Македонија
„Дали Зоран Заев во Дубаи гради високи згради над 50 ката и дали на тој начин ја стекнал златната виза“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„Времето изминува, СДС се занимава со сè и сешто, шета од тема на тема, но за темите што ги интересира цела јавност ги нема ни збор да кажат. Веќе извесен период прашуваме и ги повикуваме СДС, Венко Филипче и Зоран Заев да одговорат дали поседуваат златни визи за Дубаи? Ако поседуваат, тогаш на кој начин ги стекнале имајќи предвид дека таквите визи се стекнуваат со вложувања или инвестиции кои надминуваат и неколку милиони“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали Зоран Заев во Дубаи гради високи згради од над 50 ката и дали на тој начин ја стекнал златната виза? Ако е така, колку милиони однесе таму и од каде му се парите?
Оттука, го поставуваме и прашањето, дали и Филипче исто така е поврзан со оваа афера, па затоа од неговиот ментор Заев е поставен на чело на СДС за да му го чува грбот?
Сите знаат дека Филипче е верна сенка на Заев и дека тие двајцата се прават заедно, па оттаму е и дилемата дека во аферата со висококатниците во Дубаи можно е и тој да е вклучен.
Овие двајца беа неразделни и за време на нивното заедничко владеење, па така се богатеа врз грбот на граѓаните местејќи тендери, посебно во ковид кризата каде што живи беа фатени како договараат милионски провизии за набавка на вакцини.
Венко Филипче и неговиот ментор Заев со години наназад ја уништуваа и ограбуваа државата, па тие пари сега ги вложуваат во приватни бизниси. Во јавноста глумеа дека ја спасуваа Македонија, но тие само се спасувале самите себеси и милиони спечалени врз грбот и здравјето на граѓаните.
Зачудувачки е нивниот молк и фактот што на сите овие прашања и дилеми Филипче, Заев и СДС, ниту реагираат ниту пак ги демантираат. Можеби затоа што немаат аргументи и затоа што сите овие дилеми се точни, одговор треба да дадат тие.
Но едно е сигурно, СДС, Заев и Филипче, се синоним за криминал, неспособност и национални предавства“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.