Свет
(Видео) Земјотрес со јачина од 6,2 степени го погоди Истанбул

Силен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска Истанбул, соопшти турската агенција АФАД.
Засега нема извештаи за големината на штетата, но жителите на најголемиот турски град се евакуирани од зградите.
Епицентарот на земјотресот, кој се случи во 12.49 часот по локално време, бил во областа Силиври, област што се наоѓа на 80-ина километри западно од Истанбул. Земјотресот се случи на длабочина од 6,92 километри, соопшти АФАД.
Турската телевизија ТГРТ јавува дека едно лице е повредено кога скокнало од балкон за време на земјотресот.
АФАД ги предупреди жителите на регионот да не влегуваат во оштетените згради.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Америка објави од што зависи намалувањето на рекордните царини кон Кина

Aдминистрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, ќе ја разгледа можноста за намалување на царините на стоките увезени од Кина во зависност од преговорите со Пекинг, изјави извор запознаен со ова прашање, додавајќи дека нема да има еднострани потези.
Изворот го кажа ова по извештајот на „Волстрит журнал“ дека Белата куќа размислува да ги намали тарифите за увоз на кинески стоки во обид да ги намали тензиите.
Царините за Кина ќе бидат намалени од сегашното ниво од 145 отсто на меѓу 50 и 65 отсто, пишува весникот, цитирајќи официјален претставник на Белата куќа.
„Ќе имаме фер договор со Кина“, им рече Трамп денеска на новинарите, но не ги коментираше деталите од извештајот на „Волстрит журнал“ . Претседателот, исто така, во вторникот изрази оптимизам дека е можен договор за пониски царини.
Портпаролот на Белата куќа, Куш Десаи, рече дека секоја вест за царините е чиста шпекулација освен ако не доаѓа директно од Трамп.
Покрај високите царини за Кина, Трамп воведе и царини од 10 отсто за сите други увозни производи во земјата, како и повисоки царини за челик, алуминиум и автомобили. Тој ги суспендираше специјалните царини за десетици други земји до 9 јули и навести можност за воведување дополнителни царини за фармацевтските производи и полупроводниците. Ова ги наруши финансиските пазари и ги зголеми стравувањата од рецесија.
Меѓународниот монетарен фонд вчера објави дека царините ќе го забават економскиот раст и ќе го зголемат задолжувањето ширум светот.
Регион
Се запали градинка во Загреб – пожaрот избил од клима уредот

Пожар изби попладнево во градинка во Загреб.
Според информациите на хрватските медиуми, причина за избувнување на пожарот е палење на клима уредот.
Првата личност која се обидела да се справи со огнот била жена која го гаснела со ПП апарат. Во меѓувреме сите деца навреме го напуштиле објектот и биле испратени на безбедно.
Пожарот се проширил низ една од просториите, а неговото натамошно ширење го спречиле загрепските пожарникари, кои дојавата за пожарот ја добиле околу 16:55 часот.
Допрва ќе се утврдуваат околностите под кои избил пожарот во градинката.
Свет
Зошто папата не може да биде донатор на органи

Официјални лица од Ватикан објаснија зошто поглаварот на Католичката црква не може да биде донатор на органи и по смртта, без разлика дали е регистриран како донатор или не.
Телото на папата Франциско утрово беше префрлено во базиликата Свети Петар за католичките верници да му оддадат последна почит пред погребот кој ќе се одржи во сабота во 10 часот. Јавноста ќе може да му оддаде почит на папата Франциско до петок.
Кога Ватикан беше домаќин на европската донација на органи во октомври 2014 година, папата Франциско го опиша чинот на донирање органи како „сведоштво за љубов кон ближниот“. Сепак, папата не може да биде донатор на органи и ќе биде погребан со сите органи што ги имал во моментот на неговата смрт. Дури и да одлучил да биде донатор на органи порано во животот, пред да биде избран за папа, таа одлука се поништува.
Иако многумина шпекулираат дека папата не може да биде донатор поради неговата возраст, вистинската причина излезе на виделина кога на чело на Католичката црква беше Бенедикт Шеснаесетти, за кој се знаеше дека има картичка за дарување органи. Еден лекар се залагаше за практиката папата да биде донатор на органи, за да послужи како пример, но Ватикан го замоли да престане и објасни дека Бенедикт Шеснаесетти всушност не би можел да ги донира своите органи доколку умре како Папа.
Бенедикт доброволно се пензионира во 2013 година, но додека тој сè уште беше поглавар на црквата, неговиот секретар, монсињор Георг Гаенсвајн, испрати писмо до докторот кое подоцна го објавија медиумите. Во писмото објаснува: „Точно е дека Папата поседува картичка за донирање органи, но спротивно на јавното мислење, картичката издадена во 1970-тите стана де факто неважечка со изборот на кардиналот за папа“.
Официјални лица на Ватикан објаснија дека кога папата ќе умре, неговото тело во целост и припаѓа на Црквата и мора да биде погребано недопрено. Според Ројтерс, официјалните лица додале дека органите на папата, доколку се донираат, ќе станат реликвии во други тела доколку покојниот Папа на крајот биде прогласен за светец.
Коментирајќи ја одлуката на Папата Бенедикт да стане донатор на органи, портпаролот на Ватикан Федерико Ломбарди тогаш рече: „Папата очигледно направи избор пред многу години. Како граѓанин можеше да ја донесе таа одлука, но сега има поинаква улога“.