Македонија
Сиљановска-Давкова: Уставниот суд е најнереформираниот државен орган
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на тркалезната маса насловена како: „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“, организирана од Уставниот суд и ЕУ.
Според претседателката, прашањето: „Дали е потребна реформа на македонското уставното судство?“ е вистинското прашање. Истакнувајќи дека Уставниот суд е најнереформираната институција, со оглед на неколкуте неуспешни обиди за уставни измени, претседателката укажа на неодржливоста на сегашното правно решение и упати на препораките на Венецијанската комисија за донесување Закон за Уставниот суд. Таа констатираше дека нашиот Уставен суд не успеа да прерасне во четврта власт, коректор на односите меѓу трите власти и заштитник на слободите и правата на граѓаните.
Сиљановска-Давкова укажа на важната улога во градењето уставна демократија на уставните судови на Германија, Франција, Шпанија, Португалија, Словенија и на Хрватска.
Таа се заложи за поширока надлежност на Уставниот суд: проширување на листата на заштитени слободи и права, оценка на меѓународните договори пред да бидат ратификувани од Собранието, давање финална оценка на изборите и референдумите, дислоцирање на автентичното толкување на законите од надлежност на Собранието во надлежност на Уставниот суд, воведување impeachment и за други носители на високи функции, конкретизирање на условите за „истакнат правник“ за да се оневозможи политизацијата и партизацијата, што доминирале во досегашното регрутирање на уставните судии.
Претседателката се вклучи во бурната дебата што следеше, застапувајќи и бранејќи го ставот за нужноста од уставни промени заради создавање уставен основ за донесување Закон за Уставен суд по примерот на најголемиот број развиени демократии, како и во духот на препораките на Венецијанската комисија и научната мисла.
Во воведниот дел на тркалезната маса говореа претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, амбасадорот на ЕУ, Михаил Рокас, амбасадорката на Германија, Петра Дреклер и амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Наодите од анализата за тоа дали има или не потреба од донесување Закон за Уставен суд беа презентирани од проектниот тим, составен од Карстен Манке, раководител и Мартин Сопранов и Маргарита Цаца Николовска, правни експерти. Проектот е финансиран од Европската Унија.
Свои ставови презентираа судијките Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павлова Данева, како и универзитетските професори по уставно право: Рената Десковска- Тренеска, Тања Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари и Денис Прешова.
Присутните го слушнаа и мислењето на невладиниот сектор, односно на претставниците на „Сите за правично судење” и „Млади правници”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 11 часот во четирите општини е 3,32 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 11:00 чaсот, од вкупно запишани 128.286 гласачи на 215 избирачки места од општините Врапшиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, каде денеска се спроведуваат повторените избори за градоначалник на општина, гласале
3.553 гласачи, односно 3.32 %.
– Врапшиште, гласале 834 гласачи, односно 3.02 %.
– Гостивар, гласале 1937 гласачи, односно 3.14 %.
– Центар Жупа, гласале 168 гласачи, односно 2.22 %.
– Маврово и Ростуше, гласале 624 гласачи, односно 5.90 %.
Како што информира ДИК, во споредба со гласањето на 19 октомври 2025, до 11:00 часот, на овие повторени избори се забележува разликата во однос на излезеноста во овие општини и тоа:
– Врапшиште, зголемена за 0.48_%.
– Гостивар, намалена за 1.96 %.
– Центар Жупа, намалена за 2.61 %.
– Маврово и Ростуше, намалена за 5.82 %.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.

