Македонија
ВЛЕН: Ги насочуваме странските инвестиции кон нашата земја

Претставникот на ВЛЕН, во својство на министер за европски прашања, Орхан Муртезани, во последните денови престојуваше во Јапонија каде што оствари плодни средби со претставници на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и важни личности и бизнисмени во Јапонија. Ваквите средби означуваат важен момент во нашите билатерални односи со Јапонија, извести ВЛЕН.
„Соработката со JICA има долга и консолидирана историја што вклучува децении пријателство и конкретна солидарност. До денес, Јапонија инвестираше над 421 милион долари во клучни проекти за развој на Северна Македонија. Овие инвестиции вклучуваат витални сектори како што се здравството, заштитата на животната средина и поддршката на малите и средни претпријатија – носејќи опипливи придобивки за нашите граѓани и економијата на нашата земја.
За време на дискусијата, беше нагласена важноста од отворањето канцеларија на JICA во Северна Македонија, иницијатива што ќе ја интензивира координацијата, ќе ја зајакне институционалната соработка и ќе го олесни спроведувањето на нови проекти на терен. Физичкото присуство на JICA во Скопје би донело нов ритам во нашата соработка и би послужило како точка на контакт за долгорочни проекти.
Гледајќи кон 2025 година и понатаму, ја потврдивме нашата посветеност да продолжиме со нови иницијативи во областа на туризмот за мали и средни претпријатија, со што ќе го зајакнеме локалниот економски развој и ќе изградиме поодржлив модел на развој.
Партнерствата како она со Јапонија не се само изолирани проекти, туку дел од сеопфатен пристап насочен кон зголемување на институционалните капацитети и подобрување на животот на граѓаните“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска Давкова: Не сум се фотографирала со восочни фигури на Доналд и Меланија Трамп

Фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп, реагираше претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова.
– Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација, вели таа.
Сиљановска – Давкова упати апел до медиумите за професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип.
Македонија
Денес дожд и температура од 13 до 21 степен

Времето во текот на денот се очекува да биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни, проследени со ретки грмежи.
Според синоптичарите, ќе дува слаб со умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 21 степен Целзиусов.
Во Скопје, се очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Според најавите, ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 19 степени Целзиусови.
Локални врнежи од дожд се најавени и за утре, а потоа во следните два дена да биде претежно стабилно.
Од четврток се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд и со значително опаѓање на температурата.