Македонија
ДУИ: Горчлива иронија е фотографијата од Коцевски и Тошковски, кои потпишуваат меморандум за борба против корупцијата

Вчерашната фотографија на Јавниот обвинител Коцевски и министерот за внатрешни работи Тошковски, како потпишуваат меморандум за соработка во борбата против корупцијата, беше горчлива иронија за правдата и симбол на заробена држава, велат од ДУИ.
Интегративците во соопштението наведуваат дека наместо тоа ракување, таа сцена требаше да биде истражна постапка во која министерот за внатрешни работи дава отчет за неговата улога во трагедијата во Кочани.
„Повеќе од една година, ноќен клуб функционирал без лиценца, со целосно знаење на командниот синџир на локалната полиција. И покрај внатрешните предупредувања за сериозни прекршувања – вклучително и присуство на малолетници, употреба на дрога и пиротехника – не беше преземено ништо. Таа негрижа доведе до трагична загуба на над 60 животи и повредување на над 200 лица“, велат од ДУИ.
Се додава дека наместо да покаже чувствителност и да преземе одговорност, министерот Тошковски продолжува да ја избегнува секоја морална или правна одговорност. Ова однесување го зацврстува впечатокот за заробена држава, каде што правдата е селективна и политички контролирана, смета ДУИ.
Партијата го повика обвинителството да постапува независно и со интегритет, без одлагање и без политички влијанија, и да ги истражи сите кои потфрлиле во својата должност да ги заштитат граѓаните.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и Јавниот обвинител на Македонија, Љупчо Коцевски вчера потпишаа нов Протокол за соработка помеѓу МВР и Јавното обвинителство.
Министерот Тошковски образложи дека документот утврдува јасни насоки и правила за постапување на полициските службеници и јавните обвинители, во активностите што се преземаат за откривање и гонење на сторители на кривични дела, а во исто време треба да го подобри функционирањето и ефикасноста на кривичниот прогон како дел од кривично-правниот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Центар денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:00 до 15:00 часот, корисниците на блокот згради од булеварот Партизански Одреди бр.17, кон улицата Максим Горки, општина Центар.
Македонија
Сончево со мала до умерена локална облачност, максималната температура до 20 степени

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди и со слаб до умерен јужен ветер. Во среда ќе има локални врнежи од дожд, а од четврток дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ одат во втор круг за градоначалник на Скопје, ВМРО-ДПМНЕ и Левица имаат најмногу гласови и во Советот

Кандидатите за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ ќе се соочат во вториот круг од локалните избори што ќе се одржи на 2 ноември.
Според податоците на Државната изборна комисија, од пребројани 91 отсто од гласовите, во водство е Орце Ѓорѓиевски со 36,62 отсто, односно 82.155 гласови, а зад него е Мециновиќ со 13,35 проценти, односно 27.686 гласови.
Зад нив е Башким Бакиу од „Влен“ со 12,15 отсто, Каја Шукова од СДСМ со 11,52 отсто и Скендер Реџепи од ДУИ до 11 отсто од пребројаните гласови.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица доминираат и во Советот на Град Скопје. Според официјалните податоци од ДИК, ВМРО-ДПМНЕ во Советот има 35,46 отсто од гласовите, а зад нив е Левица со 12,04 проценти.