Македонија
СДСМ: Обвинителството да го истражи скандалот со Стефковски и да утврди одговорност за сите
Скандалот со братот на градоначалникот Бобан Стефковски кој дивееше по скопските улици, а потоа беше ослободен од страна на МВР го потврди она што сите многу добро го знаат: за функционерите на ДПМНЕ и нивните роднини не важат законите, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Министерот Панче Тошковски беше принуден јавно да го признае скандалот но само откако СДСМ го обелодени случајот.
Граѓаните не се наивни и многу добро знаат да не реагиравме ние, ова скандалозно самоволие ќе останеше скриено од очите на јавноста, а прекршителите недопирливи. Само затоа што се роднини на функционери од ДПМНЕ.
Но скандалот отвора и нови апсекти. Дали лично градоначалникот Стефковски се јавувал на посоченит началник во МВР за да врши притисок и да обезбеди ослободување на неговиот брат?
Дали ќе има кривична одговорност за тоа што казната му е напишана на друго лице?
Граѓаните заслужуваат чесно, одговорно и транспарентно раководење, а не злоупотреба на службени позиции за заштита на привилегирани функционери, нивните роднини и пријатели.
Овој настан ја покажува целосната нефункционалност на правниот систем под водство на ВМРО-ДПМНЕ и ја разоткрива нивната двојна политика: едно правило за обичните граѓани, друго за привилегираните блиски до нив.
Затоа прашуваме гласно и јасно:
Кој ќе ја преземе политичката одговорност за овој тежок скандал?
Дали Стефковски има доблест да поднесе оставка?
Дали министерот Тошковски ќе си замине од функцијата поради очигледната злоупотреба на полицијата во заштита на блиските функционери од ДПМНЕ?
Ги повикуваме сите надлежни институции, вклучително и Јавното обвинителство, веднаш да отворат истрага за постапките на полицијата и за евентуалната вмешаност на Стефковски.
СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи бескомпромисно да се бори против сите злоупотреби, без разлика од каде доаѓаат.
Граѓаните сакаат правда, граѓаните сакаат институции што работат за нив, а не за заштита на блиските до врвот на ВМРО-ДПМНЕ!“, изјави Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

