Економија
Народна банка: Каматните стапки се непроменети

На 17 април 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
„На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата, при поизразени неповолни ризици, особено од надворешното окружување. Оттука, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот карактер на монетарната политика. Со целокупниот сет мерки, односно со сегашното ниво на каматните стапки, досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе се придонесе за ценовна стабилност на среден рок и за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во април беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 п.п.“, соопштија од Народната банка.
Во соопштението се наведува дека остварувањата кај инфлацијата и натаму се еден од клучните сегменти коишто наметнуваат потреба од внимателност, во услови кога ризиците, поврзани пред сѐ со надворешното окружување стануваат понагласени и исклучително непредвидливи. Имено, во услови кога геополитичките услови сѐ уште се нестабилни, промените во царинските политики на светско ниво дополнително ги влошуваат изгледите за трговската и економската активност и ја зголемуваат променливоста, како на светските пазари на примарни производи, така и на пазарите на капитал. Покрај ова, беа земени предвид и ризиците поврзани со домашните фактори што влијаат на агрегатната побарувачка.
Народна банка соопшти дека годишната стапка на инфлација во март 2025 година значително забави и се сведе на 2,7%, што е пониско ниво од очекуваното, коешто во еден дел е под влијание на тековните краткорочни мерки за ограничување на растот на цените.
„Инфлацијата, во просек, за првиот квартал е малку повисока од очекувањата според октомвриската проекција. Забавувањето на годишната стапка на инфлација во март во најголем дел се должи на послабиот раст на цените на храната, поради исцрпување на ефектот од пониската споредбена основа и дополнителниот надолен ефект од тековните краткорочни мерки за ограничување на растот на цените (коишто истекуваат на крајот на април). Во однос на останатите компоненти, забавува растот и на базичната компонента на инфлацијата, а падот на цените на енергентите забрзува. Во однос на инфлациските очекувања, во мартовските анкети на Европската комисија преовладуваат очекувања на потрошувачите за поумерено намалување на цените во следниот период. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети претежно во нагорна насока, што заедно со зголемената неизвесност и променливост на пазарите, упатува на зголемени ризици и потреба од внимателност“, се наведува во соопштението.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна. „Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесува 4.788,1 милион евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Остварувањата кај девизните резерви се близу до очекувањата за првиот квартал на 2025 година, а интервенциите на девизниот пазар се умерено позитивни од почетокот на годината. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со март упатуваат на поумерени нето-приливи од приватните трансфери во споредба со проекциите за првиот квартал, додека трговскиот дефицит остварен во првите два месеци од годината засега е умерено повисок од очекувањата за првиот квартал“, пишува во соопштението.
Од народна банка соопштија дека економскиот раст во последниот квартал на 2024 година благо забрза и достигна 3,2%, речиси на ниво на проекциите на Народната банка (3,1%). Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2025 година упатуваат на натамошен, но поумерен раст, при засега послаби движења кај трговијата, градежништвото и туризмот, а посилни во угостителството и индустријата. Ризиците за растот во следниот период од надворешното окружување се претежно надолни, а од домашното окружување и натаму се поврзани со брзината и обемот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.
Остварувањата во монетарниот сектор, велат од Народна банка, се подобри од очекувањата, што упатува на натамошна посилна кредитна поддршка на економијата. Имено, во согласност со податоците за март, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки од очекувањата за првиот квартал од годината.
„Општо земено, последните остварувања кај клучните макроекономски показатели се главно поволни, но согледувањата за ризиците во однос на нивната идна патека наметнуваат натамошно внимателно водење на монетарната политика. Имено, ризиците поврзани со надворешното окружување се поизразени, а внимателно се следат и домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и ценовната динамика во наредниот период. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Инвертер-клими за ранливите семејства – Министерството за енергетика објави оглас

