Економија
Кафето станува скапо задоволство, цените допрва ќе растат

Цената на кафето, еден од најконсумираните пијалоци во светот, достигнува рекордни нивоа.
Зголемувањето на цените на кафето е првенствено резултат на сушата која ги десеткуваше приносите на зрна на најголемите плантажи во светот и го загрози целокупното производство, а потоа се и геополитичките тензии кои ги загрозуваат синџирите на снабдување. Најсвеж пример се царините на американскиот претседател Доналд Трамп, кои се закануваат да предизвикаат еден вид трговска војна, на која индустријата за кафе нема да биде имуна.
Најголеми производител на кафе е Бразил, одговорен за една третина од светскиот пазар. После него се Виетнам, Колумбија, Хондурас, Мексико, Виетнам, Перу… Нивниот главен адут во успешното производство на кафе е климата. Зрната кафе се исклучително чувствителни и бараат оптимални услови, поради што екстремните температури и суши се основен проблем во овие земји. Освен што го намалува приносот, се влошува и вкусот на кафето. Бразил е особено тешко погоден, каде земјоделците се речиси без залихи. Очекувањата се дека годинава ќе има уште послаба берба во Бразил поради долгите сушни периоди, најдолги од 1981 година. Затоа, се соочуваме со неизвесна сезона и континуирани поскапувања.
Состојбата на родот и климатскиот статус на Бразил и Виетнам ја одредуваат иднината на секоја шолја кафе што ја пиеме.
Арабика и Росбуста се двата најпопуларни типа на кафе. Околу 75 проценти од светското производство го сочинува Coffea arabica, а Coffea canephora останатите 25 проценти. Тоа се две растенија со различни вкусови кои бараат различни услови за одгледување, па затоа имаат различни цени.
Растенијата Арабика се многу попрефинети, растат само на големи надморски височини и бараат голема експертиза во одгледувањето, што ги прави скапи. Робуста е полесна и поевтина за одгледување. Поотпорен е на болести и штетници, а претпочита потопли услови. Исто така, дава поголем принос. Зрната се помали, но имаат повеќе кофеин и се користат главно за еспресо кафе. Арабика има попријатен вкус и умерена киселост, поради што нашла поширока примена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.