Економија
Трговците со помалку од 10 вработени немаат обврска да ги објавуваат цените онлајн
Од четврток, 18 април, сите трговци (мали, средни или големи) ќе треба да ги објават цените на секој производ што го нудат во малопродажба. Тука влегуваат и маркетите што продаваат основни прехранбени производи, овошје и зеленчук и трговците што продаваат средства за хигена, трговци на мало со бела техника, со играчки, техстилни производи, градежни материјали, алати и електрични апарати, буквално сите трговци што вршат трговија на мало. Исклучени се само микротрговци, односно оние што вработуваат до 10 лица, информира министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Ова произлегува од Правилникот за начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат од страна на мал, среден и голем трговец, кој врши дејност трговија на мало.
„Во согласност со Правилникот на Министерството за економија и труд, малиот, средниот и големиот трговец, кој врши дејност трговија на мало, има обврска да ги објавува цените на стоките што ги пласира на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените, односно ценовник. Објавените цени треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава. Ценовникот треба да содржи: назив на стока – производ (трговска марка, модел и слично), продажна цена со ДДВ, единечна цена за килограм, литар, метар, опис на стоката, достапност во продажен објект, редовна цена со ДДВ и промотивна или цена со попуст, која треба да содржи цена со попуст изразен во проценти, вид промоција, дали е тоа промотивна понуда, пакет за лојалност или сезонски попуст, како и времетраење на промоцијата или попустот“, појасни министерот.
Трговците треба да ги ажурираат цените на стоките на дневна основа, односно секој работен ден до 10 часот.
Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките трговецот треба да ја коригира грешката во рок од 24 часа.
„Граѓаните сега ќе може да изберат каде ќе ги трошат своите пари бидејќи самите ќе може да видат и да споредат во кој маркет има најниски цени. Ќе бидат подобро информирани за тоа кој производ колку чини кај кој трговец. Нашите очекувања се дека со оваа мерка во наредниот период дополнително ќе има намалување на цените“, рече Дурмиши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра, објави ССМ
Минималната плата треба да се зголеми од 600 до 700 евра, покажува анкетата што ја спроведе Сојузот на синдикати на Македонија на 11 и 12 овој месец на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници.
Анкетата како што појаснуваат од таму е спроведена за потребите на работниците во однос на растот на минималната плата во Република Македонија.
Целта на оваа анкета, велат, е да се утврди мислењето на работниците за тоа дали постои потреба од зголемување на минималната плата и кои активности треба да ги преземе ССМ во наредниот период.
„Со репрезентативен примерок од 1613 испитаници (работници, граѓани, членови на органите и телата на синдикатите) во период од 24 часови, Анкетата за висината на минималната плата во Македонија ги даде следните резултати:
На прашањето Колку треба да изнесува минималната плата, од 1613 одговори 45,2% сметаат дека минималната плата во Македонија треба да се зголеми на 600 евра, 42% од испитаниците сметаат дека истата треба да изнесува над 700 евра, а 12,8% од испитаниците сметаат дека минималната плата во Македонија треба да изнесува 500 евра.
99,5% од испитаници (работници, граѓани, членови на органите и телата на синдикатите) сметаат дека минималната плата треба да се зголеми до крајот на тековната година.
52,8% од испитаниците (работници, граѓани, членови на органите и телата на синдикатите) доколку не се зголеми минималната плата се спремни да протестираат, а 47,2% се спремни да штрајкуваат, односно сите испитаници сметаат дека доколку не се зголеми минималната плата треба и да се протести и да се штрајкува.
Заклучокот од Анкета за потребите на работниците во однос на растот на минималната плата во Република Македонија е дека барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку потреба на работниците во Македонија“, нагласуваат од Сојузот на Синдикати на Македонија.
Економија
Божиновска на средба со висока делегација на Светската банка: Соработка за стратешките енергетски проекти
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со висока делегација на Светска банка, предводена од Чарлс Кормиер, регионален директор за инфраструктура (транспорт и енергија) и Ксиаокинг Ју, Директорка на Канцеларијата на Светска банка за Македонија. Средбата беше посветена на стратешките енергетски приоритети, зелените инвестиции и унапредувањето на институционалната соработка.
Во центарот на разговорите беше гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија, проект што Светска банка го оценува како еден од најзначајните за енергетска безбедност и регионална поврзаност. Беше разгледана потребата од воспоставување заедничка институционална рамка со Србија, како и засилената улога на НОМАГАС АД во подготовката на проектната документација и координацијата со меѓународните партнери.
Делегацијата на Светска банка ја потврди подготвеноста за поддршка на развојот на обновливите извори на енергија, инвестициите во системи за складирање, како и модернизацијата на системите за централно греење во Битола и Скопје – процеси кои директно придонесуваат за почист воздух и енергетска одржливост.

Министерката Божиновска ја нагласи централната улога на Фондот за енергетска ефикасност, со акцент на насочување средства кон јавните установи, каде што ефикасноста има најголем системски ефект. Во делот на енергетската сиромаштија, беше истакната потребата од попрецизни и посоцијално таргетирани мерки, како и од забрзано подобрување на енергетските перформанси на јавните и приватните објекти.
Посебен сегмент на средбата се однесуваше на постепеното исклучување на електраните на јаглен, и плановите за нови инвестиции во обновливи извори и современи системи за складирање. Двете страни се согласија дека транзицијата мора да биде социјално праведна, со силни програми за дообука и преквалификација за вработените во енергетските комплекси.
Министерката и претставниците на Светска банка се договорија за зголемена координација, техничка поддршка и редовен дијалог во наредниот период, со заедничка заложба за забрзување на зелената транзиција и создавање стабилен, модерен и одржлив енергетски систем.
Економија
Министерството за економија: Законските измени ќе придонесат до поквалитетни инвестиции и повисоки плати
Со усвојувањето на измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите во август и со дополнителните измени што треба да се финализираат до крајот на годината, се создава стабилна и транспарентна рамка за стимулирање на поквалитетни инвестиции, соопшти Министерството за економија и труд.
Според Министерството, новите законски решенија ќе резултираат со забрзан економски раст, отворање на нови работни места и раст на продуктивноста, што ќе се одрази и врз повисоки плати и пониска инфлација.
„Нашата цел е преку новите мерки да поттикнеме инвестиции со поголема додадена вредност – инвестиции кои ќе ја развиваат производствената индустрија, ќе воведат нови технологии и иновации и ќе создаваат одржливи работни места“, наведуваат од ресорното министерство.
Законот прецизно ги дефинира субјектите кои можат да користат финансиска поддршка – компании што реализираат почетна инвестиција од најмалку 100.000 евра во преработувачката индустрија. Истовремено, се исклучуваат субјектите што работат во примарното земјоделство, шумарството и рибарството, како и фирмите што се занимаваат со изградба и продажба на станови и деловни објекти.
Министерството за економија и труд ја води целата постапка – од евалуација и склучување договори до следење на нивната реализација, со што, како што се наведува, се обезбедува континуитет, контрола и отчетност при користење на јавните средства.
Примената на законот започнува на 1 јануари 2026 година, а Министерството очекува конкретни и мерливи резултати, додавајќи дека останува посветено на создавање предвидлива и поддржувачка бизнис-клима за домашните и странските инвеститори.

