Свет
Трамп: Можеби децата ќе имаат две кукли наместо 30, a можеби и ќе бидат поскапи
																								
												
												
											Американскиот претседател Доналд Трамп вчера призна дека неговите царини може да доведат до повисоки цени и намалена достапност на некои производи во САД.
Американските деца можеби би можеле да имаат две кукли наместо 30, рече Трамп, инсистирајќи дека Кина ќе страда повеќе од САД поради трговската војна.
Американскиот претседател се обидува да ја увери јавноста дека неговите царини нема да предизвикаат рецесија, откако новиот владин извештај покажа дека американската економија се намалила во првите три месеци од оваа година.
Трамп веднаш го обвини неговиот претходник Џо Бајден, додавајќи и дека на САД всушност не им треба многу од она што се увезува од Кина.
„Знаете, некој рече: „Што ако полиците се празни. Можеби децата ќе имаат две кукли наместо 30. Можеби тие две кукли ќе чинат неколку долари повеќе од вообичаено“, рече Трамп.
Пред говорот на Трамп, Министерството за трговија објави дека американската економија се намалила со годишна стапка од 0,3 отсто во првиот квартал.
Во основата на падот е скокот на увозот бидејќи компаниите се обидуваат да набават стоки пред да стапат на сила големите царини. Дури и позитивните показатели за повисоки домашни трошоци укажуваа дека набавките се вршат однапред, пред царините да предизвикаат пораст на цените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Свет
Нетанјаху: „Нема повеќе воздржаност, Израел мора да има силна армија“
														Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека на Израел му е потребна голема армија, со резервни формации во нејзиното јадро.
„Резервните сили се фундаментална компонента, клучен елемент. Ни треба голема, силна, а воедно и паметна армија“, рече Нетанјаху на конференција со високи резервни офицери, на која присуствуваа и министерот за одбрана Израел Кац и началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили, генерал-потполковник Ејал Замир, објави „Тајмс оф Израел“.
Според него, децении пред нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, израелската армија ги затвораше резервните единици, движејќи се кон „мала, паметна“ армија заснована на високо обучена сила за активно регрутирање.
Како што изјави тој, двете години копнени борби на повеќе фронтови од инвазијата на Хамас во голема мера се потпираа на резервисти, кои служеа во повторени рунди на повици.
„Не само што го променивме Блискиот Исток – туку се променивме и себеси. Нема повеќе воздржаност. Постои постојана иницијатива и проактивност. Резервните формации се појавија повторно, спротивно на сè што мислеше непријателот. Тие грешеа. Погрешно нè проценија. Погрешно ве проценија вас“, рече Нетанјаху.
Израелските одбранбени сили и одбранбениот естаблишмент соопштија дека на армијата ѝ се потребни дополнителни 12.000 борбени војници поради зголемените безбедносни потреби на земјата, смртта и повредите на илјадници војници за време на двегодишната војна од нападот и масакрот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Фото: принтскрин
Свет
Русија планира да го признае мајчинството како вработување со полно работно време
														Државната дума на Русија е пред усвојување на историски закон со кој официјално би се признало мајчинството како форма на работа, објавува „BRICS News“. Нацрт-законот, кој моментално е во последна фаза на разгледување, предвидува времето поминато во грижа за деца и на породилно отсуство да се смета во возраста за пензионирање, што им овозможува на мајките да добијат пензиски кредит за нивните напори и посветеност на семејството.
Оваа иницијатива, според официјалните лица, има за цел да ја зајакне социјалната сигурност на семејствата и да ја поттикне стапката на наталитет, што е итен проблем во Русија. Економистите, од друга страна, предвидуваат пошироки социјални последици, нагласувајќи дека со усвојувањето на овој закон, неплатената домашна работа за прв пат би се изедначила со другите форми на вработување на институционално ниво.
Доколку законот се усвои, тоа ќе претставува прогресивен чекор во признавањето на економската важност на семејната грижа, која досега беше надвор од формалниот систем на работа. Оваа одлука би можела да го промени начинот на кој општеството ја перцепира и вреднува улогата на мајката и конечно, да ѝ обезбеди заслужено место во пензискиот систем. Дали другите земји ќе го следат овој пример, останува да се види, но со овој чекор, Русија несомнено започна важна дебата за економската вредност на неплатената домашна работа, пренесува медиумот.
Фото: принтскрин
Свет
Орбан: Финансирањето на Украина не е работа на Унгарија
														Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека, според јавните проценки, на Украина ѝ се потребни 400 милијарди американски долари за да ја продолжи војната со Русија во следните четири години.
Тој рече дека се очекува Европската Унија да ја плати сметката, но истакна дека „не е работа на Унгарија да ја финансира Украина“, иако неговата земја е членка на ЕУ.
Орбан рече дека, освен ЕУ, нема никој друг кој е подготвен да ја плати сметката, пренесува МТИ.
„Затоа Брисел е толку вознемирен. Затоа сакаат да запленат замрзнати руски средства, да го ревидираат системот за финансирање на ЕУ и да земат нови заеми. Ние го отфрламе тоа. Не е работа на Унгарија да ја финансира Украина. Немаме причина за тоа, ниту политички, ниту економски, ниту морално. Не сме сами во Европа, но зборуваме најотворено. Затоа Брисел постојано нè напаѓа“, рече Орбан.
Тој рече, користејќи германски термин, дека ЕУ сака „влада (jawohl)“, односно влада која само ќе каже „разбирам“.
„Тие сакаат „jawohl“ влада со Канцеларија на европски јавен обвинител, економска политика што е во согласност со ЕУ, експерти одобрени од Брисел и премиер кого можат да го контролираат“, рече Орбан.
Тој најави дека владата на таа земја ќе ги поддржува унгарските семејства, компании и пензионери во следните четири години, како дел од кои ќе се воведе ослободување од данок за мајките со две или три деца, а ќе се врати 14-тата пензија.
„Не можеме да дозволиме унгарски пари да се испраќаат во Украина“, заклучи Орбан.
Фото: принтскрин

