Македонија
Менталното здравје најчест проблем на младите што побарале помош на „Ало, бушавко“

Во 2024 година, на телефонската линија за деца и млади „Ало, бушавко“, која функционира 24 часа, најмногу деца кои се јавиле се пожалиле дека имаат проблем со менталното здравје.
Од „Меѓаши“ велат дека во споредба со 2023 година се забележува константност во бројот на повици, со благо зголемување на процентот на проблеми поврзани со менталното здравје. Додека во 2023 година менталното здравје беше застапено со речиси 70 % од вкупните проблеми, во 2024 година овој процент се зголеми на 74,2 %, што укажува на растечкиот тренд на психолошки проблеми кај децата и младите во нашата земја.
„Ова ја потврдува потребата за зајакнување на системите за поддршка и превенција во областа на детското ментално здравје. Тимот на ‘Ало, бушавко’ увиде дека доминираат проблемите со анксиозност и стравови, следени од проблеми со контрола на емоциите, особено гневот. Исто и високата застапеност на загриженост за себе. Оваа година вниманието ни беше преземено и од неколку случаи поврзани со самоубиствени мисли и обиди за самоубиство. Оваа појава е особено актуелна како последица на социјалната изолација, користењето на социјалните мрежи, неизвесноста и стресот, кои се како главни фактори што придонесуваат кон овој проблем. Иако не беа многу на број (3 деца со обид за самоубиство), сепак загрижувачки е значителното зголемување на пријавени самоубиствени мисли и обиди, што претставува алармантен сигнал за преземање навремени интервентни мерки. Важно е да се зајакнат системите за поддршка, да се едуцираат родителите и наставниците за препознавање на предупредувачките знаци, како и да се намали стигмата поврзана со барањето помош за ментални проблеми“, велат од „Меѓаши“.
Според податоците за овој период од една година, сите деца што се опфатени со дојави се соочувале со повеќе од еден проблем од областа на менталното здравје, кое како категорија е најизразен проблем, со 74,2 % од вкупниот број проблеми по категорија. Од поткатегориите, кои ги опфаќа категоријата Ментално здравје, се појавуваат страв и ознемиреност, проблеми со гневот, загриженост за себе и проблеми со расположението.
Главната причина за овие психолошки состојби кај децата е проблематичниот однос на родителите, особено по разводите, неусогласеноста во однос на контактите со детето или неостварувањето средби со родителот кој не е старател. Проблемите се јавуваат и поради нарушените меѓучовечки односи, како што се врснички конфликти или проблеми во односите помеѓу наставниците и учениците.
Втора најчеста причина е категоријата Повреда (16,8 %). Покрај ова, зачестени се дојави за проблеми во училиште (2,6 %,) особено оние што се поврзани со наставниот и стручниот кадар на училиштето (засегнати се 16 деца). Најмал процент деца во извештајниот период се однесува на категориите: Семејни односи (2,5 %), Дискриминација и екслузија (1,6 %), Пристапност (1,2 %),
Сексуалност (0,4 %), Исчезнати деца (0,4 %) и Физичко здравје (0 %).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Време е за ресетирање на правосудниот систем

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Сопиште, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“.
Тој се осврна на темата за правдата во државата, а го потенцираше правосудниот систем кој според него, треба да биде непристрасен, да има судии кои судат според законот, процедури кои ќе ја вратат довербата, а додаде и дека правдата не смее да биде привилегија на малкумина.
Како што вели Мицкоски, постојат кочници кои се вградени во институциите на државата и функционираат како длабока држава во државата.
„Многу ме прашуваат изминатиов период, зошто и како не правиме реформи во судството, реформи во обвинителството. Тоа е нешто кое што претставува и за сите нас болка, бидејќи и судството и обвинителството се сегменти коишто се уште, претставуваат последните бастиони во одбрана на претходната влада. Ако некој ме праша зошто, затоа што инсталациите таму, и покрај десетиците би рекол, повеќе од стотина пријави кои што доаѓаат од надлежните институции, поткрепени со докази не ги процесуираат, туку ги држат во фиока. Но после овие локални избори, ќе се навратиме и на таа тема“, кажа Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека е време за ресетирање на системот, со цел да се изгради држава на правда, а во истата таа држава на правда правосудниот систем мора да биде непристрасен и непокорлив.
Како што кажа тој, здравствениот систем ќе биде столб на државата, со достапни лекови, модерни болници и стручен кадар.
,,Моментот што го чекале генерации е пред нас време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин брза, достапна и ефикасна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем е биде столб на оваа држава — модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената “, рече Мицкоски.
Мицкоски ги потенцираше кочниците кои се вградени во сите институции и го кочат напредокот на граѓаните, затоа што истите функционираат како длабока држава, низ мрежи кои се шират низ сите институции, а понекогаш дури и низ етничките заедници.
,,Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја гушат работата на државата, кочници што се вградени во институциите, што делуваат тајно или откриено, и тие ја претставуваат во суштина длабоката држава во државата“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Утре сончево време со локална облачност

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.