Македонија
Директорот на Царина од Анкара: Зајакнување на оперативната соработка и заедничко профилирање на ризици со Царината на Турција
Зајакнување на царинската соработка помеѓу Македонија и Турција за што ќе се потпишат и меморандуми за соработка, воспоставување директни комуникациски канали помеѓу Секторите за контрола и истраги, размена на информации во реално време и креирање заеднички профили на ризик за специфични стоки. Ова е договорено на вчерашната средба во Анкара со министерот за трговија на Турција Омер Болат и директорите на Директоратите за Царина и Царинска контрола и истраги, на која директорот на Царинска управа Бобан Николовски како дел од делегацијата на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска имаше свое обраќање.
„Оперативната соработка и ефективната меѓународна координација и размената на информации во реално време преку воспоставување директни комуникациски канали, како и креирање заеднички профили на ризик, е суштински во борбата со транснационалниот криминал, како и во спречување на обидите за царински измами. Ваквиот пристап овозможува навремено откривање и спречување на нелегалните активности и зајакнување на безбедноста на границите. Договоривме потпишување на меморандуми за соработка, каде ќе се дефинира институционалната рамка за заедничко делување. Ваквите чекори се многу значајни бидејќи истите испраќаат позитивен сигнал до странските инвеститори и деловната заедница“, вели директорот Бобан Николовски.

Николовски воедно истакнува дека е постигната согласност за организирање на заеднички обуки фокусирани на ракување со разузнавачки информации, подобрување на аналитичките капацитети, како и размена на најдобри практики и искуства во областа на видео надзорните системи и ИКТ решенијата. Дополнително, договорено е одржување редовни експертски состаноци, со цел унапредување на капацитетите за откривање на царински измами и ефективно спречување на корупција.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

