Македонија
Уникатното охридско кајче претставено на Меѓународниот саем за наутика во Белград

Охридски „Зелен град“ го претстави уникатното охридско кајче со фотоволтаични панели и електичен мотор на Меѓународниот саем за наутика во Белград
Екоздружението „Зелен град“ од Охрид имаше забележително учество на Меѓународниот саем за наутика во Белград, Република Србија.
Се претставија со единствениот и уникатен експонат на саемот, традиционалното охридско кајче, на кое беа поставени фотоволтаични панели и иновативен електичен мотор.
„Бродскиот мотор е создаден со примена на напредната технологија на комбинирани намотки ‘славјанка’. Се карактеризира со голема моќност, што му овозможува да го движи кајчето без поголеми проблеми, со користење енергија од фотоволтаичните панели“, информираат од „Зелен град“.
На Саемот за наутика беа прикажани јахти, глисери, катамарани и мотори од најголемите светски производители.
„Меѓу нив нашето кајче беше единствено со поставени фотоволтаични панели, со електромотор и изработено од еколошки материјал – дрво и метал. Се планира да се направат уште неколку тестови со фотоволтаичните панели на Охридското Езеро и со тоа да се иницира транзиција на водниот транспорт до еколошки извори на енергија за зачувување на чистотата на водата, флората и фауната на езерото“, потенцираат од „Зелен град“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Попладне пороен дожд и грмежи во западните делови, најавија метеоролозите

Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне, претежно во западните региони ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, јавува УХМР.
Максималната температура ќе биде во интервал од 28 до 35 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 33 степени.
Македонија
Марш на ангелите во Кочани: Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој

Правда мора да има, ако не ќе поставиме шатори пред судот и полицијата и нема да дозволиме никој да влегува. Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој. Ова го порача поддржувач на родителите чии деца загинаа на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој од својата инвалидска количка го предводеше осумнаесетиот марш на ангелите. Зборувајќи пред Основниот суд во Кочани, ја обвини полицијата дека дваесет минути на влезот во градот, кај ресторанот „Национал“, држела луѓе од други општини затоа што доаѓале да ги подржат кочанчани.
– Без никакво образложение легитимирале, претресувале. И порачувам на цела Влада – помеѓу тие луѓе нема ниту еден терорист, ниту еден нарко дилер, ниту еден криминалец. Тоа се луѓе со душа и срце. Зошто се прави таков притисок, се обидувате ли нешто да скриете. Истрагата „терајте“ ја како што треба. Родителите на починатите веќе немат солзи во очите, изјави поддржувачот на родителите.
Осумнаесетиот марш на ангелите вечерва се одвиваше по истата маршрута како и претходно: Парк на Револуцијата, кафуле „Класик“, Општина, УЈП, полиција, суд, со тоа што вечерва немаше свирежи пред споменатите институции.
Родителите беа доста тивки. Сестра на починато момче во пожарот во „Пулс“ само потсети дека денеска, 16 август, навршија пет месеци откако на 16 март 62 лица ги загубија своите животи.
Македонија
Пожарот што зафати дел над селото Лојане, Општина Липково, во голем дел е локализиран и изгаснат

Пожарот што зафати дел над селото Лојане, Општина Липково, во голем дел е локализиран и изгаснат. Селото е целосно заштитено, а интензитетот на горењето во појасот на боровата шума значително е намален, информира вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Али.
Со отворањето на патот за пристап, како што наведува, се овозможи пешадиско дејствување на екипите на „Национални шуми“, што значително придонесе кон ограничување на ширењето на огнот.
– Во акцијата беа ангажирани хеликоптер Бел-412 на МВР, две екипи на Територијалната противпожарна единица Куманово со соодветни противпожарни возила, како и екипи на „Национални шуми“ – Подружница Куманово со специјализирани возила за шумски пожари. Активно учество зема и месното население, чија помош беше од големо значење. Како директор на Центарот за управување со кризи, лично ги координирав активностите на терен, осигурувајќи соработка меѓу институциите и брза реакција за заштита на животите и имотот на граѓаните. Благодарност до сите учесници за професионалниот ангажман и посветеност, нагласи Али.
ЦУК соопшти дека вечерва до 18:00 часот на територијата на цела држава има вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, а 15 се изгаснати. Освен пожарот во селата Лојане и Табановце, активни пожари има и во повеќенаменското подрачје „Јасен“, во општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце, Долно Орешје, каде се зафатени пасишта и мешана шума и во кумановското село Черкези.