Економија
Вонреден состанок на Божиновска и Бислимовски: МЕПСО може да исклучува фотоволтаици за стабилен систем за 1 Мај
По насока на министерката за енергетика Сања Божиновска, за претстојниот празник 1 Мај повторно ќе се активираат мерките што беа применети од страна на операторот на електропреносниот систем МЕПСО и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за време на велигденските празници, со цел да се обезбеди стабилен и сигурен електроенергетски систем.
Одлуката е донесена на вонреден состанок на министерката Божиновска со претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, и заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауновски.
„Овие два дена во Атина, каде што се одржува Балканскиот енергетски самит, разговаравме со колегите од регионот и се координиравме околу мерките што сите земји мора да ги преземат за стабилен систем. Како веќе информиравме, со координација меѓу сите клучни енергетски чинители и по насока на ENTSO-E, МЕПСО веќе примени дел од тие мерки за велигденските празници и успеавме да го неутрализираме ризикот од блек-аут – граѓаните имаа непречено снабдување со електрична енергија. Проценките се дека ваквата состојба ќе продолжи и за престојните првомајски празници и затоа е неопходно овие мерки повторно да се активираат,“ изјави министерката Божиновска.
Оваа мерка, која за првпат беше применета за време на велигденските празници, подразбира привремено исклучување на фотоволтаични електрани со цел да се растерети електроенергетската мрежа и да се овозможи сигурно управување со системот во услови на зголемени флуктуации и оптоварување.
Мерките предвидуваат примена на корективни диспечерски интервенции, односно привремено и наизменично исклучување на дел од фотоволтаичните електрани поврзани на преносната и дистрибутивната мрежа, со што МЕПСО ќе има целосна можност да го раководи системот и да ја обезбеди неговата стабилност, велат од Министерството за енергетика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