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави мерка која ги таргетира ранливите категории население.
Преку јавен оглас, што стапи во сила, Министерството, како што информираат од таму, почнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима-уреди за 2025 година, со што ќе се подобри квалитетот на живеење и ќе се намалат трошоците за енергија во илјадници македонски домови.
„Мерката се реализира во согласност со Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година (‘Службен весник на РСМ’ бр. 161/25). Во согласност со јавниот оглас за поддршка на домаќинства што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата што ги исполнуваат условите ќе стекнат право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+. Овие уреди не само што штедат електрична енергија туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење – токму онаму каде што е најпотребно“.
Како што појаснуваат, рокот за пријавување е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.
Повеќе информации, како и потребните обрасци за пријавување, се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
Економија
Народната банка со нова иницијатива: проширување на услугите што ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции

Гувернерот Трајко Славески истакна дека иницијативата на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги веќе ги даде првите резултати и изрази задоволство од одлуките на банките за намалување на трошоците.
Славески, на денешната конференција за печатот, најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива и за измени на сегашното законско решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Со измените на Законот за платежни услуги и платни системи, се предлага отстранување на дел од постојните ограничувања и значително проширување на услугите што граѓаните ќе можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции.
Најзначајните новини се: можност за дозволено пречекорување, можност да се поседува платежна сметка со основни функции дури и ако потрошувачот има други сметки, како и проширен сет бесплатни или евтини услуги, којшто покрај интерните, ќе ги вклучи и меѓубанкарските електронски трансфери, издавањето дебитна картичка и до четири подигнувања готовина месечно од банкоматите на други банки во износ до 2.000 денари по трансакција. Во овој сет влегуваат и други услуги коишто и досега можеа да ги користат граѓаните, односно уплатите и подигнувањата готовина на банкоматите и шалтерите на банката, користењето на електронското и мобилното банкарство, како и плаќањата со платежна картичка на физичките продажни места и во интернет-трговијата.
„Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена најмногу на 0,1% од неа, па согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, таа би изнесувала 36 денари на месечно ниво. За граѓаните коишто ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани, овие услуги ќе бидат целосно бесплатни“, истакна Славески.
Народната банка ќе работи со банките и на воспоставување национална мрежа на банкомати за подобар пристап до готовина низ целата земја. Оваа идеја би се остварила најдоцна до крајот на наредната 2026 година.
Покрај ова, Народната банка ќе предложи и приспособен пакет за микротрговци – најчесто семејни бизниси коишто имаат ограничени ресурси, со цел да се поттикне финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата. Се очекува дека поповолните услови за користење на платежните услуги ќе бидат достапни за граѓаните и за микротрговците по донесувањето на законските измени, односно дека ќе бидат во примена од почетокот на 2026 година.
Економија
Затворени четири субјекти: триесет отсто од контролираните се со неправилности за фискализација, објави УЈП

Во периодот од 28 јули до 3 август 2025 година Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 214 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе-барови, шанкови на плажа, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, хотел, автопревозници, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите беа реализирани во државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места, каде што во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 214 контролирани субјекти, кај 30,8 %, односно кај 66 од контролираните се утврдени неправилности во согласност со Законот за регистрирање на готовинскиот промет.
За утврдените неправилности донесени се 66 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени во согласност со големината на субјектот.
За четири, односно три субјекти од Охрид и еден од Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
„Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: • Во Скопје извршени се 14 контроли и при истите утврдени се 4 неправилности; • Во Струга, Охрид и Битола извршени се 126 контроли, а утврдени се 29 неправилности од кои 11 неправилности во Струга и 18 во Охрид • Во Прилеп извршени се 7 контроли, a утврдени се 3 неправилности; • Во Тетово, Гостивар извршени се 32 контроли, а утврдени се 14 неправилности од кој 13 во Тетово и една во Гостивар • Во Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци Велес и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 16 неправилности, по една неправилност во Неготино и Кавадарци, 2 во Демир Капија, 3 во Штип, 4 во Велес и 5 неправилности во Куманово“.
УЈП апелира до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
„Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници“.