Регион
Вучиќ: Папата Франциско ќе биде вечна инспирација

Светот изгуби исклучителен духовен водач кој ширеше љубов, мир и солидарност преку своето апостолско дело, објави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ по повод смртта на папата Франциско, оценувајќи дека животот на папата посветен на верата, љубовта и служењето на другите треба да биде инспирација за целиот свет.
На платформата Х, Вучиќ истакна дека работата на папата Франциско за зајакнување на меѓурелигискиот дијалог и неговата посветеност на хуманизмот оставиле неизбришлива трага во историјата. „Папата Франциско беше гласник на надежта и помирувањето, секогаш во служба на најранливите, а неговото заминување е загуба и тага за сите нас, бидејќи својот живот го посвети на верата, љубовта и служењето на другите. Тој ќе биде вечна инспирација за сите нас“, рече тој.
Вучиќ, во име на граѓаните на Република Србија и во свое лично име, изрази длабоко сочувство до Римокатоличката црква и до сите верници ширум светот. „Нека му е вечна слава“, напиша тој на социјалната мрежа Икс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео/Фото) Србите и Унгарците одржаа заедничка воена вежба

Србија и Унгарија одржаа заедничка воена вежба „Соседи 25“ со цел зголемување на нивото на соработка меѓу армиите на двете земји и размена на борбени искуства, соопшти српското Министерство за одбрана.
Вежбата се одржа на воениот полигон Пасуљанске ливаде со учество на припадници на Првата бригада на српската армија и 30-та механизирана бригада на Унгарија.
За време на повеќедневната вежба, војниците заедно ги вежбаа дејствата на единиците во тактички операции, вклучително и употребата на современи борбени возила, комуникациски системи и опрема за собирање и обработка на разузнавачки информации.
Ова е десетта заедничка вежба наречена „Соседи“ што ја спроведуваат вооружените сили на Србија и Унгарија.
Регион
Во Бугарија и Романија на сила црвен метео аларм поради обилни дождови

Во Бугарија и Романија на сила е црвен метео аларм поради обилни дождови. Обилните дождови продолжија да ја погодуваат Бугарија, што доведе до затворање на патишта, прогласување црвен метео аларм во неколку области, а 51 населено место останаа без електрична енергија поради бурата. Надлежните органи го интензивираат надзорот над сите мостови и инфраструктура што е потенцијално оштетена од поплавите, пишува денес „Новините“. Службениците предупредија дека секоја локација што е изложена на ризик ќе биде веднаш затворена.
Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни, да избегнуваат патувања и да ги следат упатствата на надлежните служби. Бугарскиот национален институт за метеорологија и хидрологија прогласи црвен метео аларм, највисоко ниво на предупредување, за осум области каде што се очекуваат повеќе од 65 литри дожд на квадратен метар, пренесува Танјуг.
Во исто време, властите објавија дека Бугарија ќе побара помош од Европскиот фонд за солидарност за погодените места поради предизвиканите штети.
Метеоролозите во Романија денес го продолжија црвениот временски аларм поради предвидените обилни врнежи од дожд за пет области и градот Букурешт со можност за врнежи до 140 литри на квадратен метар.
Според најновото предупредување на Романската национална метеоролошка управа (ANM), од 21 часот на 7 октомври до 15 часот на 8 октомври се очекуваат обилни врнежи од дожд во неколку области, пишува романската новинска агенција Аѓерпрес.
Фото: принтскрин
Регион
Убиен судија на Апелациониот суд, во судница во Тирана

Судијата Астрит Каљаја беше убиен денес во Апелациониот суд во Тирана додека траеше рочиштето.
Напаѓачот, засега непознат, влегол во судницата и го застрелал Каљаја, кој бил однесен во болница каде што му била пружена медицинска помош, објавува „Албанија пост“.
На местото на настанот, според медиумот, има бројни полициски сили, кои веднаш го уапсиле осомничениот сторител, а како што се наведува, идентитетот на напаѓачот и мотивите на нападот засега се непознати.
Судијата Астрит Каљаја служел со години во албанскиот судски систем, а неодамна во Апелациониот суд во Скадар.
Тој го поминал процесот на верификација во 2019 година, каде што бил потврден на функцијата од Независната квалификациска комисија, а потоа и од Специјалниот жалбен панел во 2022 година.
Фото: принтскрин