Свет
НАСА открива кога ќе се случи крајот на светот и како ќе изгледаат последните денови на Земјата
Иако крајот на светот можеби ни изгледа далечен и апстрактен, научниците од НАСА предупредуваат дека тоа не е сосема невозможно – и дека всушност има свој пресметан датум.
Неодамна научниците изразија загриженост за можните закани што би можеле да го загрозат опстанокот на животот на Земјата потсетувајќи на предупредувањата на познатиот физичар Стивен Хокинг, издадени само две недели пред неговата смрт во 2018 година.
Тим експерти од НАСА, во соработка со истражувачите од јапонскиот Универзитет „Тохо“, користеле математички модели и суперкомпјутери за да создадат временска рамка за целосно исчезнување на животот на Земјата. Врз основа на податоците и пресметките, животот на Земјата нема да преживее повеќе од следните милијарда години поради екстремните услови, кои на крајот ќе станат неподносливи за секој облик на живот.
Главниот виновник ќе биде Сонцето. Научниците предвидуваат дека неговата зголемена топлина постепено ќе ги проголта внатрешните планети на Сончевиот систем, вклучително и нашата. Според моделите, условите за живеење ќе станат сè понеповолни за неколку милиони години, а целосно исчезнување на животот се очекува околу 1.000.002.021 година.
Како што Сонцето продолжува да се шири, температурите на Земјата експоненцијално ќе се зголемуваат, а квалитетот на воздухот драстично ќе опадне, покажуваат податоците од суперкомпјутерот. Иако крајот изгледа далечен, ние веќе ги чувствуваме последиците – сончевите блесоци и короналните масовни исфрлања веќе предизвикуваат промени во атмосферата.
Во последните години е забележана најсилната сончева бура во последните две децении, со милијарди тони честички и моќно магнетно поле. Овие бури ја нарушуваат атмосферата, влијаат на нивото на кислород и дополнително го забрзуваат глобалното затоплување.
Климатските промени и сѐ поизразените ефекти од човековата активност сериозно го загрозуваат балансот на планетата. Експертите предупредуваат дека темпото на глобалното затоплување ги надминува претходните прогнози, што може да има катастрофални последици за опстанокот на сите живи суштества.
Сепак, постојат и оптимистички сценарија. Напредокот на технологијата би можел да помогне да се создадат затворени системи со вештачки услови за живеење – капсули што ќе обезбедат вода, воздух и заштита од надворешни влијанија. Како начин за зачувување на човечкиот вид се смета и колонизацијата на други планети, првенствено Марс.
Меѓу водечките поборници на идејата за колонизација на Марс е контроверзниот милијардер Илон Маск, чија компанија „Спејс икс“ веќе развива проекти за создавање човечки населби на Црвената планета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп му се закани на колумбискиот претседател, Петро возвраќа: „Тој е дезинформиран“
Колумбискиот претседател Густаво Петро го нарече американскиот претседател Доналд Трамп „многу погрешно информиран“ по вчерашната остра закана на Трамп, велејќи му „подобро да се вразуми или тој ќе биде следниот“ во војната на Вашингтон против нарко-картелите. Тензиите меѓу двете земји достигнаа ново ниво откако Трамп рече дека Колумбија „произведува многу дрога“, што предизвика брза и широка реакција од колумбискиот лидер, објавува Newsweek.
Обраќајќи се на новинарите вчера, американскиот претседател Доналд Трамп не штедеше зборови. Опишувајќи го Петро како „прилично непријателски настроен кон Соединетите Држави“, тој се закани дека колумбискиот лидер ќе се соочи со „големи проблеми ако не се вразуми“.
„Колумбија произведува многу дрога. Имаат фабрики за кокаин. Тие произведуваат кокаин, како што знаете, и го продаваат директно на Соединетите Американски Држави. Затоа, подобро да се вразуми, или ќе биде следниот. Тој ќе биде следниот“, рече Трамп.
Во долга изјава објавена на социјалните мрежи, Густаво Петро ги отфрли обвинувањата на Трамп и го критикуваше неговиот пристап кон борбата против трговијата со дрога.
„Трамп е многу погрешно информиран човек кога станува збор за Колумбија. Штета, бидејќи ја отфрла земјата што најмногу знае за трговијата со кокаин“, напиша Петро. „Се чини дека е целосно заведен од неговите соговорници.“
Петро ги истакна напорите на неговата влада, велејќи дека заплениле 2.700 тони кокаин, што го опиша како „најголемата заплена во светската историја“ и резултат многу поефикасен од она што го постигна претходната администрација.
