Македонија
Десет полицајци под истрага за несреќата во Кочани
Десет полицајци од Штип и од Кочани се под истрага за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“. Според Обвинителството, тие се осомничени дека од 2012 до 2022 година издавале согласности и му овозможиле на правното лице да стекне лиценца за вршење угостителска дејност иако не ги исполнувало предвидените услови. МВР соопшти дека шестмина од полицајците се приведени, по еден се трага, а тројца од претходно издржуваат мерка притвор.
„Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски властувања и припадници на затворската полиција, донесе наредба за спроведување истражна постапка против десет полициски службеници. Во конкретниот случај постои основано сомнение дека осомничените во временскиот период од 7.12.2012 до 21.1.2022 година како соизвршители сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност“, соопшти Обвинителството.
Според описот содржан во наредбата за спроведување истражна постапка, осомничените како службени лица вработени во СВР Штип и ПС ОН Кочани, во погоренаведениот временски период, како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита – не извршиле целосна и детаљна проверка во врска со издавање позитивна согласност за издавање лиценца за кабарето „Пулс“ во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир. Со издавањето на согласностите сите заедно му овозможиле на правното лице да стекне лиценца за вршење угостителска дејност иако не ги исполнувало предвидените услови.
„Јавниот обвинител, ценејќи ги околностите и доказите прибавени во предистражната постапка, а заради непречено водење на кривичната постапка и заради обезбедување присуство на осомничените, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе предложи на седуммина осомничени да им определи мерки на претпазливост. Другите тројца осомничени се обезбедени со претходната постапка“, соопшти Обвинителството.
Од Министерството за внатрешни работи објавија повеќе детали за полициските службеници против кои е поднесена кривична пријава.
Станува збор за П. С. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работно место помошник-началник во СВР Штип), Ј. Т. (во време на извршувањето на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција во СВР Штип), С. Д. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќај во Одделението за полиција во СВР Штип), М. С. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работно место началник на одделение во Одделението за полиција во СВР Штип), Љ. Т. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работно место началник во СВР Штип), В. П. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работно место главен инспектор по сообраќајни работи во Одделението за полиција во СВР Штип), Д. А. (во времето на извршувањето на кривичното дело самостоен инспектор за јавен ред и мир во СВР Штип), А. А. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работно место помошник-началник на СВР Штип), В. И. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работно место документарист во ПС ОН Кочани во СВР Штип) и А. Т. (во времето на извршувањето на кривичното дело на работно место командир на ПС ОН Кочани).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрани за камиони на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан
Забрани за тешки товарни возила на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Сопиште и Илинден денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани два прекини и тоа:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на дел од село Добри Дол. (општина Сопиште)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците во село Кадино кон црквата Св.Илија, улица 6. (општина Илинден)
Македонија
Облачно со повремени локални врнежи од снег
Времето денеска ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови и се очекува висината на снежната покривка на планините и на некои од повисоките места да се зголеми до 25 cm. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до -2, а максималната ќе достигне од 0 до 6 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе се задржи претежно стабилно време, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег.

