Македонија
Сиљановска-Давкова: Во македонскиот јазик е врежан македонскиот код, на него е исткаена нашата меморија, со него ја живееме сегашноста, одиме по свое во иднината
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати порака на Денот на македонскиот стандарден јазик и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик
„Денеска, на 5 Мај, праќаме важни пораки за македонскиот јазик до сите Македонци, каде и да се, до познавачите и до почитувачите на македонскиот јазик, до идните поколенија Македонци. Денеска, камбаните одѕвонуваат на македонски јазик и за македонскиот јазик, не само тука, во татковината, туку секаде каде што се оние со кои ист јазик зборуваме и на ист јазик се разбираме ние, Македонците.
Денес, сите говорители, вљубеници, јазикољупци, почитувачи, проучувачи, посветеници на големиот, убавиот, милозвучниот македонски јазик беседат за него и на него.
Пораки за македонскиот јазик ќе праќаат и по мене и по нас, оти додека нè има, ќе го има и него: јазикот наш насушен. Без македонскиот јазик не ќе можевме да испраќаме пораки на македонски, ниту да бидеме негови мисионери“, се вели во пораката на претседателката.
„Како македонски мисионери имаме семакедонска, национална и човечка должност да го чуваме, негуваме, сакаме, развиваме, проучуваме, промовираме, обновуваме македонскиот јазик, оти без нас не ќе живее, ниту ние ќе бидеме Македонци без него. Ние сме оние што во него се препознаваме, со него се идентификуваме, по него се разликуваме од другите.
Нам, македонскиот јазик ни е духовна храна, важна и потребна колку и мајчиното млеко, тој ни е идентитетско сонце, татковина од искона. Македонскиот јазик е река што извира од европски извор и се влева во морето на европската и во океанот на светската цивилизација.
Близнак со народниот дух, македонскиот јазик битисувал во лошо и во добро низ вековите, зреел со македонскиот народ, растел и се збогатувал со новите зборови што никнувале за да ја изразат народната болка и радост, се калел и калемел во содејство со блиските јазици, плачел, шепотел, пеел, играл, им пркосел на оспорувањата и негирањата, опстојувал.
Чест ни е што сме потомци на епохалните мисионери, Светите Кирил и Методиј, личности – филозофи кои ни ја дариле светлината на словото, писменоста, уката и културата, позлатувајќи нè со азбука, писмо и писменост не само нас, туку и сиот словенски свет.
Премудриот Константин Филозоф во мугрите на сесловенската и македонска писменост, пред светската историја на совеста, гласно запраша: „Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво?“
Нè огреа и не просвети учителскиот блесок и нас, на Светите Кирил и Методиј, кои со верните и посветени ученици, Светите Климент и Наум го просветлија словенскиот и македонскиот свет со писмо, образование и наука. Мракот беше победен од светлината, незнаењето беше поразено од знаењето со помош на словенските јазици, меѓу кои и македонскиот, словенските народи, а меѓу нив и македонскиот се описменуваа.
Грандиозната дејност на Охридскиот книжевен центар на Свети Климент Охридски, поддржан од Свети Наум е монументален чин и чекор во описменувањето, што снажно ја поткрепи и поттикна мислата, овозможувајќи ѝ јазично да се изрази.
Во прашање е „моќно придвижување“, според Блаже Конески, со што се трасираше и се отвори патот за епопејата на македонскиот јазик којшто храбро тргна напред, најпрво како прасловенски јазик, старословенски јазик ‒ првиот книжевен јазик на сите Словени, создаден врз основа на говорот на македонските Словени од околината на Солун.
Јазичната еволуција се одвива од глаголицата, преку старословенската кирилица, кон современата македонска кирилична азбука“, наведува претседателката во пораката.
„Средновековната писменост и култура сведочат за континуиран развој на македонскиот јазик. Пробивот на народниот македонски јазик од ракописите од 16 век до преродбата во 19 век е значајна етапа во неговата историја.
Со и низ развојните фази на македонскиот народен јазик низ вековите растеше идејата за македонски литературен јазик и македонска самобитност, а расцвета со аргументираната научна кодификација на великанот Крсте Мисирков во делото „За македонцките работи“.
Повеќевековниот развој на македонскиот јазик доживеа законска кодификација во 1945 година, чин на крунисување на вековните стремежи на Македонците. Да укажам, по којзнае кој пат, дека може да се кодифицира само нешто што постои. Не се измислува јазик.
Кодификацијата на македонскиот јазик се реализира преку: Решението на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во Република Македонија од 2 август 1944 година, Решението на Президиумот на АСНОМ за донесување на азбуката на 5 мај 1945 година и официјалното усвојување на македонскиот првопис на 7 јуни 1945 година.
Така се остварија вековните идеали и стремежи да се изразуваме на македонски литературен јазик, да учиме и да се образуваме на македонски јазик, да имаме свој македонски литературен јазик.
