Македонија
„Конзулатот во Њу Џерси работи само 4 часа неделно – уште една навреда за македонската дијаспора“, велат од партијата Левица

„Срамно и понижувачко е постоењето на Конзулатот на Република Македонија во Риџфилд Парк, Њу Џерси, кој работи само четири часа неделно – два часа во вторник и два во четврток, и тоа е жив доказ за институционалното запоставување на македонската дијаспора“, велат од партијата Левица.
„Нашиот народ кој живее, работи и придонесува во САД е принуден да се соочува со крајно минорни и ограничени услуги, затворени врати и администрација која не одговара ниту на телефон. Тоа е директно понижување за граѓаните чии даноци и вложувања се игнорираат од страна на една сервилна и неефикасна дипломатија. Ниту една друга држава во светот, како што сами велат граѓаните, ни приближно не покажува ваква рамнодушност и игнорирање на сопствените сограѓани.
Овој однос на Македонско конзуларно претставништво во светот не е единствен. Честопати се регистрира и во други држави, и не мал бројот на наши сограѓани очајуваат поради нефункционални веб сајтови, неодговарање на телефон во работно време и патувања на празно зашто работното време е или недоволно или неправилно означено.
Ги повикуваме надлежните од Министерството за надворешни работи да објаснат зошто оваа институција во Њу Џерси практично не функционира, и да преземат итни мерки за проширување на работното време, вработување на соодветен кадар и воспоставување ефикасна комуникација со македонските државјани. Исто така, секојдневно да ги ажурираат податоците на конзуларните сајтови и во сите останати држави во однос на податоците што се од корист на нашите сограѓани во странство.
Да не се заборава дека Македонската дијаспора е жив организам кој со децении ја поддржува татковината и има право на достапни и ефикасни конзуларни услуги“, соопшти партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.