Македонија
Кинескиот претседател првпат зборуваше за царините, ја повика ЕУ да му се спротивстави на Трамп
Кинескиот претседател, Шји Џинпинг, првпат јавно проговори за ескалацијата на трговската војна со САД велејќи дека Кина не се плаши и нема да попушти пред неправедната репресија. Неговите зборови доаѓаат во време кога меѓународните пазари се под притисок, а стравувањата од глобална рецесија се сè поизразени.
„Нема победници во трговската војна, а спротивставувањето на целиот свет води само до изолација“, рече Шји за време на состанокот со шпанскиот премиер Педро Санчез во Пекинг.
Шји истакна дека економскиот развој на Кина повеќе од седум децении почива на самодоверба и напорна работа, а не на странска помош. Тој додаде дека Кина, без оглед на надворешните притисоци, останува решена да се фокусира на сопствениот развој.
„Без разлика како се менува надворешното опкружување, Кина ќе остане самостојна, концентрирана и фокусирана на добро управување со сопствените работи“, рече тој.
Шји ја искористи средбата со Санчез за да испрати јасна политичка порака до Европската Унија. Кинескиот претседател го повика Брисел да се спротивстави на, како што рече, едностраното малтретирање на Пекинг, што е очигледна референција на високите царини што американскиот претседател Доналд Трамп ги наметна за кинеските стоки.
„Претседателот Шји Џинпинг ја повика Европската Унија да се спротивстави на едностраното насилство со Кина“, објавија утринава кинеските државни медиуми.
Администрацијата на Трамп неодамна ги зголеми царините за кинеските производи на ниво од 145 отсто, што предизвика остри реакции во Пекинг и дополнително го комплицира глобалниот трговски тек. Кинеските власти веќе најавија борба до крај, а сега Шји првпат лично го кажа ставот на Пекинг.
Трамп завчера објави дека за 90 дена ги замрзнува новите царини против сите трговски партнери, освен Кина. Европската Унија реагира со паузирање на сопствените најавени контрамерки за 90 дена, што отвори можност за намалување на ескалацијата меѓу Брисел и Вашингтон, но истовремено ја нагласи сè поинтензивната трговска војна меѓу САД и Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бесплатен логопед за децата од Општина Аеродром
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска потпиша меморандум за соработка со здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“, со што се овозможува индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост.
Со ова, децата од Аеродром добиваат бесплатен пристап до стручна логопедска поддршка, рано препознавање на развојните предизвици и навремена интервенција — важен чекор за нивниот правилен развој, сигурност и самодоверба.
Услугата ќе биде бесплатна за лицата што ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).
„Обезбедуваме и поддршка за родителите преку советување и насоки, со цел секое семејство полесно да стигне до потребната стручна помош без дополнителни финансиски оптоварувања“, вели Митевски.
фото/Depositphotos
Македонија
Политичарите да се воздржат од коментирање на одлуката за притворот на Груби, апелира Здружението на јавните обвинители
Здружението на јавните обвинители апелира до сите политички партии и функционери да го почитуваат и да не го загрозуваат начелото на поделба на власта и да се воздржат од јавна реторика со која ја нарушуваат самостојноста на јавните обвинители во одлучувањето.
Од таму велат дека во изминатите денови сведоци сме на неодговорни изјави со кои одредени политичари селектираат и прозиваат поединечни јавни обвинители, коментирајќи ги јавнообвинителските одлуки без воопшто да бидат запознаени со конкретен предмет и доказите.
„Ова кулминираше во политичките коментари во однос на определена мерка куќен притвор за еден од осомничените во предметот “Државна лотарија”. Ваквата јавна реторика мора да престане, а останатите институции да дозволат обвинителите непречено да постапуваат и да одлучуваат. Здружението на јавните обвинители е професионална организација, која нема овластувања да интервенира или да ги коментира одлуките на јавните обвинители при работата на конкретни предмети. Но, Здружението има право и обврска да ја заштити самостојноста на обвинителите кои стручно и одговорно ја вршат својата функција и да се бори за соодветни услови во кои тие ќе работат непречено“, се наведува во соопштението.
Македонија
(Видео) „Обвинителството се заплетка со притворот за Груби, се покажа дилот, сè е договорено“, вели Кузеска
„Политичкиот дил ВМРО-ДУИ со Груби веќе на сите им è јасен, граѓаните знаат што се случува. Разоткриенo е секое делче од ова договорено сценарио. Од режираната претстава на границата, со наочари и насмевка. Преку пречекот со камери, со медиумска поддршка на 40% од медиумите под контрола ВМРО преку Орбан, па се до одредувањето на куќен притвор од обвинителството и сдуството под контрола на ВМРО-ОКГ“, вели Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„Сакајќи да се исперат од скандалозна одлука за одредување куќен притвор Обвинителството директно го закопа Христијан Мицкоски.
Вчера, Обвинителството соопшти дека МВР на Тошковски и АНБ на Христовски дале проценка дека Груби „не бил безбеден“ во „Шутка“, па затоа предложиле куќен притвор.
Истиот ден, излезе директорот на затворот Шутка, Бобан Утковски, го демантираше Обвинителството и рече дека ниту МВР ниту АНБ „не се обратиле ниту усно ниту писмено до затворот за да побараат мислење за безбедноста“.
Епа како донеле одлука во Обвинителството?
Има ли подобра потврда од ова тврдење дека сè е договорено и дека јавноста само се лаже и се замајува?
Сè е јасно.
Затоа обвинителството и судството беа ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ, за што СДСМ со месеци говори.
Тоа го имаме како потврда и за овој случај. Кои обвинители постапуваа во предметот и кој го предложи куќниот притвор за Груби? Предметен обвинител е Даниел Коцев, а негов шеф на Скопското Обвинителство е Анел Фидоски, кој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година.
Сè е јасно, сè е договорено, смислено сценарио. Можеби ваквите сценарија им поминуваа со години наназад, но повеќе не поминуваат – разоткриени се. Граѓаните гледаат и знаат сè. Одговорност ќе има!“, изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.

