Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со претставниците на МЗ Галичник: „Галичката свадба“ може да се издигне во настан над настаните, момент за паметење и за раскажување
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими Огнен Караѓозовски, претседател, Филип Филиповски, потпретседател на месна заедница Галичник и Дејан Петровски, директор на „Галичка Свадба“.
Прифаќајќи го предлогот и годинава да биде покровителка на традиционалната манифестација „Галичка свадба“, таа ја истакна важноста на негувањето на уникатните македонски обичаи, како неразделен дел од македонскиот национален идентитет.

Галичник, со својата ретка природна убавина, оригинална архитектура, богата историја и автентична култура може да биде туристички магнет и посакувана туристичка дестинација не само за време на Галичката свадба, туку и во текот на целата година, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката.
Претставниците на месната заедница ја информираа претседателката за амбициозните планови и проекти за заживување на Галичник, укажувајќи на неопходните чекори и активности за таа цел. Реконструкцијата на патот од селото Јанче до Галичник и реновирањето на некогаш прочуената пекара, стара повеќе од еден век се неопходни претпоставки за нормален селски живот. Обновата на куќата на Ѓорѓија Пулевски и нејзината трансформација во музеј ќе ја оживее меморијата за славното село на кое жителите биле горди, а другите му завидувале. Оживувањето на умешноста на готвење, подготвување сирење, ткаење, везење, плетење, копаничарство може да го привлече интересот на многу добронамерници кои бегаат од буката и хаосот на современиот градски живот.

Обезбедувањето проодност на патот од Маврово до Галичник од доцна есен до рана пролет и покрај големите наноси од снег ќе им овозможи на Галичани, но и на сите вљубеници во снежната идила и мир бегство во бескрајната белина и неповторливо уживање во планинските предели.
Допрена од инспиративните идеи за развој на Галичник како исклучителна туристичка дестинација, Сиљановска-Давкова изрази подготвеност за лобирање и учество во организирање настани за финансиска поддршка на проектите.

„Галичката свадба“ може да се издигне во настан над настаните, момент за помнење и раскажување, уметнички чин во којшто секој ќе сака да учествува. Се разбира, манифестацијата „Галичка свадба” и годинава традиционално ќе се одржи на празникот Петровден, од 11 до 13 јули, се додава во соопштението од кабинетот на претседателката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