По кодификацијата во 1945 година следуваше објавувањето на капиталните дела од науката за јазикот: граматиката, историјата на македонскиот јазик, речникот на македонски јазик, со што јазичниот процес се заокружи во јазичен систем и во јазична целина.
Уште еднаш да потврдам и да потенцирам дека влогот на великанот Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот јазик, во науката за јазикот и во македонистиката е монументален. Мора да го споменеме и исклучителниот придонес на Круме Кепески, но и на плејада домашни и странски македонисти, филолози и лингвисти, чии камења во темелите и во ѕидовите на македонистиката, од неа направија цврста куќа!
Македонскиот стандарден јазик не е само важен елемент на историјата на самостојна, суверена и независна Македонија, туку и темел и потпора на македонскиот идентитет. Тој е основното идентитетско обележје на сите Македонци коишто живеат на територијата на македонската држава и говорат македонски, но и на Македонците во соседните држави и Македонците насекаде во светот.
Втората половина на 20 век и двете и пол децении на 21 век се значајна етапа на подемот на македонистиката, домашна и странска, како стабилна, студиозна, аргументирана и светски призната филолошка и културолошка наука. Современата наука за македонскиот јазик, науката за книжевноста и културата бележат врвни достигнувања, а извонредни дострели и ремек-дела остваруваат македонската литература, уметност и култура.
Македонскиот јазик е семакедонска куќа и семакедонски дом на писменоста, прогресот, уката и науката, уметноста и културата.
Македонскиот јазик е жив и животворен, тој врие од енергија, отвора, раѓа и породува нови видици и светови, менува светогледи. На него сонуваме, создаваме, остваруваме, векуваме.
Во македонскиот јазик е врежан македонскиот код, вградена е нашата сушност и посебност, на него е исткаена нашата меморија, со него ја живееме сегашноста, одиме по свое во иднината.
На македонски сè уште шепоти пирејот, на македонски зборува непокорот, со македонскиот се мечтае за „белите мугри“, на македонски е навезена „Везилка“ и напишана едната и единствена македонска приказна, повеќе тажна, одошто весела.
Јазикот, македонскиот ни јазик е наша молитва, наша поезија, наша драма, наш еп, наш роман-река.
Со македонскиот јазик градиме мостови меѓу културите, преминуваме пречки, се разбираме.
Преку јазикот го креираме системот на вредности како култура на дијалог, соработка, хуманизам, човекољубие, миротворство и космополитизам, оти нам преку речта, како на Рацина: „куќа цел свет братски ни е“.
Нашиот македонски јазик е мисија на сите нас: државните органи, институциите, образовниот систем, академската, научната и општествената заедница, граѓаните, индивидуите, луѓето.
Изразувам и искажувам огромна почит кон сите македонисти, кон сиот образовен, академски и научен потенцијал, кон академиците, професорите и истражувачите, поетите и писателите, наставниците и учителите, лекторите во земјава и во странство, библиотекарите, кон сите говорители и љубители на македонскиот јазик, кон јазикољупците коишто од него прават уметност.
Лично, како човек и како претседателка на државата, со страст размислувам и говорам на македонски, ја почитувам, силно ја поддржувам и афирмирам македонистиката, секогаш и секаде: дома и во светот.
За особено важна ја сметам институционалната поткрепа на македонистиката преку дејноста на Советот за македонски јазик, работата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, лекторатите по македонски јазик, дејноста на високообразовните и научни македонистички институции. Очекувам и инсистирам на особена и посебна правна грижа за македонскиот јазик преку дејноста на Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик.
Координираното институционално чествување на овој голем јубилеј преку целата година е потврда на јасната определба за поддршка на македонскиот јазик.
Потребна ни е национална стратегија за развој и за заштита на македонскиот јазик со третман на македонистиката како дејност од врвен национален интерес со интернационално значење.
Заштитата на македонскиот јазик е наша висока должност и завет, или како што вели Мисирков: „Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш, исто така, како што ни е наша татковината ни“.
Денеска, на овој голем македонски ден, Ден на македонскиот стандарден јазик, 5 мај 2025 година, свечено и достојно го чествуваме големиот јубилеј „80 години од кодификацијата на македонскиот јазик“, но и не смееме да ги заборавиме настаните што му претходеле, оти македонскиот јазик е многу постар од стандардниот македонски јазик, или како што вели познатиот славист и македонист Реџиналд де Бреј во неговиот „Водич на словенски јазици“ во 1951 година: „Каква иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски“.
Да споменам дека годинава се навршуваат 150 години од објавувањето на Речникот на три јазика (тријазичникот), 145 години од „Слогница Речовска“, односно првата публикувана граматика на македонски јазик на Ѓорѓија Пулевски, 135 години од одбраната на првата докторска дисертација за македонскиот јазик на Дерптскиот универзитет во Естонија од Леонард Готхилф Мазинг, како и 100 години од печатењето во Атина на „Абецедарот“, на барање на Лигата на народите, претходничката на ООН!
Честит 5 Мај, Денот на стандардниот македонски јазик!“, се наведува во пораката на претседателката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

