Македонија
Крајно време е да престанеме да преговараме за идентитетските прашања со кого било, рече Муцунски
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски рече дека Владата се стреми кон компромис, кој ќе биде рационален за да се откочи патот кон Европската Унија. Тој е дециден и дека е крајно време е да престанеме да преговараме за идентитетските прашања со кого било како држава, а се осврна и на владината позиција да се стави крај на билатеризацијата на европската интеграција, која, ако стане пракса, ќе предизвика штета на целиот регион.
„Нашите позиции се да се стави крај на билатеризацијата на европската интеграција и нешто што го повторувам дека создавањето пракса на билатерализација штети на целиот регион. Процесот на проширување нема да биде конечен без интеграција на целиот регион“, рече Муцунски одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ.
Шефот на македонската дипломатија изјави и дека посветеноста кон европската интеграција треба да престане да се мери по капацитетот на отстапките на која било влада по однос на националните прашања.
„И што доколку утре се прифати тоа што се бара од нас? Што доколку утре се случат уставните измени и за шест месеци повторно сме во иста ситуација. И повторно ќе треба и дијалог и разговори и повторно ќе биде закочен процесот на преговори. Ги следам и пораките што доаѓаат дека реформската агенда, доколку се исполни, ја врши и дел од работата на самите преговори. Притоа, нагласувам, не мислиме како Влада дека реформската агенда може да го замени процесот на преговори, тоа е далеку од нашата позиција. Но, реформската агенда, прво, може да биде трансформативна за целата држава, а второ, ќе ја покаже и на дело нашата посветеност кон европската интеграција“, рече Муцунски.
Тој изрази и надеж дека европскиот парлмент ќе ја продолжи традицијата на извештаи кои се позитивни кон напредокот врз основа на мерит-критериумите за членство во Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прочка – празник на искреното меѓусебно простување кај православните верници
Денеска православните верници го слават празникот Прочка.
Овој ден е голем празник за христијаните бидејќи ја претставува искрената волја за срдечно простување меѓу луѓето. Со празникот се поврзани и голем број на обичаи и верувања.
Прочка е ден на меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Датумот на празникот се менува во зависност од датумот на Велигден и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.
Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми“, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Со Прочка завршуваат зимските и почнуваат пролетните празници.
Македонија
Променливо облачно со засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди. Во утринските часови, во повисоките предели на северозападот можно е краткотрајно провејување на слаб снег.
Ќе дува умерен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе биде засилен и ќе достигнува брзина до 60 километри на час. Минималната температура ќе се движи од -4 до 4 степени, додека максималната дневна ќе биде меѓу 5 и 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува променлива облачност со кратки сончеви периоди. Северниот ветер на моменти ќе засилува, особено во одредени делови од котлината. Утринската температура ќе се спушти до 2 степени, а дневната ќе достигне до 11 степени.
Во текот на новата седмица се очекува стабилно време. Исклучок ќе биде вторник, кога кон крајот на денот, претежно во североисточните делови од земјата, се можни повремени локални врнежи од дожд. Утрaта ќе бидат постудени, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.

