и дека лидерите на Европската Унија се однесуваат непристојно, обидувајќи се да им диктираат на Кина и Индија дали треба да одржуваат контакти со Русија. Тој нагласи дека Москва го почитува правото на сите држави самостојно да ги одредуваат своите партнери, што, како што рече, е целосно во согласност со принципите на суверена еднаквост од Повелбата на Обединетите нации.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дошло време тој и европските лидери повторно да воспостават дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, пишува весникот „Фигаро“.
Фото: Depositphotos
Свет
Зеленски во Варшава: ЕУ донесе клучна одлука за поддршка на Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Варшава истакна дека Европската Унија донела клучна одлука за финансиска помош за Украина, и покрај обидите на Русија да ја осуети.
„Русија направи сè за да ја осуети одлуката на лидерите на ЕУ за финансиските потреби на Украина, но во тоа не успеа“, изјави Зеленски.
На заедничката прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск, тој нагласи дека Полска има големи заслуги за позитивната одлука на Европската Унија и дека украинскиот народ ѝ е благодарен на полската држава.
„Одлуката што ја донесоа европските лидери сега е најважна. Секако, Русија навистина сакаше да го наруши, откаже или одложи овој состанок. Европа покажа лидерство по ова прашање, што е исклучително важно, заземајќи цврст и решителен став. Ви благодарам што нè поддржувате и што продолжувате да нè поддржувате“, рече Зеленски, обраќајќи му се на Туск.
Како што истакна украинскиот лидер, Полска секогаш била на страната на Украина кога се избирало меѓу исправни и погрешни одлуки.
„Би сакал да ја искористам оваа можност да му се заблагодарам на полскиот народ за значајната поддршка што ѝ ја даде на Украина од самиот почеток на оваа војна. Сметавме на вашата помош и и понатаму сметаме на неа“, нагласи Зеленски.
Тој додаде дека, и покрај одредени тешкотии, особено поради историскиот контекст на билатералните односи, Украинците и Полјаците мора да се разбираат меѓусебно.
„И ние тоа го правиме и ќе се разбираме уште подобро отколку што се разбираме во денешните односи“, истакна Зеленски.
Сумирајќи ја посетата на Варшава, украинскиот претседател ги оцени како многу важни средбите со својот полски колега Карол Навроцки и со претставници на полскиот парламент. Според него, „најстрашното за Русија е тоа што двете земји стојат заедно“.
„Кога нашите земји се заедно, нема да можат да нè победат. Имаме многу добри односи и одлуки. Ставот што Полска го покажа во контекст на Украина е исклучително важен и дополнително го зајакнува нашето пријателство“, нагласи Зеленски.
По разговорите со Навроцки, Зеленски изјави дека денешната посета на Полска ќе отвори нова страница во односите меѓу двете земји.
Свет
Рубио: САД ништо не наметнуваат, не можеме да ги принудиме ниту Киев ниту Москва на договор
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека во мировните преговори за Украина не се наметнува договор и дека и Киев и Москва мора самите да сакаат да постигнат спогодба.
„На крајот, на нив е да постигнат договор. Не можеме да ја принудиме Украина, ниту Русија. Тие тоа мора да го сакаат“, рече Рубио, додавајќи дека има напредок, но дека остануваат тешки прашања.
Украинските преговарачи во петок започнуваат нова рунда разговори со американскиот тим, а претставници на Белата куќа планираат разговори и со руската делегација во Мајами. Рубио најави дека би можел да се приклучи на дел од тие разговори.
Осврнувајќи се на Блискиот Исток, Рубио предупреди дека „нема да има мир во Газа без разоружување на Хамас“, нагласувајќи дека стабилен мир не е можен доколку Хамас остане во позиција да го загрозува Израел.
Depositphotos

