Македонија
„Неизживеаната власт со нова екскурзија на народна сметка“: Партијата Левица бара јавно да се објават сите трошоци

„Под параван на „меѓународно претставување“, власта на ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ повторно го злоупотребува државниот буџет за луксуз, комодитет и лични задоволства, додека народот преживува во услови на распаднато здравство, нефункционални институции и длабока сиромаштија. Овојпат, во Јапонија отпатуваа повеќе од 20 претставници на владата – министри, советници, портпароли и сопруги, на уште една раскошна, бесцелна и скапо платена „делегација“, чија реална корист за државата е непостоечка“, велат од партијата Левица.
„Да потсетиме: Владата претходно веќе потроши 10.380.340 денари само за осмислување на претставувањето на саемот.
Делегациите на оваа власт сѐ повеќе наликуваат на свадбени патувања со државна логистика – функционери со сопруги, службени патувања што мистериозно се совпаѓаат со туристички атракции, и сето тоа финансирано од народната каса. Очигледно, владиниот апарат станува алатка за лични „медени месеци“, каде државните интереси се само параван за раскошни уживања и неизживеани фотосесии.
Шетањето на членови на семејството не е исклучок, туку правило за оваа власт. Потсетуваме на случајот со синот на Мицкоски кој патуваше во САД, како и на сопругата на Африм Гаши во Вашингтон – за што Левица поднесе претставка, а случајот беше една од основите за интерпелацијата на Гаши. Истовремено, премиерот Мицкоски патува со бизнис класа, изнајмува приватни авиони поради ‘болки во колената’, а истовремено ја турка идејата за набавка на нов владин авион, што очигледно ќе служи не за државни итни случаи, туку за приватни прошетки на функционерите и нивните семејства.
Левица бара итно, прецизно и јавно објавување на сите трошоци поврзани со оваа екскурзија, поединечно за секој член на делегацијата, со јасно објаснување која била потребата и импактот од неговото или нејзиното присуство во Јапонија.
Ароганцијата со која оваа власт ги третира јавните средства, како лична сопственост, е навреда за секој граѓанин кој се бори за егзистенција и секојдневно се соочува со колабираните јавни услуги на државата. Овој однос кон народниот буџет крајно неодговорен и сведочи за целосно отуѓување на власта од реалноста во која живее мнозинството граѓани.
Наместо служба на народот, гледаме раскош за малкумина. Наместо отчетност – ароганција. Наместо државничко поведение – неизживеаност“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Проектот за студентските домови конечно излезе од лавиринтите на бирократијата

Премиерот Христијан Мицкоски денеска при посетата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје изјави дека рехабилитацијата на студентските домови е значаен проект кој долго време бил заглавен во лавиринти, процедури, но сега конечно се реализира.
„Ова е многу значаен проект, не само за овој студентски дом, туку генерално за сите. Конечно е одглавен. За нас е важно да се заврши и младите луѓе да добијат повеќе од добри услови за сместување“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека според она што го видел на терен, разликата во однос на претходната состојба е огромна, и изрази надеж дека студентите ќе почнат да се вселуваат веќе следната година.
„Нашата цел како Влада е реализација на проекти и реформи, бидејќи тоа го очекуваат граѓаните. Да градиме, а не како во минатото кога се крадеше ужасно многу“, изјави премиерот.
Македонија
Мицевски: Дадената шанса за Љупчо Коцевски е веќе потрошена

Без оглед на суштинските и сериозни разлики што постојат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и политичката партија Левица – особено во однос на нивниот политички курс и соработката со СДС – нашата заложба за бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал останува цврста, доследна и недвосмислена, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на седницата за интрпелацијата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица.
Таа борба, додаде тој, не смее да зависи од политичките калкулации или од моменталните партнери во опозицијата или власта.
„Таа борба треба да биде водена од принципи и убедувања – дека државата мора конечно да добие функционален, независен и храбар обвинителски систем, кој нема да молчи пред очигледен криминал, кој нема да трепери пред политички притисок, и кој нема да се претвори во соучесник на тие што ја поткопаа државата. Институциите, во соработка со обвинителството со години молчеа пред огромните скандали, голем дел предизвикани од врвот на СДС и ДУИ, што ѝ се добро познати на јавноста. Тие случаи не се и не смеат да бидат заборавени – туку тие се и денес отворена рана на ова општество. А јавното обвинителство остана рамнодушно и пасивно пред тие извори на неправда. Токму затоа сметаме дека дадената шанса за Љупчо Коцевски е веќе потрошена“, рече Мицевски.
Поддршката што тој ја доби не ја оправда, додаде тој.
„Наместо реформа и интегритет – добивме молк и сервилност кон власта што беше поразена од народот. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата, во интерес на принципите, граѓаните и правдата. Нема веќе простор за компромиси со неуспехот. Време е за одговорност“, рече Мицевски.
Македонија
ЛДП: Банкарските такси паѓаат под наш притисок, но нема да запреме со борбата против неправедните провизии

Граѓаните преку Либерално-демократската партија (ЛДП) го извојуваа првиот чекор – намалување на тарифниците за банкарски услуги, што произлегува како директен резултат од спроведената кампања „Твоја сметка – твои пари“ и јавниот притисок во интерес на граѓаните, велат од партијата.
Оттука сметаат дека ова е важен и исправен чекор напред, кој покажува дека кога институциите имаат слух, а политиката се води во служба на граѓанинот, резултатите не изостануваат.
„Го охрабруваме гувернерот на Народната банка да продолжи со реформскиот курс и уште похрабро да застане зад иницијативите за укинување на низа неосновани банкарски надоместоци и провизии што постојат само во нашата земја, а се непознати во модерните европски банкарски системи. Македонските граѓани и понатаму плаќаат провизии за затворање на сметки, за проверка на состојба, за повлекување пари од друг банкомат, за онлајн плаќања и електронски пристап – трошоци кои во најголем дел од земјите членки на Европската Унија се укинати или се сведени на минимум. Време е оваа неправда да престане“, велат либералите.
Во таа насока, ЛДП три пати поднесе измени на Законот за платежни услуги и платни системи до Собранието. Предложените измени предвидуваат укинување на банкарски надоместоци за кои нема никаква реална основа и кои само дополнително го оптоваруваат животниот стандард на граѓаните. Очекуваат сите пратеници, без оглед на политичката припадност, конечно да застанат зад граѓанскиот интерес и да дадат поддршка на измените.