Свет
Мерц положува заклетва: Новиот германски канцелар го чека тешка работа
Конзервативецот Фридрих Мерц денес ќе положи заклетва како нов канцелар на Германија. Тој го презема кормилото на земјата за која аналитичарите велат дека е ослабена од „ураганските“ активности на американскиот претседател Доналд Трамп и се соочува со закана од пораст на крајната десница.
Мерц, победникот на парламентарните избори кон крајот на февруари, кој рече дека „Германија е повторно на вистинскиот пат“, се соочува со огромни предизвици. Тој ги презема кормилата на најголемата економија во Европа во време на геополитички превирања, додека Европа се обидува да се ослободи од военото туторство на непредвидливиот сојузник на САД, а Германија се бори економски од 2018 година.
Лидерот на Христијанско-демократската унија (CDU) Мерц (69), адвокат по професија, е ветеран во германската политика, но никогаш не извршувал извршна функција.
Тој ќе ја преземе функцијата од социјалдемократот Олаф Шолц, кој беше поразен на изборите во февруари откако неговата коалиција се распадна поради непомирливи разлики околу буџетските приоритети.
Мерц вети дека ќе ја врати гордоста во земјата, која се соочува со длабока криза во индустрискиот свет, што трговската војна на Трамп би можела да ја влоши. Тој, исто така, вети ново лидерство во Европа, што вклучува поблиски врски со Париз, но и со Варшава.
Како нов канцелар, Мерц, како и неговите претходници, ќе ја оствари својата прва странска посета во Париз, каде што во среда ќе биде примен од францускиот претседател Емануел Макрон, пред да се упати кон Полска.
Како цврст поддржувач на Украина, новиот канцелар изјави дека е отворен, под одредени услови, за снабдување на Киев со ракети „Таурус“ со долг дострел, и покрај заканите од Русија.
Дома, Мерц ќе мора да постигне брз напредок во своите ветувања, бидејќи некои анкети ја ставаат крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) пред неговата партија ЦДУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон воведува доброволен воен рок поради руската закана
Францускиот претседател Емануел Макрон во четврток ќе го претстави нов модел на доброволен воен рок, пренесе „Политико“. Проектот не предвидува враќање на задолжителното регрутирање, туку обука што ќе ги насочи доброволците кон активниот состав или резервата.
Потегот доаѓа поради растечката руска закана, а планот има широка политичка поддршка. Елисејската палата соопшти дека за реформата ќе бидат потребни законски измени и дека ажурираниот закон за воено планирање ќе биде претставен до 21 декември.
Франција има цел до 2035 година да формира резервен состав од 105.000 лица, значително повеќе од околу 44.000 во 2024 година.
Свет
Кремљ: Европскиот контрапредлог за мир во Украина е неконструктивен
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, го оцени европскиот контрапредлог на американскиот мировен план за Украина како „целосно неконструктивен“.
„На прв поглед, европското дополнување изгледа целосно неконструктивно и не е прифатливо за Русија“, изјави Ушаков.
Тој додаде дека многу точки од првичниот американски план, испратен до Киев минатата недела, се прифатливи, но дека други бараат детална дискусија.
Ушаков изјави дека постојат „некои сигнали“ за организирање средба меѓу руски и американски претставници, но дека конечен договор сè уште нема.
Европските лидери претходно ја изразија загриженоста околу американскиот план од 28 точки, особено поради идејата дека Украина треба да прифати територијални отстапки и намалување на вооружените сили, поради што изготвија свој контрапредлог. По вчерашните разговори во Женева, САД и Украина соопштија дека составиле „ажуриран и доработен мировен рамковен документ“.
Свет
Зеленски и Трамп би можеле да се сретнат oваа седмица
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп би можеле да се сретнат во Белата куќа уште оваа недела за да разговараат за новиот мировен план, тврдат извори запознаени со преговорите. Киев значително го изменил американскиот предлог, отстранувајќи дел од максималистичките барања на Русија.
Првичниот американско-руски план од 28 точки, составен минатиот месец од специјалниот пратеник на Владимир Путин Кирил Дмитриев и претставникот на Трамп, Стив Виткоф, од Украина барал повлекување од градови под контрола на Киев во Донбас, ограничување на војската и откажување од членството во НАТО.
По неделните преговори во Швајцарија меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, планот бил драстично ревидиран – новата верзија има 19 точки. Киев и европските партнери инсистираат линијата на фронтот да биде почетна основа за територијалните разговори.

