Македонија
Манасиевски за случувањата во антикорупциската комисија: Секој инволвиран мора да одговара, без разлика на функцијата

Секој инволвиран во одредено противправно дејство за кое постојат јасни докази и факти мора да одговара, без разлика на неговата политичка, верска, етничка, а најмалку без разлика на неговата функција што ја извршува. Ова го изјави Валентин Манасиевски, член на Цeнтралниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање.
Како што рече, доколку постојат докази за сторено кривично дело, недозволено е таквото однесување.
„Од аспект на морал, сметаме дека е поголема одговорноста кај лицата што извршуваат високи јавни функции отколку кај другите. Нашата заложба како Влада е јасна, а тоа значи бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата. Правдата и владеењето на правото е важен двигател за развојот и перспективата на државата и затоа секој еден поединец или фактор кој извршува јавна функција мора да е насочен кон исполнување на сопствените индивидуални должности и обврски, односно целосно почитување на законските норми“, рече Манасиевски.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да покажат дека секој што згрешил пред законот соодветно ќе биде казнет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.