Свет
Хегсет споделил воени планови во разговор со неговата сопруга, Белата куќа: Тој врши феноменална работа
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет сподели чувствителни информации за нападот врз Хутите поддржани од Иран во Јемен во март во групниот разговор на „Сигнал“ во кој биле вклучени неговата сопруга, неговиот брат и личниот адвокат, изјави за Ројтерс извор запознаен со ова прашање.
Откривањето на уште еден разговор дополнително ги зголемува сомнежите за употребата на некласифицирани комуникациски канали од страна на Хегсет за споделување строго доверливи безбедносни информации – во време кога тој се соочува со внатрешна криза во Пентагон, откако минатата недела беа сменети високи функционери поради протекување информации.
Во друг разговор, според истиот извор, Хегсет дал детали за нападот кои се слични на оние објавени минатиот месец во магазинот „The Atlantic“. Списанието ги добило информациите откако неговиот главен уредник Џефри Голдберг по грешка бил додаден на приватен разговор, што доведе до непријатна ситуација во која биле вклучени највисоките безбедносни функционери на претседателот Доналд Трамп.
Лице запознаено со ова прашање, кое сакаше да остане анонимно, рече дека вториот разговор вклучувал околу 12 луѓе и бил отворен за време на процесот на потврдување на номинацијата на Хегсет, првенствено за да се разговара за административни прашања, а не за оперативни воени планови. Меѓутоа, во таа група наводно биле споделени податоци за времето на воздушните напади.
Сопругата на Хегсет, Џенифер, поранешен продуцент на Фокс њуз, исто така присуствувала на чувствителни состаноци со странски воени претставници, според фотографиите објавени од Пентагон. Во март, на пример, таа седна веднаш зад него за време на состанокот со британскиот министер за одбрана во Пентагон. Братот на Хегсет е официјален претставник на Одделот за домашна безбедност во Пентагон. Администрацијата на Доналд Трамп е позната по агресивното следење на протекување информации, нешто што Хегсет силно го поддржува откако стана министер за одбрана.
Откако беше објавено дека споделил доверливи информации во разговор со неговата сопруга и брат, Хегсет остро ги критикуваше „оние кои објавуваат доверливи информации“ и ги нападна медиумите.
„Тие шират лаги одново и одново, и никој не бара одговорност за тоа. Тоа го прават медиумите – тие се потпираат на анонимни извори и незадоволни поранешни вработени за да ги уништат луѓето и нивниот углед“, рече Хегсет. „Тоа нема да помине кај мене. Го менуваме Министерството за одбрана, го враќаме Пентагон на оние кои се борат. Анонимната клевета од поранешните вработени повеќе не вреди ништо“, додаде тој.
На прашањето дали разговарал со претседателот Доналд Трамп, Хегсет навести дека ја има неговата поддршка.
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Левит, потврди дека претседателот Доналд Трамп „целосно му верува“ на секретарот за одбрана Пит Хегсет, и покрај скандалот „Сигнал“ групата во кој беа вклучени членови на неговото семејство. „Зборував со претседателот утрово и тој цврсто стои зад секретарот Хегсет“, им рече Левит на новинарите.
Појавувајќи се на Фокс њуз, Левит рече дека Хегсет „врши феноменална работа“ на чело на Пентагон и додаде дека се соочува со отпор во самата институција.
Таа, исто така, нагласи дека нема размена на доверливи информации во групите Сигнал и обвини поединци од Пентагон за објавување доверливи информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Околу 130.000 домаќинства и компании во Сан Франциско останаа без струја
Околу 130.000 домаќинства и компании во американскиот град Сан Франциско вчера останаа без електрична енергија. Напојувањето со електрична енергија постепено се стабилизира и сега речиси 20.000 потрошувачи се без струја.
Електрична енергија немаше во северниот дел од градот, поради што беа затворени голем број продавници и ресторани, а нарушен беше и градскиот транспорт.
Компанијата „Пацифик гас енд електрик“ ((Pacific Gas and Electric, PG&E), соопшти дека се истражува причината за масовниот прекин на електричната енергија, додавајќи оти се стабилизира електричната мрежа и не се очекуваат нови прекини.
Според противпожарната служба, дел од прекините беа предизвикани од пожар што избувна во потстаница на ПГ&Е.
Свет
Зеленски бара уште една средба со европските сојузници
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека поддржува да се одржи нова средба со европските сојузници по состанокот на украинската делегација и американските претставници во Мајами, Флорида.
Постои општо чувство дека по работата на нашиот дипломатски тим во САД, сега треба да одржиме консултации со европските партнери во поширок формат, објави Зеленски на платформата Икс, по телефонскиот разговор со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Зеленски разговорите во Мајами ги опиша како конструктивни и оти е забележан брз напредок.
Тој обвини дека Русија не сака да ја заврши војната и за една недела руските сили употребиле речиси 1.300 борбени дронови, околу 1.200 бомби и девет крстосувачки и други ракети врз Украина.
Свет
По повеќе од 400 години данската пошта прекинува со достава на писма
Данската пошта денеска соопшти дека на 30 декември ќе ја изврши последната достава на писма, со што се завршува традицијата долга повеќе од 400 години, која датира уште од 1624 година.
Причината за потегот е тоа што во текот на последните 25 години испраќањето писма драстично опадна – за повеќе од 90 отсто.
„PostNord“, компанијата која настана со спојување на шведската и данската пошта во 2009 година, претходно соопшти дека ќе укине 1.500 работни места во Данска и ќе отстрани 1.500 поштенски сандачиња, со оглед на тоа што побарувачката за писма драстично опадна, додека онлајн купувањето продолжува да расте. Оваа компанија, која и понатаму ќе доставува писма во Шведска, нагласи дека во Данска на нејзино место доставата ќе ја преземе компанијата „Dao“, која веќе врши достава на писма и која планира да ги прошири своите услуги од 1 јануари.
Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека меѓу младите доаѓа до повторен пораст на пишувањето писма. Истражувањето на „Dao“ покажа дека лицата на возраст меѓу 18 и 34 години испраќаат два до трипати повеќе писма отколку другите возрасни групи, а истражувачот на трендови Мадс Арлиен-Соборг верува дека младите се свртуваат кон пишувањето писма како „противтежа на дигиталната преоптовареност“.
Според данскиот закон, мора да постои можност за испраќање писма, што значи дека доколку „Dao“ одлучи да ја прекине доставата, владата би била обврзана да именува друга компанија за таа задача.
Законот за дигитален идентитет, „MitID“, се користи за сè – од онлајн банкарство до закажување прегледи кај доктор, а поголемиот дел од официјалните комуникации се испраќаат преку дигитална пошта наместо со обична пошта.
Денес 97 отсто од данската популација постара од 15 години е регистрирана во „MitID“, додека само пет отсто одлучиле да се откажат од дигиталната пошта.
– Бевме данска пошта 400 години и затоа ова е тешка одлука, но Данска стана сè подигитална, што значи дека денес речиси и да нема писма. Со оглед на падот на побарувачката, пазарот на писма повеќе не е профитабилен, изјави заменикот извршен директор на „ПостНорд Данска“, Ким Петерсен.