По критиките на Петро, Белата куќа издаде подеднакво остра изјава за Newsweek.
„Како што изјави претседателот Трамп, колумбискиот претседател Густаво Петро е нелегален нарко-бос кој силно го поттикнува масовното производство на дрога, и покрај големите плаќања и субвенции од Соединетите Американски Држави што претставуваат ништо повеќе од долгорочен грабеж на Америка“, се вели во соопштението.
фото/депозитфотос
Свет
Германските разузнавачи истражуваа мистериозни дронови, трагите ги доведоа до три брода
Речиси 2.000 неидентификувани дронови се забележани над Германија од почетокот на годината, според безбедносните извештаи што ги виделе Die Welt, Bild и Axel Springer Academy. Во заедничка истрага, овие медиуми воспоставија шема што поврзува голем број дронови со движењето на три брода поврзани со Русија, кои дејствуваат во Балтичкото и Северното Море.
Германските власти документираа 1.072 инциденти во кои беа вклучени 1.955 непознати дронови. Најчесто, тие летаа над воени локации на Бундесверот, полигони за обука на НАТО и критични инфраструктурни објекти. Анализата на податоците за поморскиот сообраќај покажа дека мал број бродови биле во непосредна близина на снимените летови и во истите часови кога биле пријавени инцидентите.
Еден пример се седумте дронови забележани на 16 мај во близина на товарниот брод Лауга, кој плови под руско знаме и е со екипаж целосно составен од руски државјани.
Кога бродот подоцна вплови во Белгија, властите го пребараа, но не пронајдоа ништо. Пред да влезе во германските води, Лауга се закотви во сириското пристаниште Тартус, каде што се наоѓа руската воена база, а потоа во Санкт Петербург, на терминал поврзан со државната нуклеарна корпорација Росат.
Според истрагата, Росатом поседува дронови со дострел до 200 километри, опремени со видео и термални камери. Тие официјално се користат за следење на операциите во Арктикот.
Другите два брода споменати во извештајот – HAV Snapper и HAV Dolphin – формално се во сопственост на норвешка компанија, но и двата биле сервисирани неколку пати во бродоградилиштето Прегоља во Калининград, Русија, а екипажот на бродот HAV Dolphin е составен исклучиво од руски државјани.
Големи групи беспилотни летала се забележани над Килскиот Залив во југозападниот дел на Балтикот, точно во времето кога споменатите бродови се движеле во таа област.
Безбедносните агенции чии документи ги користеа медиумите велат дека е малку веројатно дека беспилотните летала биле управувани од приватни лица: „Одредени околности укажуваат на софистицирана операција што бара значителни финансиски и логистички ресурси“.
Во повеќето случаи, операторите на беспилотни летала не се идентификувани. Европските разузнавачки претставници им потврдија на новинарите дека веруваат дека HAV Snapper и HAV Dolphin „многу веројатно работат во интерес на Русија“.
Германското министерство за внатрешни работи соопшти дека има „причина да се верува дека странски државни актери биле вклучени во некои од летовите на беспилотните летала“.
Неидентификувани беспилотни летала се забележани и постојано над воените инсталации и критичната инфраструктура во други европски земји, вклучувајќи ги Данска, Норвешка, Белгија и Холандија.
Свет
Зеленски: Секој компромис со Русија мора да биде потврден со избори или референдум
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес нагласи дека секој компромис меѓу Украина и Русија во врска со контролата на нејзините источни региони мора да биде фер и потврден на избори или референдум.
„Верувам дека украинскиот народ ќе го даде одговорот на тоа прашање. Без разлика дали преку избори или референдум, тоа мора да биде став што доаѓа од украинскиот народ“, изјави Зеленски пред новинарите кога беше прашан за постигнување договор со Москва.
Украинскиот претседател потврди дека САД му предложиле на Киев да се повлече од територијата што сè уште ја контролира во регионот Донецк и да создаде слободна економска и демилитаризирана зона на тоа место, без присуство на руски сили.
Зеленски рече дека американската страна сè уште не знае кој ќе управува со демилитаризираната зона.
Тој додаде дека Вашингтон предлага повлекување на руските трупи од украинските региони Суми, Харков и Дњепропетровск, но и нивно останување во регионите Херсон и Запорожје.
фото/депозитфотос

